• По повод јубилејната 35-годишнина од Денот на независноста на Македонија, потврдена со референдумот од 1991 година, најпознатиот симбол и препознатлива икона на Брисел, статуетката „Манекен пис“, на 8 Септември за првпат во историјата беше облечена во македонска народна носија. Станува збор за традиционална машка носија од селото Кучевиште на Скопска Црна Гора
  • И не беше тоа само облекување на една мала бронзена статуетка, тоа беше потврда и промоција на една национална историја. На една култура што преживеала векови, на еден јазик што не престанал да зборува, на едно име што не исчезнало, на еден народ што, колку и да било тешко, останувал свој

Токму на денот кога се одбележуваше 8 Септември – Денот на македонската државност – во срцето на Брисел се случи можеби мал настан по своите димензии, а огромен по своето значење.

Светски познатата статуетка од Брисел, „Манекен пис“, проговори на македонски јазик, и тоа без зборови

По повод јубилејната 35-годишнина од Денот на независноста на Македонија, потврдена со референдумот од 1991 година, најпознатиот симбол и препознатлива икона на Брисел, статуетката „Манекен пис“, на 8 Септември за првпат во историјата беше облечена во македонска народна носија. Станува збор за традиционална машка носија од селото Кучевиште на Скопска Црна Гора.
И не беше тоа само облекување на една мала бронзена статуетка, тоа беше потврда и промоција на една национална историја. На една култура што преживеала векови, на еден јазик што не престанал да зборува, на едно име што не исчезнало, на еден народ што, колку и да било тешко, останувал свој.

Пред очите на Брисел и пред цела Европа, македонската песна денес одекна преку звуците на македонската химна

Македонската носија помина низ улиците на европската престолнина, во свечена процесија, меѓу луѓе и институции, не како музејски експонат, туку како жива култура. Токму затоа, оваа слика ќе остане подолго од еден ден. Зашто Македонија денес не бараше дозвола да биде Македонија. Не бараше ничие одобрение за својот јазик. Не се откажуваше од своето наследство. Не менуваше симболи за да биде прифатена. Не се откажуваше од себе за да влезе во Европа. Само дојде. Со својата песна. Со својата носија. Со своето име. И застана исправено.

Од Македонија до Брисел

Македонија, на својот голем празник, на третиот Илинден, со љубов ѝ го освои срцето на Европа. Носија од едно мало македонско село до еден од најпознатите европски симболи. И повторно, на еден значаен датум и јубилеј, на 8 Септември, Македонија доби едно можеби најнеобично, но навистина моќно сведоштво за својата историја – малото бриселско бронзено момче облечено во македонска носија. Мало по става, но големо по пораката. Македонија постои! Македонија памети! Македонија слави! И игра и пее и се радува. И Македонија – не се предава! Н.М.