Целта е да се дојде до исти законски дефиниции низ ЕУ во однос на тоа што претставува прекршување санкции и да се прифатат заеднички минимални казни

Земјите-членки на Европската Унија едногласно ја усвоија одлуката прекршувањето на рестриктивните мерки да се додаде на листата на прекршоци вклучени во Договорот за нејзино функционирање

Заобиколувањето на санкциите, како оние преземени кон Русија поради нејзината инвазија во Украина, ќе се смета за кривично дело во Европската Унија (ЕУ), објави неодамна чешкото претседателство со Европскиот совет. Земјите-членки на Унијата едногласно ја усвоија одлуката прекршувањето на рестриктивните мерки да се додаде на листата на „прекршоци на ЕУ“ вклучени во Договорот за функционирање на ЕУ, како што се наведува во официјалното соопштение на Советот.
Целта е да се дојде до исти законски дефиниции низ ЕУ во однос на тоа што претставува прекршување санкции и да се прифатат заеднички минимални казни во случаите кога таквите дела се направени, бидејќи тие во моментов варираат од една до друга земја-членка, што потенцијално создава правни дупки. Ова би требало да ѝ олесни на Унијата да изведува поединци и субјекти пред суд во случај на непридржување до санкциите.
Европската комисија пред себе има задача да го претстави предлогот за директивата што ги содржи правилата за дефинирање на кривичните дела и казните за прекршување на рестриктивните мерки на ЕУ. Потоа за него ќе треба да се преговара и да биде одобрен од страна на Европскиот совет и Европскиот парламент.
Досега ЕУ има воведено осум пакети санкции против Русија, со кои се забранува увоз на руски јаглен, нафта, гас и челик во Унијата, како и извоз на широк спектар производи во оваа земја, вклучувајќи и технологија што може да се користи за потребите на руската војска.