Воената операција во Украина им штети на земјите во развој

Украинската криза предизвика дополнителни зголемувања на цените на нафтата и храната, што уште повеќе им наштетува на земјите во развој, кои се борат да ги обноват своите економии од ефектот на пандемијата. Мултилатералните организации треба да обезбедат финансии за да им помогнат на овие економии да се справат со повеќекратни шокови и да поддржат регулативи со кои ќе се спречат шпекулациите на клучните пазари

Тешко е да се видат победници во тековната воена операција во Украина. Но губитници нема да бидат само украинскиот народ, кој е под напад, или рускиот народ, кој не ја избра оваа војна, но сега мора да живее во економија што трпи трговски и финансиски санкции. Економското влијание на конфликтот ќе се почувствува низ целиот свет, вклучувајќи и многу земји во развој, кои веќе се борат да закрепнат од пандемијата на ковид-19.
Прва непосредна загриженост е ефектот од зголемувањето на цената на нафтата. Цената на референтната нафта „брент“ неодамна скокна за 20 отсто, на повеќе од 139 долари за барел, што е највисоко ниво од 2008 година, веројатно како одговор на веста дека САД и нивните европски сојузници размислуваат за можна забрана за увоз на руска нафта, која досега беше изземена од западните санкции. (На 8 март, САД објавија забрана за увоз на руски енергетски производи, додека Велика Британија вети дека постепено ќе го укине увозот на руска нафта и нафтени деривати до крајот на 2022 година.)
Но глобалните цени на енергијата веќе растеа, по периодот на драматична нестабилност за време на пандемијата. Цената на суровата нафта од типот „брент“, која падна на девет долари за барел во април 2020 година, во екот на првиот бран на пандемијата, се искачи над 90 долари за барел во јануари 2022 година. Оттогаш, украинскиот конфликт изврши дополнителен нагорен притисок врз нафтата и цените на бензинот.
Западните медиуми се фокусираа на влијанието на зголемувањето на цените на енергијата во Европа, која во голема мера се потпира на увозот на природен гас од Русија. Но повеќето од светските увозници на нафта и гас се многу посиромашни. Многу од овие земји не беа во можност да спроведат фискални одговори на пандемијата на ниво на оние во САД и во другите напредни економии и оттогаш доживеаја многу послаби закрепнувања на производството и вработеноста. Овој најнов скок на цената на нафтата е удар што тие не можат да си го дозволат, бидејќи веројатно ќе создаде проблеми во платниот биланс и домашни инфлациски притисоци, со кои тешко би се бореле во сегашниот неизвесен контекст.

Се разбира, дополнителните инфлациски притисоци од војната во Украина, исто така, го комплицираат предизвикот со кој се соочуваат политичарите во богатите западни економии во справувањето со растечките цени без да предизвикаат тешка економска рецесија. Нафтата е универзално посредничко добро, кое на повеќе начини влијае на трошоците на стоките и услугите, како и на транспортните трошоци.
Така, зголемувањето на цената на нафтата може да биде значаен двигател на инфлацијата, што ја поттикнува цената дури и во најдобри времиња. Но инфлацијата во богатите земји веќе беше на нивоа што тие речиси ги заборавија. Се чини дека политичарите ги земаат предвид само наједноставните оружја против инфлацијата, како што се зголемувањето на каматните стапки и затегнувањето на ликвидноста, кои помагаат малку во справувањето со притисокот на трошоците и може да предизвикаат реален економски пад. Но предизвиците сè уште се поголеми во светот во развој, оставајќи им на политичарите уште помалку простор за маневрирање. Драматичното неодамнешно зголемување на цените на нафтата очигледно директно ги погоди земјите увозници на нафта и ќе влијае на сите други цени преку зголемувањето на влезните и транспортните трошоци.
Ситуацијата во Украина, исто така, ги зголемува глобалните цени на храната, создавајќи уште поголема болка во земјите во развој, каде што гладот ​​веќе драстично се зголеми за време на пандемијата. Пред војната, Украина беше петти по големина извозник на пченица во светот, а исто така и главен извозник на јачмен, пченка, семе од репка и сончогледово масло. Цените на овие артикли во глобалната трговија значително се зголемија, дополнително на неодамнешните зголемувања на цените на културите генерално. Земјоделското производство во земјите во развој, исто така, може да биде погодено од недостиг од ѓубрива. Русија, која е најголемиот светски извозник на пченица, исто така, е главен производител на ѓубрива, а нарушувањата на овој извоз уште повеќе ќе го поттикнат зголемувањето на глобалните цени на храната.

Претходно бевме сведоци на слични настани во инаку мирни времиња, непосредно пред глобалната финансиска криза. Кризата со храна што произлезе од финансиските пазарни шпекулации во 2007-2008 година доведе до масовно зголемување на гладот ​​и ги уништи животите на стотици милиони луѓе во земјите во развој. Таа криза се случи иако глобалната понуда и побарувачка на прехранбени производи не се променија многу. Но сега, кога реалното намалување на глобалното снабдување со храна е речиси неизбежно, поскапувањата би можеле да бидат поголеми и подолготрајни. Ако се зголеми шпекулативниот притисок, и онака послабите економии ќе претрпат уште поголема штета. Можеби не е изненадувачки што Г7 не изрази голема загриженост за овие реални и итни опасности. Но мултилатералните организации сигурно треба да ја зајакнат работата во ова време на криза, барем со обезбедување компензациско финансирање, за да му помогнат на светот во развој да се справи со повеќекратните ценовни шокови и да предложат и овозможат регулативи за спречување на шпекулациите на основните пазари. Без такви напори, руската воена операција против Украина ќе нанесе многу поголема штета на глобалната економија, а посиромашните земји ќе бидат меѓу најтешко погодените.

Џајати Гош е професорка по економија на Универзитетот во Амхерст, Масачусетс