Владата на Велика Британија го претстави новиот Закон против илегална имиграција

Владата на Обединетото Кралство во вторникот го претстави пред парламентот законот за кој верува дека драстично би ја спречил илегалната имиграција во Велика Британија. Според новиот предлог-закон ќе се овозможи брза процедура за приведување и брзо отстранување на секој што илегално ќе влезе во Британија.
Секретарката за внатрешни работи Суела Браверман даде изјава пред парламентот во врска со контроверзната легислатива во врска со малите чамци што го преминуваат каналот Ла Манш и рече дека одвраќањето е клучна тема во новите мерки. Таа рече дека развиените земји како Велика Британија ќе се соочат со „притисоци без преседан“ поради илегалната имиграција во наредниот период.
– Ајде да се соочиме со тоа, има 100 милиони луѓе низ светот, кои би можеле да се „квалификуваат за заштита“ според нашите сегашни закони. Да бидеме јасни. Тие доаѓаат овде. Сведоци сме на 500 отсто зголемување на преминот на мали бродови за две години… и тоа е клучната точка на овој предлог-закон. Тие нема да престанат да доаѓаат овде додека светот не дознае дека ако нелегално влезете во Велика Британија ќе бидете приведени и брзо отстранети – рече таа.
Бранејќи го предлог-законот како чувствителен, таа рече дека предложениот закон за илегална миграција ќе вклучува мерки за воведување годишно ограничување на бројот на бегалци што Велика Британија ќе ги прима преку безбедни и легални патишта. Горната граница ќе ја одреди парламентот.
Во целата ситуација, секретарката за внатрешни работи Суела Браверман јавно, отворено и чесно призна дека не може со сигурност да каже дали предложениот закон е во согласност со меѓународноправно прифатената легислатива за човекови права и Законот за човекови права.
Имено, предлог-законот ќе овозможи луѓето да бидат притворени до 28 дена без кауција или судски преглед, а должност на министерот за внатрешни работи ќе биде да ги отстрани илегалните имигранти. „Децата без придружба – малолетниците што илегално доаѓаат во Велика Британија нема да бидат преместени во безбедна трета земја додека не наполнат 18 години“, се вели во соопштението на Владата.
– Сакаме јасно и гласно да испратиме порака до шверцерите на луѓе и до оние луѓе што размислуваат да го преминат Каналот: „Не правете го тоа“. „Не предавајте ги вашите животни заштеди, не влегувајте во тој слаб гумен чамец, не ризикувајте го животот, бидејќи нема да имате право да живеете во Обединетото Кралство“ – истакна во својот говор во насока на одбрана на предлог-законот, секретарката за внатрешни работи, Суела Браверман.

П.Р.