Самостојната изложба на Мице Јанкуловски со наслов „Над црното“ е отворена во реномираната галерија „Галатека“ во Букурешт, Романија. Куратори на изложбата се Анка Боериу од Романија, универзитетска професорка на Националната академија за уметност во Букурешт, и Корнелија Конеска од Македонија.
Јанкуловски со изложбата „Над црното“ се претставува со полиптихот „Круговите на Леонардо 2“ (четири слики, акрил на платно, 195 х 780 см) и сегмент од три дела од полиптихот „Ноќите на Тоскана“ (десет слики, акрил на платно, 195 х 1950 см).
„Галатека“ е мултидисциплинарна уметничка галерија, жив и модерен простор што го носи потписот на архитектот Раду Теака, сместена во историска зграда во срцето на Букурешт.
– Со својата отвореност кон експериментот во уметноста, овој простор стана култен уметнички центар, платформа каде што се спојуваат современата и класичната уметност и кој им овозможува на уметниците, дизајнерите, архитектите, кураторите и луѓето од медиумите да се сретнат и да соработуваат… сè со цел да ѝ понуди на јавноста поинаков вид уметничка интеракција преку која се истражуваат повеќе области и форми на уметничко изразување: од стрипови до видеоарт, од слики и цртежи до инсталации и случувања, од современи романски уметници што испишаа историја до мода, од класични мајстори до мултидисциплинарни меѓународни уметници – вели
Корнелија Конеска, кокураторка и менаџерка на проектот.