Олгица Антовска, академска сликарка
- Моите дела не нудат конкретна порака, туку создаваат простор за лично доживување, момент во кој човек може да застане и да се соочи со сопствените мисли и чувства. Ако по излегувањето од изложбата некој почувствува поголема чувствителност кон светот околу себе, тогаш сметам дека моите дела ја исполниле својата улога, вели Олгица Антовска
Во големата сала на галерискиот простор „Чифте-амам“ неодамна беше поставена самостојната изложба „А“ на уметницата Олгица Антовска. Поставката е конципирана како долг полиптих од триесет платна, поставени на бела заднина и продолжени во нишите на просторот. Делата, инспирирани од водата и светлината, уметницата ги претвора во симбол на живот и духовност. Изложбата прикажува мотиви на вода и светлина преку едноставни форми. Сликите асоцираат на маглина, облаци или површини на вода; оформени се со чисти линии и јасен светлосен фокус што ја води композицијата и го насочува вниманието на гледачот. Творештвото на Антовска поврзува природа и човек, видливо и невидливо, со препознатлив лирски апстрактен израз. Со повеќе од 30 години активно творештво, изложби во Македонија, Србија, Германија, Полска и во САД, како и со учества на меѓународни биеналиња, Олгица Антовска се афирмира како една од најзначајните македонски современи уметници со меѓународно признание.
Со Ваши зборови, каков опис ѝ давате на изложбата?
– За мене, оваа изложба е простор на тишина и внатрешно слушање. Таа не бара од гледачот да разбере, туку да почувствува – да застане, да се повлече од вревата и да се поврзе со нешто подлабоко, речиси првично. Овие дела не се обидуваат да раскажат приказна, туку да создадат состојба. „А“ е, можеби досега, најчистата форма на присуство.
Како водата Ве инспирираше да ја поставите како централен мотив и „жив субјект“ во изложбата „А“?
– Водата ме привлекува затоа што е едновремено конкретна и метафорична. Таа е физички елемент што го гледаме и допираме, но истовремено носи сеќавања, движење и трансформација. За мене таа е метафора на времето – водата постојано се движи и тече, нема застој, сѐ е во промена. Ме инспирира нејзината способност да рефлектира и да филтрира светлина, да создава ритам и да менува облик, од капка до бран, од мирна површина до тврда маса. Во моите дела ја третирам како „жив субјект“, ги следам нејзината динамика, нејзините премини и начинот на кој светлината ја активира површината. Оттука водата не е само тема туку и енергија што ја движи композицијата.
Како се развиваше процесот на создавање на полиптихот од 30 платна?
– Речиси сите процеси на создавање ми се слични, накратко, содржат систематска структура и интуитивни одлуки. Најнапред делата ги конципирав во циклуси, тоналитет, начин на третирање на светлината, некои платна добиваа повеќе текстура, други повеќе „тишина“. Триесетте платна се замислени како интегрирана целина, кога се поставени едно до друго, тие создаваат хоризонтален пат што нѐ води низ различни состојби на водата. Сепак, секое платно има своја автономија, може да се гледа и самостојно и да раскажува своја мала приказна (капка, бран, облаци). Така, гледачот може да пристапи и фрагментарно и да се движи низ целината како низ серија сцени.
Кое е симболичкото значење на кружните и на елипсовидните форми во четирите циклуси?
– Кружните и елипсовидните форми ја носат идејата за центар и повторување (немаат агли), создавајќи чувство на непрекинатост и внатрешен ритам. Мене ме асоцираат на нешто органско и природно, нешто што живее и се движи. Во мојата уметност тие носат смисла на континуитет и ја поттикнуваат перцепцијата на гледачот да се движи, како да учествува во еден вечен тек. Симболично, кругот може да се чита како капка вода или како внатрешен центар на човечката емотивност, додека елипсата носи чувство на движење и насока. Во четирите циклуси тие ја артикулираат различната природа на водата, од статична меморија до динамичен бран, и помагаат да се структурираат емоционалните и визуелните варијации.
Како ја истражувате врската меѓу природата и човекот преку визуелниот јазик што го користите?
– Врската меѓу природата и човекот за мене не е нешто надворешно, туку суштински внатрешна. Јас не ја прикажувам природата како пејзаж, туку како состојба, како нешто што веќе постои во нас. Преку меки премини и суптилност на бојата се обидувам да создадам чувство на органско движење, нешто што дише и се менува. Тие процеси ѝ се блиски и на природата, но и на човековата внатрешност – емоциите, мислите, тишината. Во моите дела нема јасна граница помеѓу надворешното и внатрешното. Формите истовремено можат да се читаат и како природни феномени и како внатрешни состојби. На тој начин се обидувам да потсетам дека човекот не е одвоен од природата, туку е нејзино продолжение. Дека истиот тој ритам постои и во нас. Можеби токму во таа тивка препознатливост се создава вистинската врска.
Со изложбата го повикувате гледачот на дијалог со природата и сопствената внатрешност. Која е пораката што ја упатувате до публиката?
– Уметниците често не сакаат да ја затворат смислата на делото. Кога уметноста е отворена, како мојата, со вода, светлина и простор, не чувствувам потреба да им кажам на луѓето што точно треба да почувствуваат. Би сакала публиката да понесе чувство на внатрешна тишина и поврзаност. Моите дела не нудат конкретна порака, туку создаваат простор за лично доживување, момент во кој човек може да застане и да се соочи со сопствените мисли и чувства. Ако по излегувањето од изложбата некој почувствува поголема чувствителност кон светот околу себе, тогаш сметам дека моите дела ја исполниле својата улога.
































