Намалувањето на сиромаштијата „чукање празна слама“

Транзициските услови, приватизацијата и пазарот на трудот доведоа до голем број промени во начинот на живеењето на голем дел од населението во републиката. Податоците покажуваат дека во нација со 2.076.000 население, околу 455.000 лица живеат под прагот на сиромаштијата. Уште е позабележително тоа што близу 850.000 лица се под прагот на сиромаштијата пред социјалните трансфери (состојба 2018 година). Имањето голем број мали деца – кои се премногу мали да придонесуваат во приходот на домаќинството – има уште поголемо влијание на сиромаштијата. Речиси 50 отсто од населението, кое живее во домаќинства со три и повеќе издржувани деца, се сиромашни во споредба со 12,7 проценти кај оние без издржувани деца. Според субјективните мислења, кај 56,6 проценти од домаќинствата месечните приходи не ги задоволуваат потребите во домаќинството. Ниските приходи заедно со инфраструктурата на јавните и на приватните услуги и установи ја обликуваат сиромаштијата во државата.

Луѓето во републиката се незадоволни од услугите на заедницата наменети за задоволување на основните потреби, како што се локални продавници, амбуланта, пошта, аптека, основни училишта, градинки, превоз, кои треба да се нудат блиску до нивните домови. Потценета е важноста на услугите во подигањето на животниот стандард на населението што живее во руралните области, посебен проблем претставува и распределбата на јавните средства насочени кон рурален развој. Процентуалното учество на средствата за подобрување на квалитетот во руралните средини во вкупните средства за рурален развој се уште една потврда за несоодветната политика за справување со сиромаштијата. За обемот на средствата во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој во 2020 година зборува и податокот дека само 17,4 отсто се наменети за мерката подобрување на квалитетот на руралните средини. Сиромашните не ги користат поадекватно инфраструктурните услуги. Ова се должи на тоа што сиромашните немаат пристап до овие услуги. Типични карактеристики асоцирани на депривираните се: недостиг од продуктивни работни можности, живеат во запуштени средини, чувство на пропаѓање на истите тие, редуцирана социјална организација, опаѓање на услугите од приватниот сектор, празни куќи, лоши услови за живеење, недостиг од социјални и културни содржини за млади лица и бирократија, корупција и непочитување на законите.

Таквата средина е штетна за физичкото и менталното здравје и за општата благосостојба на локалното население при што ги соединува мизеријата на животот и онаа на нискиот приход. Изолацијата и неподвижноста поради лошата патна инфраструктура и недостигот од транспорт се клучните просторни обележја на руралната сиромаштија.
За најголем дел од луѓето што живеат во македонското општество платата е главен извор на приходот (66 отсто). За домаќинствата што остваруваат понизок приход поголема е веројатноста невработените да добиваат помал дел од ресурсите, како и да се откажуваат од некои предмети за лична употреба за да ги купат оние што се потребни за децата или целото домаќинство.
Најголем дел од средствата за лична потрошувачка во домаќинството се употребуваат за исхрана и безалкохолни пијалаци (43,9 отсто во 2018 година). По давачките за исхрана, по свое значење доаѓаат давачките за станарина, вода, електрична енергија, огрев, покуќнина, опрема за куќа и одржување (11,9 отсто). Просечно домаќинствата во републиката издвојуваат над две третини (68 отсто) од личната потрошувачка за задоволување на основните потреби, како што се храна, облека, обувки, домување и одржување на покуќнината. Потребите на луѓето што се однесуваат само на исхрана, облека и покрив над глава не се единствна мара за животен стандард.

Според тоа каде живееме, каде работиме, како работиме, колку заработуваме, како го исполнуваме слободното време (ако го имаме), до кои услуги имаме пристап, секако, има поголемо влијание врз квалитетот на животот.
Најчесто македонската популација консумира леб (73 килограми по член во домаќинството), односно намирница незаменливи во секојдневната исхрана. Потоа следуваат млечни производи, а нешто поретко се консумираат месо и риба. Процесите на економското реструктурирање со масовното отпуштање од општествените претпријатија, поголем дел од вработените не беа апсорбирани од новите приватни компании и до пензионирањето останаа без работа. Овие лица што останаа без работа остваруваат ниски приходи од пензијата и претрпуваат високо ниво на материјална лишеност за разлика од пензионерите со 40 години работен стаж.

Националната стапка на сиромаштијата со пензиите благо се зголемува од 24,8 проценти во 2015 година на 25,7 проценти во 2018 година или за 0,9 процентни поени. Државата нема посебни политики како да ги активира пензионерите и нивните пензии преку кои може да постигне поквалитетен развој на економијата, распределба на работните места и да обезбеди приходи во неразвиените региони. Со досегашните политики не им се обрнува внимание на старите лица, особено во руралните средини.
За жал, старите лица од селата повеќе се трагачи за помош на кои им се потребни нега и поддршка, кои бараат да ги добијат во старски домови или во дом на роднини што не живеат во нивното родно место, одошто трагачи за поволности. Вработеноста во текот на животот влијае врз нивоата на сиромаштија.
Во Македонија зависноста на младите од нивните родители трае подолго. Скратувањето на пазарот на трудот на младите заедно со ерозијата на нивното социјално право има централно значење, поради што преминот кон независен возрасен човек е продолжено од раните дваесетти дури до крајот на триесеттите години од животот. Во услови на вистински колапс на пазарот на трудот за младите, до што дојде во првите години од 21 век, тие реформи резултираа со оневозможување на голем број млади да се изборат за финансиска независност. Поновите податоци укажуваат дека сѐ уште има 35 отсто невработени на возраст помеѓу 15-24 години.

