Писмото – приказна за меморијата, идентитетот, духовноста…

  • Изложбата „Имерзивна трансформација на глаголицата“ на Лазе Трипков има мисија да ја претстави глаголицата како артефакт и културолошки споменик од средновековието, кој му пркоси на модерното време, во кое, за жал, вистинските вредности често го губат значењето. Или како што во една пригода рече професорката Елка Јачева-Улчар, кирилицата и глаголицата се „столбови на македонскиот идентитет, сведоци на постоењето на Македонците низ вековите, од кои никако не смееме да се откажеме“

Глаголицата е најстарото словенско писмо, создадено во 9 век од Свети Кирил. Има 38 букви и ја претставува нашата врска со солунските сесловенски учители. Таа е азбуката на која светите браќа ги запишале првите преводи на првиот и тогаш единствен литературен јазик за целиот словенски род – старословенскиот, кој претставува отслик на говорот на македонските Словени. Таа била создадена за да се запишува старословенскиот јазик и одиграла голема улога во ширењето на христијанството и писменоста меѓу Словените. Македонија има особено значајно место во развојот на словенската писменост. По Моравската мисија, учениците на Кирил и Методиј, меѓу кои биле Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски, продолжиле со просветителската дејност во Македонија. Охрид станал еден од најзначајните центри на словенската писменост и култура. Во Охридската книжевна школа се развивала и се ширела словенската писменост, а дел од најстарите ракописи напишани со глаголичко писмо се поврзуваат со македонскиот простор. Подоцна, кирилицата постепено станала поприсутна и го заменила глаголичкото писмо во поширока употреба.
Глаголицата денес претставува важен дел од македонското културно и историско наследство и сведочи за големото значење на Македонија во развојот на словенската писменост, книжевност и култура.
Токму со овој дел од македонското културно наследство се занимава и изложбата „Имерзивна трансформација на глаголицата“ на Лазе Трипков, поставена во изминатиов период во Музејот на современа уметност, која не ѝ пристапува на технологијата како на спектакл, туку како на медиум преку кој културната меморија, идентитетот и човековото присуство можат повторно да се преиспитаат во современите дигитални средини. Во време кога сликите, информациите и дигиталните искуства циркулираат со досега невидена брзина, поставката отвора простор за побавно, подлабоко и покритичко промислување.

Во центарот на проектот се наоѓа глаголицата, најстарото словенско писмо. Во уметничкото истражување на Трипков, таа не се третира само како историски артефакт, туку како жива структура на значења преку која повторно се активираат прашањата за меморијата, идентитетот, духовноста и дигиталната субјективност. Издвоени од страницата на ракописот, зголемени, анимирани и внесени во простор, буквите стануваат средини, портали и одзивни дигитални тела. Тие истовремено дејствуваат древно и современо, сугерирајќи дека културното наследство не опстојува само преку негово непроменето зачувување туку и преку постојана реинтерпретација. Иако изложбата користи напредни дигитални технологии, нејзиниот фокус останува суштински човечки. Имерзијата тука не се разбира само како сетилно дејство туку како културна и емоционална состојба – начин да се влезе во меморијата, да се преиспита идентитетот и да се доживее наследството како нешто живо и во постојан развој.
Оваа изложба пред сѐ има едукативен карактер. Едукацијата на новите генерации за глаголицата е многу важна, бидејќи преку неа тие не учат само за ова старо писмо туку се запознаваат и со еден значаен дел од културното, јазичното и историското наследство на својата земја. На тој начин го запознаваат своето културно наследство и развиваат почит кон историјата, ги разбираат важноста на писменоста и улогата што ја имале словенските просветители, но најважно од сѐ – развиваат чувство на припадност и културен идентитет. Особено е важно глаголицата да им се претстави на децата не само како историски факт туку како жива приказна за почетоците на словенската писменост и за значајната улога на македонскиот простор во развојот на словенската книжевност.

На тој начин, младите генерации не само што ќе го запознаат минатото туку ќе разберат дека културното наследство е нешто што го добиваме од претходните генерации и имаме одговорност да го зачуваме за идните.
Токму оваа мисија ја има и изложбата „Имерзивна трансформација на глаголицата“ – да ја претстави глаголицата како артефакт и културолошки споменик од средновековието, кој му пркоси на модерното време, во кое, за жал, вистинските вредности често го губат значењето. Или како што во една пригода рече професорката Елка Јачева-Улчар, кирилицата и глаголицата се „столбови на македонскиот идентитет, сведоци на постоењето на Македонците низ вековите, од кои никако не смееме да се откажеме“.