Нуклеарна електрана „Запорожје“/Фото: Енергоатом

Кина официјално објави дека ќе ѝ додели 200.000 евра помош на Украина за нејзината нуклеарна безбедносна програма.
– Кина ќе донира 200.000 евра за програмата за техничка помош на Украина за нуклеарна безбедност и заштита, со цел зајакнување на безбедноста на нуклеарните постројки на Украина преку конкретни активности – рече портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг на прес-конференција во Пекинг.
Обраќањето на портпаролката дојде откако Киев соопшти дека дипломатските разговори меѓу Украина и Русија за нуклеарната централа Запорожје дошле во „ќор-сокак“ бидејќи борбите за централата под контрола на Русија продолжиле повеќе од една година. Во неделата, украинскиот министер за енергија Херман Халушченко исто така рече дека извештаите на персоналот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) стациониран во објектот покажале дека руската страна се однесува крајно неодговорно во врска со нуклеарната централа „Запорожје“.

Каква е сегашната ситуација во врска со нуклеарката „Запорожје“?

Нуклеарната централа „Запорожје“, најголемата во Европа и една од 10-те најголеми нуклеарни централи во светот, е под руска контрола од март 2022 година, непосредно по почетокот на војната во Украина. За нуклеарната централа „Запорожје“ во јавноста неколкупати беа поврзани стравувања од евентуална нуклеарна катастрофа, бидејќи се водеа битки со тешки гранатирања во таа област. Но, исто така, во јавноста беа објавени и фотографии, видеа и текстови каде што украински и руски војник, седнати еден до друг во контролната соба на нуклеарката, ги контролираат дисплеите (екраните) каде што се отчитуваат параметрите за работата на нуклеарната централа „Запорожје“. Деновиве украинската нуклеарна централа „Запорожје“ повторно е исклучена од редовно снабдување со електрична енергија.
Нуклеарката сега се напојува со дизел-генератори за итни случаи. Ова го соопшти украинскиот нуклеарен оператор „Енергоатом“, додавајќи дека снабдувањето со гориво може да трае 10 дена. Според операторот, ова е шести пат за време на украинско-рускиот воен судир нуклеарната централа да мора да работи во вонреден режим. И портпаролот на рускиот нуклеарен оператор „Росенергоатом“ потврди дека централата во Запорожје е исклучена од редовната електрична мрежа, но наедно ја обвини Украина дека го прекинала снабдувањето без очигледна причина. Нуклеарната централа „Запорожје“, најголемата во Европа, е под руска контрола речиси една година. П.Р.