ШАХИСТИТЕ 36-ТИ, А ШАХИСТКИТЕ 77. НА ШО 2026 ВО УЗБЕКИСТАН

  • Нов олимписки првак кај мажите стана репрезентацијата на Узбекистан, а кај жените Кина. Оваа беше најмасовната Шаховска олимпијада досега, настапија 1.025 шахисти од 206 држави и 937 шахистки од 190 држави

Македонските машка репрезентација го освои 36. место на 64. Шаховска олимпијада (ШО), која се одржа во узбекистанскиот град Самарканд. По 11 одиграни кола, Македонија (просечна возраст на селекцијата 26,6 години), која пред почетокот на ШО 2026 беше рангирана на 56. место (просечен рејтинг 2.416 поени), меѓу 206 репрезентации, освои 14 бода (шест победи, две ремија и три порази, 29 поени по табли), што значи дека оствари подобар пласман за 20 места од почетниот. Поединечно, младиот ФИДЕ-мајстор Антон Златков (19) со освоени 7,5 поени од 11 можни ја освои и третата норма за интернационален мајстор (ИМ), а со тоа и титулата ИМ.
– Имајќи ги предвид сите околности, 36. место е сериозен резултат за Македонија, особено ако се има предвид дека бевме 56-ти носители и завршивме 20 места над стартниот број. Пред сѐ, мора да се земат предвид условите во кои функциониравме. Условите за сместување беа навистина тешки, а голем дел од играчите во текот на ШО имаа здравствени проблеми, најмногу поради проблеми со храната. Дополнително, секојдневно имавме околу еден час патување до салата за игра и назад. И покрај сето тоа, репрезентацијата покажа одличен борбен дух и докрај се бореше во секој натпревар.Секако, секогаш може да се направи повеќе и имаше партии и мечеви каде што можевме да освоиме повеќе поени. Но кога ќе се земат предвид сите околности, мислам дека најважно е што покажавме карактер, борбеност и тимски дух. Оваа ШО ни даде и јасна слика каде треба дополнително да работиме и каде можеме да ја надградиме репрезентацијата. Резултатот од 36. место е добра основа за понатамошен развој – ни изјави селекторот на шахистите, ВМ Трајко Недев.

Македонските шахистки (просечна возраст 32,6 години), рангирани на 75-то место пред почетокот (просечен рејтинг 1.981 поени), меѓу 190 селекции, се 77. со 12 бода (шест победи и пет порази, 23,5 поени по табли). Со тоа тие го повторија истиот пласман од претходната Шаховска олимпијада во Будимпешта во 2024 година. Од шахистките со титулата женски мајсторски кандидат (ЖМК) се стекнаа Сања Трајковска и Катерина Петровска. Моника Жежовска, која ги одигра сите партии на втората табла, имаше најмногу победи (седум) и освои најмногу нови рејтинг-поени (62,8) кај Македонките.
– Пласманот е во рамките на нашиот почетен рејтинг, иако лично очекував да бидеме неколку места подобропласирани. Сепак, во некои дуели и немавме доволно среќа да дојдеме до посакуваната цел, а бевме блиску – вели селекторот на шахистките, ФМ Љубиша Андоновски.
Селекциите на Индија во двете конкуренции не ги одбранија титулите од Будимпешта. Во машка конкуренција вторпат (претходно во 2022 година) златниот медал го освои Узбекистан (рангиран трет пред ШО 2026) со 20 бода, среброто Индија (рангирана втора) со 18 бода, а бронзата Германија (рангирана петта) со 18 бода, но со послаб дополнителен критериум. Кај шахистките прва по седми пат е Кина (рангирана четврта) со 20 бода, втор е Казахстан (рангиран трет) со 18 бода, а трета Индија (рангирана прва) со 17 бода.
Оваа беше најмасовната Шаховска олимпијада досега. Настапија 1.025 шахисти од 206 држави (220 ВМ, 150 ИМ, 168 ФМ) и 937 шахистки од 190 држави (18 ВМ, 53 ЖВМ, 53 ИМ, 110 ЖИМ, 12 ФМ, 125 ЖФМ). Следната ШО ќе се одржи во Абу Даби (ОАЕ) во 2028 година. Г.И.


Пласмани на Македонија на ШО

ГОД ГРАД МАЖИ ЖЕНИ
1994 Москва 45 45
1996 Еревен 35 43
1998 Елиста 46 34
2000 Истанбул 13 47
2002 Блед 11 59
2004 Калвија 42 56
2006 Торино 53 64
2008 Дрезден 59 –
2010 Х. Мансијск 56 60
2012 Истанбул 38 66
2014 Тромсо 59 66
2016 Баку 67 68
2018 Батуми 48 70
2022 Ченаи 70 62
2024 Будимпешта 61 77
2026 Самарканд 36 77