Македонската виолинистка Пламенка Трајковска настапи на концерт на престижниот фестивал „Жените од светот“, кој се одржи викендов во Истанбул. Таа ја изведе својата композиција со наслов „Ламенто вело“ за соло-виолина.
Во рамките на музичката програма на фестивалот „Жените од светот“ се реализира програма за композиција и продукција на дигитална музика со наслов „Мојот град мојот глас“, во која учествуваа одбрани музичарки од Турција, Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина. Проектот се реализира со помош на Британскиот совет, организацијата „Битс бај грлс“ и „Брајтер саунд“ од Турција. Како дел од проектот „Мојот град, мојот глас“, Пламенка Трајковска ја создаде композицијата „Ламенто вело“, која се базира на звуците од градот Скопје и на фолклорна тема заедничка за балканските простори. „Ламенто вело“ се снимаше во Белград, во студиото „Шум“, и е снимен и видеоматеријал. За композицијата, миксот и мастерингот ги прави компанија од Истанбул. Композицијата „Ламенто вело“ ќе биде дистрибуирана на сите музички платформи на почетокот од април.
Пламенка Трајковска како композиторка досега ги има издадено албумот во кросовер „Апасионато“, музичкиот албум за деца „Карневалот на животните“, синглот „Светулки“, композициите „Твојот допир“, „Феникс“, „Воздишка за тебе“ и многу други остварувања. Таа има реализирано голем број концерти на најзначајните културни манифестации во Македонија и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција Танзанија и Турција. Редовно работи во Филхармонијата и со организацијата „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Малите камерни состави креираат музички програми со класична музика и кросовер со мултимедијални елементи и музичка технологија и настапуваат на официјални концерни сцени и на алтернативни простори со цел да ја доближат класичната музика до широката публика и до младите.