Фото: Пиксабеј

Припадници на руските единици за радиолошка, хемиска и биолошка заштита тестирале ласерски систем наменет за борба против беспилотни летала во Ленинградскиот регион, соопшти прес-службата на „Росгвардија“.

Според информациите објавени од руската страна, во рамки на маневрите биле тестирани техничките карактеристики и борбените способности на системот при различни растојанија, брзини и височини на летање на беспилотните летала.

Тестирањето опфатило ласери наменети за уништување дронови од различни модели, а резултатите ќе послужат за подготовка на препораки за унапредување на методите и начините на употреба на системот, соопшти „Росгвардија“.

Беспилотните летала имаат значајна улога во руско-украинскиот конфликт, кој трае од 2022 година, при што нивната употреба значително влијаеше врз тактиките и начинот на изведување на борбените операции.