Виденија

(И видов како…)

Посветена на Македонците што не се изроди од родот

И видов, драг читателу, како дојден од далеку човек оди низ светската ноќ, осветлувајќи ја со ламбата на срцето, и како чука од врата на врата како врапчињата во лута зима барајќи трошка леб, и никој не му отвора, ниту го нуди за вечера, а камоли да му ги преврзе раните што ги носеше како имот, заедно и со сиромаштијата света. Одеше од врата на врата и никој не го препозна него, освен старозаветниот Исаија, и пред да се роди Големата светлина во Витлеем што ја виде 8/9 столетија во визија тој. И викаше: „Тој дојде меѓу нас сиромав за ние да станеме богати, и тој доби рани за ние да бидеме излекувани со нив“. И видов и јас како пророкот старозаветен дека тој скапоцен странец во светот е Спасителот распнат на Голгота и знаев дека неговата сиромаштија и рани се влезна карта во царството небесно што е во нас во изобилство и сјај, а човештвото ледено завиткано во чаршафот на светската ноќ не го гледа него додека чука од врата на врата, оти оди и друг некој и чука, и нему му отвораат врата. Но тој е лицемер, лажниот, наоружан со Христови усни и што нуди бакнеж за распетие. Тоа е Јуда Искариотски и него светот го прифати, а не Вистинскиот и Праведниот, па затоа неговиот јудински бакнеж сега го води на Голгота.
И видов, драг читателу, дека во светот владее безбожноста и дека страда невиноста, дека невините се судат во него, а виновните се судии. Видов како тие што се надарени со ум и доблест се под оние што се калпави и за ништо не ги бива, тие што се немоќни, а преговараат од моќно место и дури се и народни избраници, спасители на народот и родољуби што го распродаваат за лична корист целокупниот имот на родот сосе името, предците и прапредците до еден што ги претвораат столетијата и милениумите негови во пепел и со чаршафот на заборавот ги покриваат. И видов како тие немоќници од моќно место, иако џуџести во сè, ги свалаат од висините во дупка гениите на родот, оти ништо во него не им е свето. Тие „моќни“ џуџиња поставени на моќни места, не како тие добродушните од бајките и преполни со темен нагон ја силуваа Снежана. А ти веќе знаеш, драг читателу, која е таа: Народот ни крив ни должен за такво понижение.
Видов сè, и како бесрамните ги срамат срамежливите и ним им ги трупаат гревовите и развратот на нивниот Содом од кој побегна Лот со жената и двете прекрасни ќерки, тие што беа спремни да ги силуваат и ангелите испратени од Господ да направат записник за развратот што се случува тука. Ги видов бесрамните и подлите што ја клеветат и судат Вистината како со Јудин бакнеж на мојот народ во светската ноќ му украдоа и дом и стреа, име и спомените до еден, до најситното зрнце во нив во кое молчи скриен дијамантот што сонува да биде првосват и младоженец на свадбата на „смачканото племе“.
Видов многу нешта. Ги видов по долгите помории и најновата гибел во Преспа што нè снајде и испустените македонски села, осамените гробишта и испружените мртовци во нив, предците и прапредците до еден како облечени во бела руба, налик на тие во Откровението на Јован, подготвени за ветеното од Христос Воскресение. Само уште да ја чујат нивните уши полни со глина трубата на ангелите што го огласува него. Оти е (за тоа има нешто шифрирано и во посланијата на павле) Бог, Отецот, прво нив ќе ги подигне како новозаветно злато од гробовите престорени во винска чаша што ја држат во дланка да му наздрават на јагнето на свадбата на Небесниот Ерусалим. Така, оти Отецот знае. Тоа се сега новозаветните витлеемски деца што ги закла цивилизацијата со танатосен ерос. Оти тие се дух и тело од новозаветен сјај, кои единствено го чуја и разбраа гласот на светецот во пустината што викаше? „Исправете го патот за Господ, Тој доаѓа“. Светецот на кој иродовската цивилизација му ја отсече главата за танцот перверзен на Саломе на царската гозба како претслика на сечењето на главата на Македонците во Преспа 2018 за танцот на новата Саломе, која се пресели од Ерусалим во Брисел и Вашингтон.
