Најактивниот вулкан во Индонезија, Мерапи на островот Јава, повторно почна да испушта облаци со врела пареа и топла лава кои се спуштаа низ падината во должина од 1.500 метри.

– Тоа беше најдолгиот проток на лава на планината Мерапи откако властите го подигнаа нивото на опасност од овој активен вулкан во ноември – рече Ханик Хумаида, шефица на Центарот за вулканологија и геолошко ублажување на опасностите, пренесува „Ројтерс“.

Засега, нивото на готовност е на второто највисоко ниво, рече таа и истакна дека населението треба да се држи настрана од постојната опасна зона од 5 километри околу кратерот.

Најактивниот индонезиски вулкан на планината Мерапи со надморска височина од 2.968 метри се наоѓа на густо населениот остров Јава и во близина на градот Јогјакарта, а во последно време еруптираше неколку пати со облаци лава и гас.

За време на неговата последна голема ерупција во 2010 година, загинаа 347 лица, а 20.000 жители беа евакуирани.

Индонезија, архипелаг со повеќе од 250 милиони жители, се наоѓа во таканаречениот огнен појас на Пацификот, област на силна сеизмичка активност и вулкански ерупции, во која научниците следат повеќе од 120 активни вулкани, наведува агенцијата.