Одржана првата детска национална олимпијада за вселената во Прилеп

Целта на проектот е унапредување на СТЕАМ-вештините меѓу младите од целата држава и зголемување на нивниот интерес за наука, истражување и иновации, преку
можност да работат на забавни предизвици во улога на „граѓани научници“. Овој концепт е промовиран од НАСА

Четвртиот регионален хакатон во рамките на Првата национална олимпијада за вселената, за деца и млади, неодамна се одржа во Прилеп, во ООУ „Кочо Рацин“, кое идната година ќе прослави 100 години од своето постоење.

Првата национална олимпијада е во организација на „Њуменс бизнис акцелераторот“ и на фондацијата „Голдилоск Скопје“, а со поддршка на Амбасадата на САД во нашата земја.

Целта е унапредување на СТЕАМ-вештините меѓу младите од целата држава и зголемување на нивниот интерес за наука, истражување и иновации, преку можност да работат на забавни предизвици во улога на „граѓани научници“. Овој концепт е промовиран од НАСА и предизвиците на кои работеа младите се дел од отворената програма на „НАСА – СТЕАМ ингејџмент“ (NASA – STEM Engagement), наменета токму за ученици и наставници, а материјалите може да ги користи секој што има интерес во оваа област.

Учествуваа 50 ученици од Прилеп и од Битола

На настанот учествуваа околу 50 ученици од основно и од средно училиште од Прилеп и од Битола. Пред жирито во состав: Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава и советник за млади во Општина Прилеп, Сотир Митрикески, електроинженер и професор во средното стручно училиште „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп, и Тони Попов, машински инженер и претприемач, учениците под водство на своите ментори наставници подготвија и презентираа креативни и уникатни решенија за трите предизвици.

Со овој настан е затворен циклусот на регионални натпревари и по заслужениот летен распуст, сите првопласирани тимови во втората половина од септември ќе имаат уникатна можност да работат на подготовка на експерименти за двата метеобалона, кои заедно, токму од Македонија, ќе ги лансираат до границите на вселената.

Првото место во категоријата средношколци го освоија Никола Бонески, Софија Настоска и Георги Николоски од СОУ „Мирче Ацев“ од Прилеп од Тим интелиџенс (Team Intelligence). Второто место им припадна на Астро докс (Astro Docs) во состав Ева Бошкоска, Матеј Шлакески и Теодора Димовска од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп, а третото место го зазеде тимот Старс (Stars), кој го сочинуваа Михаил Јорданоски, Андреј Ширкоски и Меланија Талеска од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп.

Во категоријата основци, првото место го освоија учениците од тимот ХЕД трагач, во состав: Христина Боризовска, Ева Нечовска и Дамјан Талевски од ООУ „Даме Груев“ од Битола, додека другите признанија ги добија следните тимови:

Второ место: тимот ЈКТ, Кристијан Крстески, Јован Аврамовски и Теодор Дамески од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп, и тимот Ѕвездички составен од Ева Петреска, Кјара Кондоска и Душица Трајкоска од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп.

Третото место го поделија тимовите Паралелопипеди со Софија Димитриеска и Михаил Ѓорѓиески од ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп и Огнени лисици со Илија Петрески, Нина Самарџиоска и Катерина Божоска од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп.

Специјални награди

Беа доделени и специјални признанија за два тима:
Тимот Три сонца во состав: Георгина Ивановска, Ивана Ангелеска и Марија Петреска од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп го доби признанието „Интерстелар стеам грлс тим“ (Interstellar Steam Girls Team), додека тимот Вселенски патувачи, во состав Никола Митровски и Евгенија Поп Стефановска од ООУ „Коле Канински“ од Битола, го доби признанието „Оут оф дис ворлд тим презентејшн“ (Out of this World Team Presentation).
Организаторите упатија голема благодарност до директорката на ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, до наставникот Гоце Бумбароски и до градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, кој проследи дел од презентациите и наедно им ги врачи златните медали на победниците во двете категории (основци и средношколци), како и сертификатите за другите наградени тимови.