Домување

Потоплото време значи и доаѓање на комарците. Затоа, не е лошо да знаете неколку начини како да се ослободите од нив во вашето секојдневие. Ако засадите некои од овие растенија, комарците ќе исчезнат од вашиот дом. Некои растенија ги одбиваат комарците поради нивниот карактеристичен мирис. Покрај тоа, многу од нив не се само естетски туку и корисни.
Невен: Невенот се препознава по светлата боја, а има и пријатен мирис. Можете да го одгледувате во двор или да го чувате во саксии на балконот. Освен комарците, ги одбива и лисните вошки, белите мушички, црвите, па поради тоа често ги краси градините.
Нане: Нането е добар избор за одбивање комарци, но и муви и мравки. Нането можете да го одгледувате и во саксии и да го чувате на тераса, а може да се користи и кога ќе се исуши. Покрај тоа, одлично е како додаток на освежителни лимонади и ледени чаеви.
Босилек: Босилекот поради силниот мирис е сличен на нането и затоа одбива многу инсекти. Добро дејствува и како заштита од муви. Она што се советува при одгледувањето на ова растение е да се одржува влажна почвата во која е засадено.
Рузмарин: Градинарите често го препорачуваат рузмаринот. Покрај комарците, неговиот мирис одбива и разни видови молци и муви што ги напаѓаат овошјето и зеленчукот. Неговата предност е што успева во суви области, па може да преживее високи температури.
Лаванда: Лавандата содржи есенцијални масла во листовите, поради што многу инсекти ја избегнуваат. Затоа и не е чудно што пакувањата со вреќички од лаванда се ставаат во плакарите, бидејќи на тој начин се одбиваат молците. Ова растение бара многу сончева светлина и добра дренажа.