Ревизија на билатералниот договор меѓу Европската комисија и Македонија беше потпишана вчера во Брисел, со што се обновуваат активностите за спроведување на заедничкиот акциски план за борба против тероризмот за Западен Балкан.
Како што соопшти Делегацијата на ЕК во Скопје, дополнително ќе ја надгради соработката во полето на борбата против тероризмот, спречувањето и спротивставувањето на насилниот екстремизам.
– Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот останува столб на нашата соработка со Западен Балкан за да се осигури нашата заедничка безбедност. Го поздравуваме напредокот постигнат од С Македонија во спроведувањето на приоритетните дејства, а потпишувањето на овој обновен договор е конкретен знак за нашиот континуиран ангажман и поддршка за нашите партнери – рече по потпишувањето на ревидираниот договор еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој исто така е потписник на договорот, истакна дека се појавуваат нови безбедносни закани и предизвици и од тие причини само се потврдува дека меѓународната соработка е од најголема важност.
– Ревидираниот договор ќе им овозможи на С Македонија и ЕУ поблиску да соработуваат за предвидување, спречување, заштита и одговор на терористичките закани. Тоа исто така го покрива спречувањето на насилниот екстремизам и поларизацијата на нашите општества поттикнати од дезинформации – посочи Спасовски.
Ревидираниот договор меѓу ЕК и македонските власти идентификува конкретни приоритетни активности во областа на антитерористичката соработка што ќе се спроведуваат во текот на 2023 и 2024 година.
Договорите се дел од поширокиот заеднички акциски план „Џоинт екшн план“ за Западен Балкан, потпишан во октомври 2018 година, кој обезбедува сеопфатна рамка за акција за борба против тероризмот, спречување и борба против насилниот екстремизам во регионот на Западен Балкан.