Во преполната сала „Артгет“, на улицата „Кнез Михаилова“ бр. 6 во центарот на Белград, триото „Анимато“ синоќа одржа концерт што публиката го награди со долги аплаузи и бис. Внимателно избраната програма за две флејти и пијано предизвика голем интерес кај публиката, меѓу која имаше претставници на дипломатскиот кор, академската и музичката заедница, македонската заедница во Србија, како и странски љубители на музиката.
Покрај интерпретациите на дела од Шостакович, Доницети, Елгар и Фурштенау, посебно воодушевување предизвика „Кољо“ од македонскиот автор Давор Јордановски, композиција создадена според мотиви од традиционалната песна „Не си го продавај, Кољо, чифликот“. Публиката ја поздрави и бравурозната изведба на „Либертанго“ од Астор Пјацола.
Концертот го организираше Македонскиот културно-информативен центар во Белград, предводен од директорот Васко Шутаров, со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Триото „Анимато“ е формирано во 2020 година од уметници кои ги поврзува љубовта кон камерното музицирање. Оттогаш составот континуирано настапува на домашните концертни подиуми и фестивали, изведувајќи дела од светската литература и од современото македонско музичко творештво.
Членките на триото се истакнати музички уметници кои образованието го стекнале на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а посветено работат и во областа на музичката едукација.

Пијанистката Светлана Димитриевска е раководител на одделот по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Редовно настапува со своите ученици и учествува на домашни и меѓународни натпревари. Член е на жирија и организациски комисии на повеќе натпревари, членка е на ЕПТА Македонија и ги промовира настаните Piano Day Skopje, посветени на афирмацијата на младите пијанистички таленти. Настапува и како концертен пијанист со бројни македонски инструменталисти.
Флејтистките Даниела Неделковска и Симона Марочковска – Манојловска соработувале со оркестри и камерни состави и настапувале на манифестации и фестивали, меѓу кои „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Мајски оперски вечери“ и „Денови на македонска музика“. Во својата активна педагошка работа бележат бројни признанија и награди освоени со нивните ученици, а учествуваат и во организација на меѓународни натпревари, семинари и педагошки проекти.

































