Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Како и секоја година, така и годинава, за возачите во земјава во овој период се активираат правила и прописи од областа на безбедноста на патниот сообраќај што во голема мера ја зголемуваат безбедноста на патиштата, се разбира, доколку стриктно се почитуваат. Со оглед на тоа што сообраќајните експерти направиле анализа какво влијание имаат временските услови врз безбедноста во сообраќајот, токму од денеска почнува задолжителното носење зимска опрема во возилата. Што значи тоа?

ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ЗАКОНСКАТА ОБВРСКА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНО НОСЕЊЕ ЗИМСКА ОПРЕМА ВО ВОЗИЛАТА

Законската обврска за задолжително поседување т.н. зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, започнува денеска, 15 ноември.
Обврската е пропишана во членот 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, каде што во став 1 е наведено дека моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да ја поседуваат пропишаната зимска опрема. За тоа каков е законот, кои се обврските на возачите, колкави казни следуваат и зошто е толку важно да се носи зимска опрема, направивме анализа на состојбата во Македонија.

Имањето „зимска опрема“ и нејзиното користење се за добробит на возачите

Во одредени области на територијата на Македонија веќе се чувствуваат првите навестувања дека претстојат зимски временски услови. На некои од планините падна и првиот снег, а температурите на воздухот значително опаднаа. Дополнително, маглата, првите мразови, накиснатите лисја на коловозите, како и обилните врнежи од дожд, ја зголемуваат опасноста од несакани инциденти на патиштата низ земјава.
Издвојуваме дека, според Законот, „полицискиот службеник ќе му нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема“. Исто така полицискиот службеник може да му нареди возачот да го прекине натамошното движење и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење зимска опрема ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.

– Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде на возачот што постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член – се наведува во Законот.
Од МВР велат дека мерката е во согласност со одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, за безбедно учество во сообраќајот на патиштата.
– Апелираме до граѓаните да се придржуваме кон законската обврска за поседување зимска опрема, бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови – велат од МВР.

Возачи, ползувајте ги препораките на поискусните возачи, а и на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата

Како и секоја година, така и годинава, за возачите во земјава во овој период се активираат правила и прописи од областа на безбедноста на патниот сообраќај што во голема мера ја зголемуваат безбедноста на патиштата, се разбира, доколку стриктно се почитуваат. Со оглед на тоа што сообраќајните експерти направиле анализа какво влијание имаат временските услови врз безбедноста во сообраќајот, токму од денеска почнува задолжителното носење зимска опрема во возилата. Што значи тоа?
Временските услови имаат големо влијание во безбедното одвивање на патниот сообраќај, така што секој возач има обврска да го приспособи своето возило на условите на патот и да ги почитува сообраќајните правила и прописи, а учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото во услови на влажни коловози и ниски температури.
Според експертите, најважно е да се внимава на брзината, безбедното растојание меѓу возилата, условите на патот во време на магла, мраз, дожд, а пред сѐ на исправноста на возилото.

– Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, појави на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози се очекувани, особено доколку се патува во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа треба многу да се внимава, да се приспособи брзината според условите на патот, за безбедно да се пристигне на посакуваната дестинација – се наведува во препораките што секоја година ги објавува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачките на возилото, па затоа е потребно да се држи безбедно растојание и да се внимава на другите учесници во сообраќајот.
Според експертите, секогаш кога се движите во услови на магла, прво треба да ја намалите брзината и да ги вклучите соборените светла и светлата за магла, а при есенски и зимски услови на патот особено е важно да се управува технички исправно возило.

Искуствата покажуваат дека при ниски температури и влажни и лизгави коловози, на површина излегуваат сите неисправности на возилото. Затоа, за лична безбедност на возачите и за безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, треба да се прави редовна проверка на возилото, со посебен акцент на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката и сл.
Носењето и користењето квалитетна зимска опрема во голема мера може да ја елиминираат опасноста што ја носи зимското време.