Видение по видение. И сето тоа го видов, драг читателу, облечен со душата на предците и прапредците, со нивната убавина, ама и со нивните голготи и рани налик на оние на Христос. Ама и видов и гледав и многу убави нешта во времето во кое алхемиски стопени во едно големо Сега и минатото и иднината. Гледам како по мојот булевар, по тротоарот ги шетаат во количка убавите македонски невести новороденчињата ипостасни како богомладенци да се. Гледам како за миг ги снемало помориите и како Гоце ја протерал црната чума од Македонија, како пак заздравуваат раните на смачканото племе, преврзани со преврската и излекувани со, како што рече Исаија, раните на Христос, и како со нив се креваат венчалните ружи за македонските младоженци. И ги гледам во визија покрај веќе новородените и оние што сега по свадбите во Македонија се зачнуваат, ама и оние по цело едно столетие и повеќе што идат од иднината како планински поток, како порој, идните поколенија на родот што закрепнува и повторно стои во својата украдена од варварите слава.
Ги гледам убавите македонски невести, тие што се толку многу прекрасни и храбри и што ги родиле и раѓаат за несреќа на душманите до зад бескрајот родот. Така. И само мислам кога во една од илјадниците нив ќе биде зачнат и ќе се роди повторно Сандански, а потоа низ други и преостанатите херои слични на него, кои го развеаја бестрашно како предизвик на сатанската цивилизација знамето „Смрт или слобода“. Како илинденците и асномците, кои некои (подлеците од родот) ги убивме додека се бореа, а некои кога ја донесоа на плеќи слободата потоа ги испозатворивме и уште и сега го правиме тоа, или ги гониме како загари ѕвер. Оти се покажавме гнило поколение. Затоа млади, убави македонски љубовници, веќе со првата прегратка заитани кон олтар на венчавка, денес и утре, не штедете бакнежи оти во некои од нив ќе се зачне херојот. Тој ни е насушно потребен за да нè спаси од срамот, толку грд што и животот од нас се срами што сме такви живи за сè да распродадеме од скапоцениот имот на родот за ништо да не им оставиме на поколенијата што се зачнуваат сега и од иднина што доаѓаат во пустелија без име и без сè што е свето и што свети, да се срамат дека не сме им оставиле темел на кој ќе подигнат свој дом и црква оти сме биле туѓи платеници и слуги, суштества без лик и лице, кое одбива да го одрази и прими огледалото на родот макар и испокршено од нас на парчиња.
Така со животот што се срами од нас бидејќи не сме дораснати за него, иако станува збор за оние поради кои и целиот колектив на смачканото племе го карактеризираат според нив, арамолепците и подлеците од кои не само животот туку и смртта се срами да ги прибере што поскоро кај неа. А се срами, драг читателу, затоа што и таа знае кој е кој, има карактер и затоа ги сака кај себе чесните и храбрите, и по таа основа предвреме хероите ги зема за и таа со нив да се пофали и да си, иако е смрт, обезбеди со нив бесмртност, а од подлеците колку што е возможно повеќе да се клони и им ги остава на животот да го валкаат и да му го дават здивот. Така. Ама, нема да зацери мракот во кој тие удобно се чувствуваат затоа што се во темна темница зачнати и во злодоба родени за зло на родот, па и на себе, иако немаат ни свест ни ум за тоа, задоволни од мочуриштето како жабата во него, ама таа сепак стои над нив бидејќи нејзиниот анатемисан глас, крекањето, го има истиот порив на славејот да се вклопи во општата музичка хармонија на вселената. Нема да зацари мракот на тие мрачни души, оти еве нѐ денес, ама утре од иднината се вестат Белите мугри и оној „силно светнат ден“ за кој пееше на сет глас, со гласот на предците и прапредците, поетот убиен во нашата и светската ноќ на Лопушник. Поетот што ја сонуваше „куќата цел свет“, иако на неговиот народ ѕверовите на цивилизацијата му оставија одвај едно рането парче земја, едно крваво торзо од големиот и убав организам, тој божји органон што го препозна Павле, испратен лично од духот на Христос во Македонија, и ја свиреше на него мелодијата на Христовата сеопшта Љубов и Слобода за која остана глува Европа и која токму затоа ни се свети денес нам. Нам, кои пловиме против струја како велешкиот поет, и кои го чекаме како во Откровението на Јован „силно светнатиот ден“, воскресението од мртвите (од гробницата во преспа и другите помории и гробници) што ни го вети Господ.
Така. А сега одиме, драг читателу, и на едно многу специфично видение, ама и тоа е во средиштето на нашата сега de profundis тема. Тоа, може ќе бидеш изненаден, е поврзано со мојот поетски пријател Ирецот Вилијам Батлер Јејтс, кое сега ќе ти го раскажам. Јејтс е вљубеник во Византија и нејзините златни ракотворби во кои ја гледа вечноста. Со него ме зближуваат симболизмот и јазикот на митот, ама покрај тоа и заедничкиот судбински проклетилак на Ирците и Македонците слични по страдање, може и затоа што се најхристоликите народи во Европа, а цивилизацијата во која се не го трпи тоа.
