Пет лица се уапсени, а против тројца осомничени се поднесени кривични пријави по акција во која полицијата разби организирана криминална група од Скопје, за која постојат сомненија дека била поврзана со тероризам и недозволена трговија со оружје, пренесе МИА.
Акцијата ја спровеле Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во рамки на акцијата биле извршени претреси на 12 локации во Скопје, кај шест лица. При претресите биле пронајдени и одземени автоматски пушки, снајперска пушка, пиштоли, муниција од различен калибар, тактички елек, опрема за радио-комуникација, знаме на ИСИС, електронски уреди, како и поголема сума домашни и странски парични средства.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првоосомничениот К.И. (34) од Скопје, од 2023 година дејствувал во рамки на злосторничка организација заснована врз идеологијата на ИСИС, со цел извршување кривични дела на територијата на државата.
Полицијата наведува дека тој вршел индоктринација на млади лица, ширел пропаганден материјал со екстремистичка и радикална содржина, како и дека набавувал и ракувал со оружје.
Истрагата, според МВР, утврдила дека К.И., заедно со Б.А. (24) и Е.С. (30), формирале група која неовластено поседувала, посредувала и тргувала со огнено оружје и муниција.
Одделот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам поднел кривична пријава против К.И. за кривичните дела „тероризам“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“.
Против Б.А. и Е.С., пак, е поднесена кривична пријава за недозволена трговија со оружје.
Во текот на акцијата било откриено и неовластено користење електрична енергија, за што надлежните институции преземаат дополнителни мерки.



