Ако ја поврземе социјалната инклузија со активноста на пазарот на трудот, може да се заклучи дека над една третина од младите на возраст од 15 до 24 години во државата, бидејки немаат платена работа, може да се сметат за социјално исклучени без оглед дали живеат со нивните родители што имаат платена работа и дали тие се сиромашни или не. Стеснувањето на пазарот на трудот и ниската плата доведоа до тоа кај многу млади да се одложат преодните стадиуми во животот или тие да ја напуштат земјата. Во врска со ова заслужува да се предочи дека во периодот 2016-2020 (прво тримесечје) работната сила во категоријата 15-24 години е намалена за приближно 10.000 лица. Од ваквото опаѓање на младата работна сила се извлекува заклучок дека се работи за негативна тенденција во приливот на нова работна сила. Напоредно со намалувањето на младата работна сила, се зголемува учеството на невработените со високо образование. Во однос на 2019 година, во првото тримесечје на 2020 година невработеноста со високо образование е зголемена за 2.320 лица или за 6,5 отсто.

Помеѓу 2015 и 2019 година стапката на сиромаштија остана иста и покрај зголемување на вработеноста. Во периодот 2016-2020 неврботеноста падна за 8,2 процентни поени. Вработеноста значително се зголемува во администрацијата и во секторите со пониска продуктивност и со пониска заработувачка од националниот просек.
Неуспехот во намалувањето на сиромаштијата може во голема мера да се припише на недобро платените работни места. За работната сила не се создаваат услови да се придвижува во економија со висока продуктивност или, пак, каде што има можност за висока продуктивност, што значи дека во државата нема ресурси достапни за висока продуктивност. Во преработувачка индустрија се вработени близу 20 отсто од вкупно вработените, со просечна плата 15 проценти пониска од платата на национално ниво (23.000 денари). Во овој контекст интересно е да се обележи дека просечната исплатена плата во индустријата за производство на кожа изнесува 59 отсто од републичкиот просек, а во индустријата за производство на облека 65 проценти. Според тоа, производите на овие индустрии можат да бидат конкурентни само на основа на ниски плати, односно на основа на сопствената релативна сиромаштија.

Значи креираме работни места во кои нема можност за зголемување на животниот стандард.
Голем број работни места во преработувачката индустрија (производство на облека, производство на кожа, производство на текстил) ниту нудат социјална сатисфакција, ниту приход доволен да ги изнесе вработените надвор од состојбата на сиромаштијата или надвор од зависноста за примања на бенефициите.
Развојниот процес во руралните средини не генерира доволно работни места со задоволителен квалитет и разновидност за да ги задржи младите што сакаат да останат во заедницата. Сѐ поголем број млади го одбегнуваат земјоделското занимање, значаен број домаќинства веќе сега се без младина, па според тоа и без наследник. Истражувањата покажуваат дека опаѓа виталната моќ на семејните фарми, имено, намалено е учеството на лицата до 34 години од 25 отсто во 2013 година, на 22 отсто во 2016 година.
Вработеноста во земјоделството сочинува 12,2 проценти од вкупната вработеност со просечна плата од околу 21.000 денари или за 22 отсто пониска од националниот просек. На почетокот од 2020 година, скоро една третина (32,2 отсто) од вработените во земјоделството се неплатени семејни работници.

Мали се чекорите кон модернизација и подобрување на конкурентноста во земјоделството. Истражувањата потврдуваат дека повисока стапка на сиромаштија има во областите што зависат од природните ресурси во однос на другите дејности. Животниот стандард во руралните средини е понизок и поради ниска, нестабилна и сезонска природа на приходите.
Факторите што би придонеле за намалување на сиромаштијата се добра клима за инвестирање во продуктивни дејности, висока заработувачка, ниски даноци на платите со што би се намалиле трошоците за работната сила и поврзување на понудата и побарувачката на работната сила. За справување со сиромаштијата и со социјалното исклучување се наменува потреба од развој на поинклузивен пристап на социјалната и на економската политика со која ќе се воспостават квалитетни социјални права на вработените и со што ќе им се овозможи поголема поддршка на младите во нивниот премин кон независни зрели лица.

Неразвиените подрачја што се стремат кон намалување на сиромаштијата и задржување на младите жители со повисоко образование немаат друг избор, освен да почнат со спроведување стратегија за развој на додадена вредност. Политиките за рурален развој мора да соодветствуваат со стратегиите за напредок, а не за конзервација. Инвестициите во патната инфраструктура ќе им помогнат на руралните области да ја надминат изолацијата и да се приближат до главните економски настани.

проф. Јорде Јаќимовски