Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска го посети Центарот за култура во Дебар, каде што в.д. директорката Едона Алили ја запозна со состојбите и активностите на оваа единствена национална институција од областа на културата во градот.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека вреднувањето и моќта на културата, како срце на секоја заедница, во Дебар се должат токму на активното и успешно работење на Центарот за култура. Во контекст на заштитата на културното наследство, пак, во изминатиот период беше реализиран и проектот за конзерваторско-реставраторски интервенции на покривот и фасадите на тамбурот од куполата на црквата „Св. Георгиј Победоносец“ во селото Рајчица.

Алили ја информира министерката дека Центарот за култура е установа со мултифункционален карактер, која реализира активности од сите дејности од областа на културата. Во институцијата особено внимание се посветува на обезбедувањето услови за работа на уметниците при создавањето на нивните дела, за поттикнување на културното творештво, за чување, негување, афирмација и презентација на богатото културно наследство.

За време на посетата, министерката ги разгледа изложените ликовни дела од млади автори, како и изложбата на фотографии „Дебар во окото на младите“, ја посети библиотеката што е во состав на установата, а ги поздрави и членовите на Младинскиот дебатен клуб, кои во амфитеатарот дебатираа на еколошки теми. Таа го посети и Градскиот музеј, во кој може да се видат артефакти и експонати што говорат за историјата и традицијата на населението од овој крај, како и една од најпознатите куќи во градот – куќата „Еребара“, стара над 400 години. Куќата е изработена од дрво од страна на дебарските мајстори, а розетната на таванот на оваа куќа се наоѓа на македонската банкнота од 100 денари.