Ајрис Апфел, која важеше за најстарата инфлуенсерка, почина на 102-годишна возраст, објави Би-би-си. Модната икона беше препознатлива по својата кратка бела коса, големите очила, впечатливиот кармин и бисерите што ги комбинираше со сѐ. Апфел ја достигна својата најголема популарност во 1980-тите и 1990-тите години, но таа беше почитувано име во светот на модата и во последните педесет години.
Што се однесува на нејзините позначајни соработки, таа има соработувано со голем број луѓе, вклучувајќи ги Грета Гарбо и Есте Лаудер.
Родена во еврејско семејство, во Њујорк во 1921 година, Апфел првично студирала историја на уметност и се обучила за изработка на внатрешен дизајн, особено текстил. Работела како дизајнерка на ентериер со децении, вклучувајќи проекти за реставрација во Белата куќа, пред да стане модна дизајнерка во нејзините 80-ти години и професионална моделка на 97 години. Во 2014 година таа беше тема на документарниот филм „Ајрис“, снимен од познатиот режисер Алберт Мејслс.
– Облекувањето треба да биде забавно, тоа е шанса за игра. Тоа е дел од мојот живот бидејќи јас сум креативна личност и мислам дека другите луѓе треба да бидат креативни. Стилот не се учи – изјавила модната икона Ајрис Апфел во разговор за Би-би-си во 2015 година.
Таа беше препознатлива и своја по многу нешта: од колоритната еклектика, како печат на нејзиниот имиџ, до бунтовниот дух, од кој нималку не се откажала со каков било изговор. Истовремено важеше за многу успешна деловна жена. Заедно со нејзиниот сопруг Карл Апфел, ја основале познатата текстилна компанија „Олд ворлд вејверс“. Токму таа е одговорна за дизајнот и редизајнот на ентериерот во Белата куќа, во координација и според желбите на неколку американски претседатели. Откако завршила со студиите по уметност и историја на уметност на Универзитетот во Њујорк, работела и за модниот магазин „Воманс веар дејли“. Нејзините дизајни и вонсериски моден стил беа прикажани на изложба поставена во 2005 година во музејот „Метрополитен“ во Њујорк. Ајрис им беше инспирација и муза на многу дизајнери и модни брендови, а беше блиска пријателка со Томи Хилфигер.