ДЕНЕСКА ПОЧНУВА 34. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА ЗА МАЖИ

  • Ќе играме пред полна сала, во земја каде што одбојката е спорт број еден и не се сомневам дека Бугарите ќе направат сѐ отворањето да биде спектакл. На тој натпревар ќе се обидеме да дадеме максимум, што поголем број играчи да добијат шанса за да ја почувствуваат атмосферата и да сфатат што значи еден голем натпревар на ЕП, вели македонскиот селектор Јошко Миленкоски

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија и домаќинот Бугарија денеска (19 ч.), група Б, во арената „8888“ во Софија (капацитет 14.000), ќе го отворат 34. Европско првенство (ЕП). Еден час подоцна во Клуж (Полска) ќе почне и мечот меѓу домаќинот Романија и Летонија во групата Д, додека првите дуели во групите А и Ц се играат утре. На ЕП учествуваат 24 селекции, а најдобрите четири од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето. Кодомаќини на ЕП 2026 се Италија, Бугарија, Финска и Романија, а мечевите за бронза и за злато ќе се играат во Милано (Италија) на 26 септември.
Македонија во понеделникот стигна во Софија, кога го одработи и првиот тренинг, а од 9 до 16 септември ќе игра со домаќинот, потоа со Полска, Украина, Португалија и со Израел. За црвено-жолтите ова ќе биде четврто учество во низа на ЕП. Претходно настапи на ЕП во 2019 година (се играше во Франција, Словенија, Белгија и во Холандија), каде што го освои 17-то место, на ЕП во 2021 (во Полска, Чешка, Естонија и Финска) заврши 23-та, а на ЕП во 2023 (во Македонија, Италија, Бугарија и Израел) првпат се пласира во осминафиналето и го освои 16-то место. Титулата од 2023 година ја брани Полска, која во финалето во Рим ја совлада Италија со 3-0 во сетови, а Словенија беше трета, победувајќи ја Франција со 3-2. Победникот од ЕП 2026 ќе обезбеди настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2028 во Лос Анџелес (САД), додека трите најдобри селекции ќе се квалификуваат на Светското првенство (СП) 2027 во Полска. Најтрофејна селекција, со 12 злата, е поранешниот СССР, а втора е Италија со седум.
Бугарите како домаќини ќе ја имаат поддршката од публиката, а како актуелни светски вицепрваци, важат за големи фаворити. Но Македонија на ЕП 2019 година во Љубљана го победи токму домаќинот Словенија.
– Повеќе ме радува што на отворањето ќе играме пред полна сала против домаќинот Бугарија во сала од 14.000 публика отколку против Полска или Израел и на трибините да има само 50 луѓе. Секако дека таквиот амбиент е многу голема мотивација и за нас. Цел на Бугарите е преку ЕП да стигнат до ЛОИ 2028 и не го кријат тоа. По освојувањето на среброто на СП 2025 им пораснаа апетитите.

За нас е големо задоволство да го отвориме ЕП против нив и ако пред седум години пред полно „Стожице“ ја победивме Словенија, зошто сега да не биде исто. Имаат силна репрезентација, физички се појаки од нас и изгледаат импресивно кога ги гледаш на телевизија. Ние мора да играме мудро, искусно и со трпение. Не смееме да им дозволиме да нѐ бомбардираат со сервис и со блок, кое е нивно главно оружје, туку да најдеме решение и да им влеземе во системот. Само така може да се надеваме на нешто – вели капитенот на македонската репрезентација, Никола Ѓоргиев, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Техничарот Давид Стојанов, коректорот Кристијан Илијев, средниот блокер Михајло Мирасчиев, како и либерото Филип Јованов, се четворицата играчи што за првпат ќе настапат на ЕП. Другите десетмина се добро познати и во минатото го носеа товарот на големите натпреварувања. За селекторот Јошко Миленкоски ова ќе биде трето ЕП, а вторпат по 2023 година. На ЕП 2017 година беше селектор на Турција со која стигна до плејофот.
Со дури четворица од вкупно петте ривали во групната фаза, Бугарија, Португалија, Украина и Израел, Македонија ќе игра за првпат на ЕП. Досега единствено се соочи со Полска во групната фаза на ЕП 2023 во Скопје, кога загуби со 0-3. Во пресрет на ова ЕП, Македонија настапи во Европската лига (ЕЛ) 2026 и одигра шест меча со резултат од три победи и три порази. Беа победени Луксембург, Исланд и Косово, кои нема да настапат сега, додека загуби од Холандија, Грција и од Израел, кои се учесници на ЕП 2026. Македонија досега играше на четири финалиња на завршниот турнир во ЕП (2015, 2016, 2017), како и во финалето на Европската сребрена лига во 2021, но сите ги загуби.

