Фото: Пиксабеј

Најновото истражување за африканските слонови тврди дека тие користат различни лековити растенија за да се лекуваат себеси и членовите на своето семејство. Ова е главниот заклучок на студијата во која биле интервјуирани луѓе што живеат и работат во близината на слонови во регионот Маунт Елгон во Кенија.
Слоновите долго време им го привлекуваат вниманието на научниците со своето необично однесување: тие „копаат“ сол, влегуваат во пештери и ги стругаат карпите со своите заби за да го добијат овој минерал неопходен за храната. Новото истражување покажува дека истите слонови во шумата користат неколку различни вида растенија за медицински цели. Една од водечките истражувачки, Елоди Фрајман од Универзитетот Браун во САД, рече дека студијата го поставува прашањето дали уништувањето на шумските живеалишта ги лишува животните – како и луѓето – од лекови што се неопходни за нивното здравје и опстанок.
– Ова покажува колку се поврзани нашите лекови со животинскиот свет – рече д-р Фрајман.
Истражувачите велат дека шумите се „природни аптеки“ на слоновите. Научниците соработувале со организации за заштита на природата и разговарале со локалните жители, заштитници на природата и старешини во заедницата, кои опишале како слоновите избираат одредени растенија кога се чувствуваат болни, како и случаи во кои мајките слонови им даваат делови од лековити растенија на своите младенчиња. Врз основа на ова, истражувачите заклучиле дека слоновите користат 35 различни вида растенија, од кои 25 се локално познати по тоа што имаат лековити својства.
Студијата ги задржала учесниците анонимни за да можат слободно да ги споделат своите приказни. Нивните сведоштва откриваат интересни детали. Во еден извештај, еден конзерватор опишал како видел слонови како ги хранат своите младенчиња со растението ангурвит. Ангурвитот се користи како лек за разни заболувања, вклучително и болки во стомакот. Еден водич сведочел за ова, опишувајќи како мајките слонови ги џвакаат листовите од ова растение додека не стане кашесто, заедно со корените на одредени други дрвја. Чуварот рекол дека видел мајки како го мешаат растителниот материјал со своето млеко и со него ги хранат младенчињата, кои самите го џвакале, а потоа ги плукале цврстите остатоци.
Научниците почнале да собираат докази за овие сведоштва и им дале на сведоците камери за да го снимат однесувањето. Истражувачите, исто така, ги анализираат растенијата што ги користат слоновите, барајќи нови лекови што слоновите можеби ги откриле.
– Сега сакаме да ги следиме слоновите и да истражиме дали избираат одредени растенија во зависност од нивната здравствена состојба и дали тие растенија имаат релевантни биолошки ефекти – велат тие.