Трагедија се случи во основно училиште во словачкиот град Сташков, каде ученик од осмо одделение со нож нападнал две наставнички и една ученичка.
Во нападот животот го загубила 61-годишна наставничка, додека 44-годишна наставничка и ученичката биле повредени и префрлени во болница.
По пријавувањето на нападот, на местото биле испратени полициски екипи и служби за итна медицинска помош. Интервенирале две амбулантни возила и два спасувачки хеликоптери.
Портпаролката на итната медицинска помош, Петра Климешова, потврди дека повредената ученичка била префрлена со хеликоптер во болницата во Мартин во критична состојба.
Втората повредена, 44-годишна наставничка, имала убодна рана во пределот на градниот кош. По укажаната прва помош на местото на нападот, таа со хеликоптер била префрлена во болницата во Жилина.
Третата жртва, 61-годишната наставничка, починала како последица на повредите здобиени во нападот.
Словачката полиција потврди дека е отворена истрага и апелираше до јавноста да не шири непотврдени информации додека се утврдуваат сите околности на случајот.
Местото на трагедијата го посетија министрите за внатрешни работи, образование и здравство на Словачка – Матуш Шутај Ешток, Томаш Дракер и Камил Шашко.
Главниот обвинител на Словачка, Марош Жилинка, изјави дека трагедијата претставува повик до целото општество посериозно да се соочи со насилството, омразата и зголемената агресија.
Солидарност со учениците, наставниците и семејствата погодени од нападот изрази и ученичкиот совет. Оттаму порачаа дека училиштата мора да бидат безбедни места и повикаа на системски пристап кон безбедноста во образовните институции.
Полицијата продолжува со истрагата, а повеќе детали за мотивите и околностите на нападот се очекуваат по нејзиното завршување.
