Со Јејтс се видовме на езерото Инисфри, на неговиот остров на кој ги има напишано некои од своите прекрасни песни во кои има тешки пластови од светлина и сенки и кои зборуваат за убавината и трагичноста на светот и човештвото. Седевме во летното ирско пладне под тремот на неговата вила и додека пиевме ирско виски, наздравувајќи за неговата Нобелова, јас во свеста (или поточно натсвеста) повторно ги вртев неговите песни со златен и сребрен сјај на стиховите заглавени во митот, но и во реалноста на човекот и човештвото, меѓу кои тој речиси и не прави разлика. Листав со страст, лакомо естетски гладен за убава поезија сè додека не стасав и не се вкопав во песната „Второто доаѓање“, во која со мојот ирски пријател сме на иста фреквенција за судбината, егзистенцијата и метафизичка, на човештвото на модерната епоха по Хирошима и Нагасаки. Песна што веќе за упатените in medias res алудира на Христос и неговата изјава пред апостолите за неговото повторно доаѓање во проколнатиот свет без да каже точно кога, оти само неговиот Отец го знае. Можеби по Армагедон што го сони во визија Јован на Патмос, сликата на свршетокот на светот, која како да ја антиципира Христос на крстот со неговото „Свршено е“. Тој го рече тоа пред да ја открие по трите дена во гробницата на Јосиф од Ариматеја божествената тајна над тајните на победа со смрт над смртта. Она што го разбраа и Македонците, па бестрашно го развеаја во светската ноќ налик на мртовечница знамето „Смрт или слобода“.
Така, и тоа е сè во ред, ама на наше изненадување како ненадеен шок Вилијам, прекрасниот Ирец, сликата на второто Христово пришествие ја гледа од обрната перспектива, и не само, како што ќе видиме, како апокалипса туку нешто многу повеќе од тоа, бидејќи е наопаку обрната логички очекуваната слика на пришествието. Нешто страшно го навестува тоа со знаците, кои најчесто само интуицијата на поетот може да ги открие. Јејтс директно влегува de profundis во депресивната слика на светот и човештвото. Вели: „Нештата се уриваат / центарот попушта / анархијата навалила во светот“, додека во сè тоа „на најдобрите им недостасува увереност, / а најлошите се полни со страшна жестокост“.
Да. И тука во тие стихови Јејтс слично на Јован во Откровението на Новиот завет ја гледа сликата на апокалипсата, ама без нејзиниот среќен крај како апостолот. Тој сега гледа во визија некоја „грда слика од Spiritus Мунди“. Гледа створ со облик на лавовско тело и човечка глава како се влече низ пустината. Така. И поетот депресивно, de profundis како завршен удар на катастрофата што се вести ја гледа во последната строфа од својата пророчка песна сликата на неутешната светска ноќ што се спушта врз човештвото. Во јанѕа е неговото битие: „Повторно паѓа мрак / ама сега знам / дека дваесет векови на камен сон / како мора ја мачеле лулката, / и каков е тој ѕвер, сега кога му дошол часот, / кон Витлеем / за да се роди се влече?“
Во прашална форма е ова страшно откровение на ирскиот поет, што ќе се случи или веќе се случува пред неговите, а и пред моите очи, драг пријателу, по два милениуми од раѓањето на Христос.
И во уплав сме и тој и јас оти гледаме дека во Витлеем сега место Богомладенецот се раѓа ѕвер и дека тоа не вести спасение за човештвото, а јас додека ја празнам чашата со ирско виски го гледам во свеста клучот за отклучување на таа депресивна слика. И гледам станува збор за Новиот Витлеем, кој сега не е во библискиот Израел, туку во Европа, а ѕверот е цивилизацијата што ги смисли како крунски пронајдок на своето лице Аушвиц и Хирошима, плус и сите македонски помории, меѓу нив и најстрашната во Преспа 2018. И сè уште тој ѕвер не ги пушта Македонците, давејќи ги, да земат здив со полни гради. А барем твоите Ирци, драг Вилијаме, се спасија од него, но колку долго ќе трае тоа не се знае, оти тој ѕвер е незаситен за гибел и за пљачкање туѓи блага. Затоа ајде уште по една чаша да налееме од убавото ирско виски, да го удавиме во него барем за миг ѕверот што се роди во Новиот Витлеем, антихристот што владее со душата на бездушната цивилизација. Нека веќе еднаш оди во пеколот таа, за да се спасат од пеколот што им го носи тој ѕвер на другите. Амин!