Романското министерство за животна средина проценува дека во Романија има од 7.000 до 8.000 кафени мечки, што е најголем број од која било европска земја / Фото: Пиксабеј

Доколку продолжат нападите врз локалното население, мечките може да се најдат во предизборните партиски програми, истакнуваат Луиз Гијо и Клаудија Кијапа за „Политико“

Како да се постапи правилно со регулирањето на популацијата на диви животни

По честите опасни средби меѓу мечките и луѓето во текот на летото, романската владина коалиција се соочува со остри критики од поранешен сојузник за тоа како да се справи со овие животни. Проблемот се заканува дури и да стане жешко изборно прашање бидејќи Романците се подготвуваат да излезат на гласање следната година.
Танцош Барна, сенатор и еден од лидерите на малата партија Демократска унија на Унгарците во Романија, се залага да се дозволи поголем лов на мечки, со зголемување на квотите, за да се регулира популацијата и да се намалат ризиците за луѓето. Тој сака да воведе нова легислатива за таа цел наесен. Но, критичарите велат дека тој го прави тоа за да освои политички поени во руралните окрузи пред локалните и националните избори следната година, а во исто време да ја отвори вратата за повторно воведување спортски лов на мечки.
Но либералниот романски европратеник Влад Георге, член на опозициската партија Сојузот за спас на Романија (ССР), вели дека Барна бара лесна победа со гласачите од руралните средини.
– Партијата на Барна е многу силна во два од три окрузи на Романија што се во планинската област на Карпатите, каде што има големи популации на мечки, и тоа е проблем за нив – рече Георге, додавајќи дека тоа е исто така политичко прашање за нив, затоа што таму се најголемите ловечки здруженија.
Малцинската партија на Барна, која беше дел од владината коалиција со Социјалдемократската партија и централнодесничарската Националлиберална партија во 2021 година, се повлече на почетокот на оваа година поради несогласување околу функциите во кабинетот. Според анкетата на „Политико“, Социјалдемократската партија моментално води со 31 отсто, а по неа се десничарската Алијанса за единство на Романците и централнодесничарската Националлиберална партија со 19 отсто.
Партијата на Барна победи во три планински окрузи на последните локални избори во 2020 година и сега се обидува да обезбеди повеќе гласови на гласачкото ливче следната година. Барањето посилни мерки против нападите на мечките би можело да ѝ помогне на партијата на Барна да ја прошири својата изборна привлечност со целење на гласачите од соседните рурални области што моментално ги држат либералите.

Лов на мечки

Романското министерство за животна средина проценува дека во Романија има од 7.000 до 8.000 кафени мечки, што е најголем број од која било европска земја, освен Русија. Помеѓу 2016 и 2021 година имало 154 напади на мечки врз луѓе, што резултирало со 158 повреди и 14 смртни случаи, според податоците на романското министерство за животна средина. Кристијан-Ремус Пап, шеф на одделот за управување со див свет и природно богатство при Светскиот фонд за заштита на див свет за Романија, рече дека состојбата е доста драматична за локалните заедници, бидејќи иако имале неколку инструменти во изминатите години за интервенција и за отстранување на проблематичните мечки, тоа сега не се применувало. Тој додаде дека средбите со туристите имаат тенденција да се зголемуваат во летните месеци бидејќи мечките се приближуваат до човечките населби за да бараат храна.
Спортскиот лов е нелегален во Романија од 2016 година, а мечките се заштитен вид според европскиот закон, што значи дека нивното убивање е забрането, иако важат некои исклучоци за заштита на човечкиот живот или добитокот. Романија, сепак, сè уште дозволува однапред одредена квота за лов за да ја држи под контрола популацијата на мечките. Оваа квота беше жестоко оспорувана во последниве години, бидејќи компаниите можат да направат профитабилен бизнис со организирање ловечки патувања во вредност од повеќе од 10.000 евра. Политичарите и експертите не се согласуваат околу тоа дали треба да се зголеми или да се намали.
Барна, кој е ловец и поранешен министер за животна средина, сака да ја исклучи Романската академија на науки, чиј Комитет за заштита на природните споменици имаше задача да дава совети при поставувањето квоти. Тој тврди дека институцијата е под притисок да ги исполни барањата на еколошките организации и да задоволи дел од јавното мислење, нешто што Романската академија го отфрла.
Актуелниот романски министер за животна средина Мирча Фекет смета дека отфрлањето на ставот на Академијата е лоша идеја. Наместо да ја зголеми годишната квота за убивање мечки на 500 животни, како што нареди Барна додека сè уште беше на чело на Министерството за животна средина, Фекет предложи да се намали на 220, бројка одобрена од Романската академија. Тоа значи дека убивањето на животните треба строго да се регулира за да се обезбеди долгорочна одржливост на населението. Критичарите на Барна велат дека неговиот предлог е обид за тајно повторно воведување на спортскиот лов, бидејќи Романците веќе имаат способност да ги ликвидираат проблематичните мечки што пребаруваат наоколу за храна во близина на селата.
– Поттикнувањето на спортскиот лов на мечки воопшто не придонесува за контрола на населението – истакна европратеникот Георге.

Властите се пасивни

За Георге, владата не направи доволно за да ја издигне свеста и да ги едуцира луѓето како да се однесуваат со мечките. Овидиу Јонеску, професор по управување со дивиот свет на универзитетот „Трансилванија“ во Брашов, исто така рече дека сегашната стратегија на владата пропаѓа. Повторувајќи го Барна, тој рече дека притисоците од невладините организации и „емоциите“ довеле до сегашната наводно прекумерна популација, што ги зголемува конфликтите со луѓето и го загрозува другиот див свет, како што се елените.
Една од најопасните последици од прекумерниот број мечки се случува кога луѓето се обидуваат да ги преземат работите во свои раце, според Јонеску. Граѓаните во руралните средини почнаа да поставуваат отров и замки за да ги заштитат своите посеви, земјиште или животните од напади на мечки. Но тоа може да биде исклучително опасно за луѓето и дивиот свет, вклучувајќи ги и мечките, и може да ја загади животната средина.
Романскиот министер за животна средина се согласува дека има простор за подобрување, особено кога станува збор за образованието и јавната свест.
– Но единственото нешто што правилно ќе се справи со проблемот е подготвување долгорочен план заснован на научни студии – рече тој.
Фекет се надева дека до крајот на годината ќе ги добие резултатите од генетската студија за да се утврди колку мечки постојат во земјата и колку можат да се сместат во живеалиштата.