Фото: ЕПА

Интересните комбинаторики на глобалните производители и трговци со нафта

Меѓународната агенција за енергетика предвидува дека производството на сурова нафта во 2023 година ќе се зголеми на 12,44 милиони барели дневно, односно на 12,63 милиони барели дневно во 2024 година. Меѓународната агенција за енергетика, исто така, проектира дека потрошувачката на нафта (и други течни горива) ќе се зголеми на 20,4 во 2023 година и на 20,8 милиони барели дневно во 2024 година. Исто така, и американската Администрација за енергетски информации (во својата краткорочна прогноза за енергија од пред неколку дена) објави дека производството и побарувачката на сурова нафта во САД ќе се зголемат во 2023 година.
Се чини дека глобалната сцена е полека подготвена за повисоки цени на нафтата!? Имено, според Меѓународната агенција за енергија, годинава, побарувачката на нафта на глобално ниво ќе достигне рекордно високо ниво. ОПЕК се држи до договорот за ограничено производство. Русија, пак, најави намалување за 500.000 барели дневно на производството на сурова нафта овој месец, а пак производителите на нафта во САД постојано сигнализираа дека нема да имаат приоритет на растот на производството. На крајот, сè е до рамнотежата помеѓу понудата и побарувачката. Кога првото се затегнува, а второто останува робусно, цените неизбежно растат.

ОПЕК+ со став дека нема потреба за надоместување на намаленото руско производство на нафта

Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК+ изнесе став да не го зголемува производството на нафта заради надоместување на намалувањето на производството од Русија од 500.000 барели дневно. Имено, Москва најави дека ќе ја намали дневната понуда за 500.000 барели со почетокот на март. За потсетување, на 5 декември, земјите од Групата седум, Европската Унија и Австралија воведоа ограничена (плафонска) цена за руската нафта по море, поставувајќи ја на 60 долари за барел. ОПЕК+ се согласи да ја намали својата цел за производство за два милиони барели дневно од ноември минатата година до 2023 година. Како дел од тоа, 10-те членки на ОПЕК обврзани со договорот имаат цел на производство од 25,416 милиони барели дневно. Руската нафта најде купувачи во земји како Кина и Индија, кои не воведоа санкции. Но за издвојување е дека на Блискиот Исток и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), како и Саудиска Арабија преземаат сѐ повеќе количества руска сурова нафта.

Руска нафта во ОАЕ, Саудиска Арабија, Кина, Индија…

Според јавно достапните информации за следење бродови и изворите на тргување, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) преземаат сѐ повеќе количества со руска сурова нафта, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на свои анализи. Русија продава и сурова нафта и рафинирани производи по намалени цени по меѓународните санкции поради војната во Украина. Развојот на настаните, исто така, ја динамизира соработката меѓу Русија и врвните производители на нафта од Персискиот Залив, како што се Саудиска Арабија и ОАЕ. Арапските земји од Персискиот Залив се спротивставија на притисокот на САД да помогнат во изолацијата на Русија и да испумпуваат повеќе нафта за да помогнат да се замени руското снабдување откако таа беше под санкции од Западот. Според западните медиуми, не се знае точно кога ОАЕ почнале да увезуваат руска сурова нафта, но податоците за следење на танкерите покажуваат дека обемот се зголемил по руско-украинскиот судир и по последователните санкции на Западот кон Москва. Информациите за следење на бродовите покажуваат дека околу 1,5 милион барели руска сурова нафта отишле во ОАЕ од ноември 2022 година. Според податоците од фирмата за енергетска анализа „Кплер“, првата пратка на руска сурова нафта во ОАЕ била во 2019 година, но испораките се зголемиле по април 2022 година, со пауза помеѓу јули и октомври 2022 година. Податоците на „Рефинитев еикон“ покажуваат дека првата руска испорака на сурова нафта во земјата била во 2022 година, со скок во обемот во април 2022 година. Западните медиуми коментираат дека Министерствата за енергетика на ОАЕ и на Русија не одговориле на барањата за коментар на овие сознанија.
Саудиска Арабија увезува значително количество руски мазут за согорување во своите електроцентрали додека ослободува повеќе сурова нафта за извоз. Претходно беше пријавена само една пратка руска сурова нафта во ОАЕ.
Кина, Индија и неколку африкански и други земји од Блискиот Исток, исто така, го зголемија увозот на руска сурова нафта и производи, додека многу земји ги забранија или обесхрабрија таквите набавки.

Германија повеќе не сака да купува сурова нафта од Русија, но…

Германија повеќе не сака да купува сурова нафта од Русија за да стане независна од својот досега најважен снабдувач со енергија. Сепак, Москва сè уште го одржува влијанието во Германија преку договорот за снабдување со Казахстан.
Според реномираниот „Дојче веле“, изминатата недела Казахстан ја испорача првата пратка сурова нафта во Германија преку нафтоводот „Дружба“ (Пријателство). Со тоа треба да се обезбеди снабдување на важната рафинерија во Швед, Источна Германија, која до крајот на минатата година речиси исклучиво преработуваше руска нафта. Испораката на 20.000 тона (145.000 барели) е дел од планот Германија да стане помалку зависна од руската нафта. Најголемата европска економија годинава престана да купува нафта од Русија. И ова и покрај фактот што суровата нафта од нафтоводот е исклучена од ембаргото наметнато од Европската Унија против руската нафта како дел од санкциите против Москва поради војната во Украина. Казахстан, кој ѝ е сојузник на Русија, сака да пренесе 1,2 милион тони сурова нафта во Германија оваа година. Казахстанската државна компанија „Казтрансоил“ веќе доби одобрение од рускиот партнер „Транснефт“ да испорача 300.000 тона преку нафтоводот „Дружба“ овој квартал.
За релативно кратко време, Германија успеа да најде замена за повеќето руски испораки. Сепак, беше тешко да се најдат алтернативи за Швед, бидејќи местото не е поврзано со западногерманските нафтоводи и патишта за снабдување. Како резултат на тоа, рафинеријата работи само со 60 отсто капацитет. Испораките од Казахстан ќе обезбедат рафинеријата да може да работи со поголем капацитет. Рафинеријата моментално се снабдува со сурова нафта од светскиот пазар, како што се САД, преку нафтовод од пристаништето Росток на Балтичко Море. Русија, пак, ќе има приходи преку транспортните такси што се лиценцирани од „Транснефт“ бидејќи протокот минува низ нејзината мрежа. Тоа, според западните експерти, е извор на дополнителни приходи за Москва во време кога западните санкции и ограничувањата на цените влијаат на нафтениот бизнис, а според нив, „нафтата мора да се транспортира илјадници километри низ руската територија, поради што испораката зависи од руската добра волја“. Нафтата од Казахстан не е предмет на ембаргото на ЕУ и не спаѓа под доброволното германско откажување од нафтата од Русија. Нафтата од Казахстан прво се испумпува во Русија, каде што се меша со руската сурова нафта пред да се извезе од руските пристаништа. За да избегне проблеми со западните санкции, Казахстан минатата година го преименуваше KBCO за да се разликува од руската РЕБКО (Russian Export Blend Crude Oil) или сурова нафта од Урал. Полска, преку која казахстанската нафта ќе тече во Германија, особено се плаши дека би можело да биде тешко да се утврди нејзиното потекло. Според германското министерство за економија, неизбежно е дел од руската нафта на овој начин да дојде во Германија. Сепак, според министерството, важно е парите да не одат во Русија бидејќи работата се работи со казахстанска компанија, без руска компанија.

Р.Н.М