Фото: ЕПА

Деби на ЕП можат да забележат Естонија, БиХ, Израел, Грузија, Луксембург и Казахстан. Од другите учесници во плејофот, Грција и Полска досега имаат по четири настапи на ЕП, Украина три, Велс два, а по еден Исланд и Финска

ФУДБАЛ – ОД ЧЕТВРТОК ДУЕЛИ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2024

Естонија од плејофот од лигата А на Лигата на нации, БиХ и Израел од лигата Б, како и Грузија, Луксембург и Казахстан од лигата Ц се можните дебитанти на фудбалското Европско првенство (ЕП). Тие ќе играат в четврток во полуфиналињата на плејофот за пласман на годинашниот континентален шампионат во Германија, а еден од нив сигурно ќе игра и во финалето, откако Грузија и Луксембург се среќаваат во полуфиналето во лигата Ц.
В четврток во плејофот на лигата А ќе играат Полска – Естонија и Велс – Финска, во лигата Б се среќаваат Израел – Исланд и БиХ – Украина, а двојките за лигата Ц се Грузија – Луксембург и Грција – Казахстан.
Од другите учесници во плејофот, Грција и Полска досега имаат по четири настапи на ЕП, Украина три, Велс два, а по еднаш Исланд и Финска. Од нив, Грција беше првак во 2004 година, Велс на своето деби играше во полуфиналето во 2016 година, четвртфиналисти на ЕП беа Полска и Исланд во 2016-та (Исланд тогаш беше дебитант на ЕП) и Украина на ЕП 2020, а на тој шампионат Финска играше во групната фаза.
На 26 март на програмата се финалињата на трите годинашни плејофа, а домаќини на тие средби ќе бидат победниците на дуелите Велс – Финска, БиХ – Украина односно Грузија – Луксембург.
Победникот на плејофот на лигата А, на ЕП 2024 ќе настапи во групата Д, во која се Холандија, Австрија и Франција, победникот во лигата Б ќе игра во групата Е, заедно со Белгија, Словачка и со Романија, а победникот на лигата Ц ќе се натпреварува во групата Ф, во која се Турција, Португалија и Чешка. Н.М.


ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2024

ЛИГА А
1. Велс – Финска четврток
2. Полска – Естонија четврток
ЛИГА Б
1. БиХ – Украина четврток
2. Израел – Исланд четврток
ЛИГА Ц
1. Грузија – Луксембург четврток
2. Грција – Казахстан четврток
финалињата се на 26 март на терените на победниците на првите полуфиналиња во секоја лига