Креативно катче

И, ете, на 8 јули, нашето „Колибри“ ќе наполни точно 65 години. Како што знаете сите, овие изминати месеци од 2023 година, на различен начин го одбележувавме овој јубилеј. Имавме голема роденденска прослава кај Школка во Градскиот парк во Скопје, организиравме награден конкурс во соработка со издателството „Македоника литера“, наградувавме, добивавме благодарници, пофалници, песнички и цртежи како честитки за овој голем и значаен јубилеј, за нас, за вас, за идните читатели…

Бисера Врглеска, Деа Оропан, Ева Димовска, Јована Радеска, Елена Абрашоска, Магдалена Николоска, Матеа Трајкоска, Методиј Димески, Леонид Данчески, Лазар Ѓуриќ, Стефан Волчески и Мила Забрчанец Спиркоска се млади ликовни таленти од Прилеп, кои заедно со уште четириесетина нивни другарчиња ги посетуваат часовите по ликовна уметност во ателјето „Артика“ кај нивните наставници Методиј Исков и Елена Димоска.

Овие вредни и талентирани дечиња, под будното око на нивните ментори, одлучија да му го честитаат роденденот на „Колибри“ на креативен и посебен начин. Цртаа и сликаа на зададената тема „Птицата колибри“ и ни испратија колаж од разнобојни, разлетани, раскрилени птици, кои го красат ова наше и ваше роденденско издание. Гледајте и наполнете ги очите со убавина!

„Колибри“ од срце им се заблагодарува на младите ликовни уметници и на нивните ментори, а на ателјето „Артика“ му го честита двегодишното постоење со желба да трае долго и во иднина да биде патоказ за уште многу млади ликовни таленти. Ф.Д.