Енергетската политика меѓу европските правила и реалните потреби
- Од земјите кандидати се бара забрзано, дури и со европски пресинг, усогласување со зелената агенда на ЕУ, но истовремено земјите кандидати мораат сами да обезбедат сигурна и достапна енергија. Прашањето е колку простор им останува да го изберат сопствениот пат до зелената транзиција, особено кога членството во Унијата сè уште е неизвесна перспектива
Во време на војни, прекини на снабдувачки синџири и големи геополитички пресметки, енергетската сигурност повторно станува едно од основните прашања на секоја држава. Земја што не знае дали утре ќе има доволно струја, гас или гориво, тешко може да зборува за економска сигурност, развој и независна политика.
Затоа, секоја држава мора да има право сама да го избира патот до енергетската стабилност. Тоа, се разбира, не значи откажување од зелената транзиција или од обврските кон заштитата на животната средина, но значи дека патот до тие цели не може да биде идентичен за богата индустриска економија и за земја со далеку помали финансиски, технолошки и инфраструктурни можности.
Особено не би требало да се бара од земјите кандидати прекуноќ да ги достигнат стандардите на високоразвиените членки на ЕУ, додека истовремено не знаат ниту кога ќе станат дел од Унијата. Дури и самата ЕУ во последните години ја приспособува динамиката на зелената транзиција, воведува поголема флексибилност и повторно ја нагласува улогата на нуклеарната енергија како дел од декарбонизацијата.
Прашањето, значи, не е дали Македонија треба да биде зелена, туку дали може да биде зелена, конкурентна и енергетски безбедна со своето ниво на развој и со реалните можности што ги има денес.
Кога американскиот гас станува проблем за Европа
Напорите на американските енергетски компании да го прошират своето присуство на Западен Балкан отвораат ново енергетско прашање меѓу кандидатите за ЕУ и Брисел, пишува во својот неодамнешен напис бриселски „Политико“. Според изданието, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина разгледуваат набавка на американски течен природен гас или изградба на инфраструктура за негов увоз. Нивното образложение е дека гасот би бил преодно гориво – замена за рускиот гас и јагленот – додека се развиваат обновливите извори.
Од Брисел, меѓутоа, доаѓа предупредување дека таквите инвестиции можат да ги врзат балканските пазари за фосилно гориво токму во моментот кога ЕУ сака да ја забрза декарбонизацијата. Европските претставници особено ја доведуваат во прашање оправданоста на инфраструктурата таму каде што денес има мала побарувачка за гас.
– Земјите… во својата поширока аспирација за пристапување кон ЕУ презедоа обврски за декарбонизација, за утврдување на патот и придржување кон него, како и за постепено напуштање на фосилните горива – изјави Андраш Хујбер, кој ја предводи енергетската дипломатија на извршното тело на ЕУ за Западен Балкан, на форум во Виена, одговарајќи на прашање од „Политико“.
Во тој контекст, според него, носењето гас во регионот „би изгледало како потег што е спротивен на оваа витална цел за декарбонизација“.
Од друга страна, балканските претставници, како што наведува „Политико“, имаат многу едноставен одговор: ако јагленот треба да се напушта, а обновливите извори сè уште не можат сами да обезбедат стабилно снабдување, со што ќе се пополнува празнината? Гасот го гледаат како преодно гориво и како средство за диверзификација на снабдувањето.
Тука се појавува и поширок парадокс. Европа со години бара земјите да не зависат од еден снабдувач, но кога дел од балканските земји се обидуваат да ја намалат зависноста од Русија со американски гас, се појавува стравот дека, наместо една, ќе создадат друга долгорочна зависност.
Европската енергетска политика, сепак, формално не го одредува конкретниот снабдувач, туку инсистира на конкуренција, транспарентност и еднакви правила на пазарот. Токму тука лежи суштината на спорот: прашањето не е само кој го продава гасот, туку дали инвестицијата одговара на идниот енергетски систем на регионот.
Дополнителна тежина има фактот што ЕУ самата сè уште користи и планира различни извори на нискојаглеродна енергија. Унијата ја задржува целта за климатска неутралност до 2050 година, но нејзината понова политика вклучува поголема флексибилност, енергетска безбедност и нуклеарна енергија како дел од декарбонизацијата. По Германија, сега и Италија се враќа на нуклеарната енергија.
Затоа, дилемата на Балканот не е едноставно „гас или зелена енергија“. Дилемата е како да се стигне до зелена енергија без меѓуфазата да произведе енергетска несигурност.
Македонија меѓу европските правила и сопствената енергетска реалност
Македонија тука има своја специфична дилема. Како членка на Енергетската заедница, земјата веќе е вклучена во процес на усогласување со европските енергетски правила и постепено ги презема и новите правила поврзани со зелениот договор и декарбонизацијата.
– Кандидатите ги немаат истите услови како државите што денес се членки на ЕУ. Немаат исти буџети, исти индустриски капацитети, исти инфраструктурни можности, ниту ист пристап до капитал. Па, оттука, се поставува едно сосема легитимно прашање: можат ли истите правила за зелената транзиција да произведат исти резултати во економии што не се на исто ниво на развој? Во овој момент не можат. Македонија, исто како и другите земји од регионот, мора да го диверзифицира снабдувањето и тоа се бара од неа. Но диверзификацијата има смисла само ако создава поголема сигурност. Ако откажувањето од еден извор автоматски значи долгорочно врзување за друг, тогаш само сме ја смениле зависноста, а не сме ја решиле. Токму тука се отвора суштинската дилема: дали проблемот е зависноста од странски енергент или проблемот е од кого зависиме и во која стратешка рамка – велат дел од енергетските експерти.
Според нив, европската интеграција природно носи усогласување на енергетската политика, но во време кога сѐ повеќе доаѓа до израз суверенистичкиот пристап, не може а да не се постави прашањето колку енергетска политика останува за една земја кандидат ако нејзиното идно членство значи дека уште денес мора да носи инвестициски одлуки според правилата на идната Унија.
– Прашањето станува уште посериозно кога членството е временски неизвесно, а енергетските инвестиции се долгорочни. Гасовод, интерконектор, терминал, електроцентрала или голем енергетски систем не се градат за еден европски буџетски циклус. Тие треба да функционираат со децении. Тогаш, дали е разумно една земја што не знае кога ќе стане членка да презема денес инвестиции што ќе ја определуваат нејзината енергетска политика и во следните 20 или 30 години? И уште поважно, каде завршува европската политика, а каде почнува правото на Македонија сама да ја избере својата енергетска транзиција? Одговорот не треба да биде во изборот меѓу Европа и сопствениот интерес. Напротив, вистинскиот интерес е Македонија да има доволно енергија, пристапни цени, стабилна индустрија и сигурно снабдување, а паралелно да го намалува јаглеродниот отпечаток – потенцираат експертите.
Тие додаваат и дека за нас зелената транзиција ќе има смисла само ако зад неа стои стабилен енергетски систем.
– За земја што сè уште се бори со развојот, енергетската сигурност не може да биде луксуз што ќе го добиеме дури откако ќе ги исполниме сите европски услови, кои гледаме дека постојано се менуваат. Секако, Македонија треба да се усогласува со Европа, но не треба да престане да размислува со своја глава и сама да си ја креира својата енергетска иднина – заклучуваат нашите соговорници.
































