Фото: Општина Струмица

Најмладите струмичани во неделата ги заокружија карневалските празнувања. Тие со своите маски продефилираа на Детскиот карневал што се одржува по повод празникот Прочка, во рамките на карневалските празнувања во Струмица, кои почнаа во средата.
На плоштадот во Струмица децата заедно со своите родители и наставници ги покажаа своите карневалски кореографии преку кои со песна и музика повикаа на мир, љубов, разбирање и весело детство, а не беа заборавени и омилените јунаци од цртаните филмови.
Во дефилето имаше повеќе групни маски изработени од основни училишта и од предучилишни установи од Струмица.
Карневалските празнувања во Струмица завршија вчера, на Чист понеделник, кога на прес-конференција беа објавени резултатите за најуспешните маски. Потоа на програмата беше варењето бел грав на плоштадот „Гоце Делчев“, а програмата заврши со отворање изложба на карикатури и афоризми од Интернационалниот фестивал и доделување награди за најуспешните.