– Може да изразиме само задоволство што го отвораме ова првенство против домаќинот, кој е и актуелен светски вицешампион. Бугарија влегува со огромни амбиции за висок пласман и нов голем резултат. Ќе играме пред полна сала, во земја каде што одбојката е спорт број еден и не се сомневам дека Бугарите ќе направат сѐ отворањето да биде спектакл. Како стручен штаб и репрезентација да играме во еден таков амбиент, како никогаш досега, е голема чест. На тој натпревар ќе се обидеме да дадеме максимум, што поголем број играчи да добијат шанса за да ја почувствуваат атмосферата и да сфатат што значи еден голем натпревар на ЕП. Нѐ очекува спектакуларно отворање на ЕП, а среќа и задоволство е што ќе бидеме учесници на самиот тој настан – дециден е селекторот на македонската репрезентација, Миленкоски, пренесе ОФМ.
За Бугарија, ова ќе биде петти пат да биде домаќин на ЕП (од кои три пати кодомаќини), во вкупно 32 настапи на ЕП. Само Италија со 33 и Франција со 32 учества (вклучувајќи го и ЕП 2026) може да се пофалат со таква бројка. Нашиот источен сосед има пет медали од ЕП, сребро во 1951 и бронзи во 1955, 1981, 1983 и 2009 година. Бугарите на ЕП влегуваат со големи амбиции, како домаќини, како сребрени од СП 2025 (загубија во финалето со 1-3 од Италија), а сега целат кон пласман на ЛОИ 2028 во Лос Анџелес или, пак, да завршат меѓу носителите на медали на ЕП. На последното ЕП 2023, Бугарија со 0-3 беше елиминирана во осминафиналето од Франција. Во пресрет на ЕП 2026, Бугарија настапи во Лигата на нациите (ЛН) и заврши деветта со седум победи и пет порази, сите од европски селекции (Белгија, Србија, Словенија, Полска и Франција). Александар Николов е најдобриот поентер на Бугарија и во ЛН 2026 со 278 и на СП 2025 со 173 поени. За селекторот на Бугарија, Италијанецот Џанлоренцо Бленгини, ова ќе биде четврто ЕП. Претходно тој ја водеше Италија во 2015, кога освои бронза, а беше селектор и во 2017 и 2019 година. Г.И.


Ма­ке­до­ни­ја, со­став

ТЕХНИЧАРИ: Ѓор­ѓи Ѓор­ги­ев (Ал­тер­на СПВБ, Фран­ци­ја), Да­вид Сто­ја­нов (Штип УГД); KОРЕКТОРИ: Ни­ко­ла Ѓор­ги­ев (Кар­ло­вар­ско, Че­шка), Кри­сти­јан Или­јев (Стру­ми­ца 47/72); ПРИМАЧИ: Але­ксан­дар Ља­фтов (Ело­ре, Ун­га­ри­ја), Вла­до Ми­лев (ВРЦК, Ун­га­ри­ја), Лу­ка Ко­стиќ (Ана­ге­ни­сис, Ки­пар), Сто­јан Или­ев (Штип УГД), То­ше Ефре­мов (Чр­ну­че, Сло­ве­ни­ја); СРЕДНИ БЛОКЕРИ: Фи­лип Ма­џун­ков (Ле­у­вен, Бел­ги­ја), Фи­лип Са­вов­ски (Па­на­ти­на­и­кос, Гр­ци­ја), Ми­хај­ло Ми­рас­чи­ев (Штип УГД); ЛИБЕРА: Ко­ста­дин Рич­ли­ев (Штип УГД), Фи­лип Јо­ва­нов (Хо­че, Сло­ве­ни­ја).


Ме­че­ви­те на Ма­ке­до­ни­ја во гру­па­та Б

9.9 Бу­га­ри­ја – Ма­ке­до­ни­ја 19 ч.
11.9 Укра­и­на – Ма­ке­до­ни­ја 16 ч.
13.9 Ма­ке­до­ни­ја – Пол­ска 19 ч.
15.9 Ма­ке­до­ни­ја – Пор­ту­га­ли­ја 16 ч.
16.9 Изра­ел – Ма­ке­до­ни­ја 16 ч.