Фото: Фејсбук/ Сашо Клековски

Од кардиоваскуларни заболувања минатата година во земјава починале 6.888 лица, а овие заболувања учествуваат со 34 отсто во вкупниот морталитет. Со стапка на смртност од 378,4 на 1.000 жители, кардиоваскуларните заболувања се на прво место меѓу причините за смртност.

Ова денеска го истакна директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, по повод Светскиот ден на срцето. По тој повод, ИЈЗ организираше бесплатни превентивни прегледи за граѓаните, кои опфаќаа мерење на крвниот притисок, шеќерот во крвта, висината и телесната тежина, како и совети од стручни лица.

Андоновска посочи дека целта на активностите е подигнување на свеста за кардиоваскуларните заболувања и значењето на навремената превенција.

 – Со ваквите активности сакаме да ја подигнеме свеста за раната превенција, бидејќи превенцијата е клучна, и да испратиме порака да се избегнуваат ризиците што може да придонесат до тоа – рече Андоновска.

Како значајни ризик-фактори таа ги посочи високиот крвен притисок, зголеменото ниво на шеќер во крвта, зголемената телесна тежина и недоволната физичка активност.

На пунктот за бесплатни прегледи беше присутен и министерот за здравство Сашо Клековски, кој оцени дека кардиоваскуларните заболувања и смртноста од нив претставуваат сериозен предизвик за земјата, регионот и светот.

Тој посочи дека Македонија и регионот имаат двојно повисока предвремена смртност во споредба со Европа и нагласи дека кардиоваскуларните заболувања се меѓу главните придонесувачи за предвремена смртност кај лицата на возраст од 30 до 70 години.

Според Клековски, дел од ризиците можат навреме да се откријат со едноставни и достапни мерења, особено на крвниот притисок и шеќерот во крвта.

 – Високиот крвен притисок е еден од најтивките убијци, условно да кажам, кој влијае и на срцевото здравје, и на бубрежното здравје, и на мозочното здравје. Заедно со нерегулираниот дијабетес стануваат главни контрибутори во срцеви, мозочни и бубрежни заболувања – рече Клековски.

Тој апелираше граѓаните редовно да ги следат крвниот притисок и телесната тежина и да ја земаат препишаната терапија согласно советите од лекарите.

Клековски најави и преиспитување на начинот на кој се спроведуваат систематските прегледи, со цел резултатите да бидат интегрирани во здравственото досие на секој пациент и да не се губат по извршените прегледи.

 – Во претстојната измена на Законот за медицинските евиденции ќе погледнеме, прво, како тие резултати да бидат интегрирани во досието на секој пациент за да не бидат изгубени по нивното правење – рече тој.

Дополнително, како што посочи министерот, се разгледува можноста во систематските прегледи да се воведат дополнителни едноставни и достапни процедури за рано откривање на одредени здравствени состојби.

Клековски најави и обновување на иницијативата за мерење крвен притисок и шеќер во крвта во аптеките, со цел овие основни здравствени услуги да бидат подостапни за граѓаните.

Тој даде пример дека во места каде што нема лекар, но има аптека, би можело да се овозможи мерење на притисокот и шеќерот во крвта, доколку се исполнат соодветни стандарди и услови.

 – Ако има доктор – доктор, ако има сестра – сестра, ако има фармацевт – фармацевт. Значи, има законска можност, треба да се регулираат условите и стандардите за тоа – рече Клековски.

Според него, недостигот на здравствени работници не е само проблем на земјава, туку и европски и глобален предизвик, поради што, како што рече, треба да се искористат сите достапни здравствени капацитети и да се поттикнуваат редовните превентивни контроли.

 – Мора да си ги вреднуваме животите повеќе бидејќи самите ако не си ги вреднуваме, не можеме да очекуваме некој друг да го прави тоа – порача Клековски, нагласувајќи ја потребата од поголема грижа за главните ризик-фактори, меѓу кои ги наведе стресот, нездравата исхрана, алкохолот и пушењето.