Успехот лежи во (не)единството

Два дена по остварувањето на историската победа на репрезентацијата во фудбал на Република Албанија, на која лично присуствуваше и потпретседателот на Владата на Македонија, Артан Груби, тој не можеше да ги скрие своите „емоции од големата победа на албанската фудбалска репрезентација“, кои ги искажа на средбата остварена со фудбалерот од Куманово, за која рече дека „успехот лежи во единството“!? За кое единство мислеше тој? Одговорот беше повеќе од очигледен со неговите постапки

Македонската јавност сѐ уште се сеќава на сликите кога министерската петорка од ДУИ се релаксираше во кабинетот на првиот вицепремиер во натпревар во мали голчиња. Поводот беше поминувањето на владината одлука за почнување на градежните работи од делниците на коридорите 8 и 10, кои му беа доделени на странскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Минатата недела во истите простории се славеше уште една голема „победа“. Но оваа прослава не беше мотивирана од остварување нови економски придобивки, туку се однесуваше на поинаков спортски успех, остварен на фудбалскиот стадион во Тирана! Овој пат, вицепремиерот Груби се пофали дека во службените канцеларии го примил фудбалскиот репрезентативец на Албанија, Таулант Сефери, стрелецот на двата одлучувачки гола против Чешка, со што албанската фудбалска репрезентација е поблиску до пласманот за Евро 2024 во Германија. Два дена по остварувањето на историската победа на репрезентацијата во фудбал на Република Албанија, на која лично присуствуваше и потпретседателот на Владата на Македонија, Артан Груби, тој не можеше да ги скрие своите „емоции од големата победа на албанската фудбалска репрезентација“, кои ги искажа на средбата остварена со фудбалерот од Куманово, за која рече дека „успехот лежи во единството“!?
Славењето на спортскиот успех на некои од репрезентациите или на поединци од соседството не е невообичаено за нашите балкански простори, поради меѓусебната блискост и поврзаност на граѓаните. Тука нема ништо спорно. Тоа што предизвикува внимание и одредена доза револт е начинот на кој се прави тоа од страна на симпатизерите на одреден спортски клуб или репрезентација на друга држава. Никој не е против славењето на нечиј спортски успех и тоа да се искаже и на улиците во нашата земја, како што го направија тоа и група граѓани од Куманово вечерта кога беше остварена победата над Чешка. Но секако не се прифатливи паролите што се изрекуваат на ваквите настани, со што спортското навивање преминува во величање на една нација и служи исклучиво за промовирање „етничко единство“ преку истакнувања само државни обележја на друга држава, се скандираат воинствени пароли и се искажуваат територијално разединување, раздружување, па потоа национално единство и спојување во големи моноетнички држави… На тоа истото ли мислеше првиот вицепремиер Груби кога во јавноста порача дека „успехот лежи во единството“!?

Во мултиетничките општества како што е Македонија, и тоа во ова актуелно фрагилно опкружување, воинствени настани и момент, граѓаните може да се хиперсензитивни на ваквите демонстрации и провоцирања. Во еден таков контекст, уште поголема обврска има за луѓето што извршуваат високи државни функции. Во изминатите години имаше неколку случаи на „непринципиелно“ однесување на албанските функционери, кои не беа во духот за градење заедништво и мултиетничко општество. Изјавите од типот „Тетово како албански главен град во Северна Македонија“ на тетовскиот градоначалник, Билал Касами, при пречекот на косовскиот премиер, или онаа на министерот за економија Крешник Бектеши, кој со сите сили се обидуваше да го демантира албанскиот новинар дека не бил „македонски министер“, не се во духот на соживотот, за кој декларативно се залагаат политичките партии во земјата. Оттука, целосно е неприфатливо однесувањето на првиот вицепремиер, кој заборава дека не е повеќе водач на навивачка група. Неизбежен е впечатокот дека отсуствуваа осуда и критика од албанската интелектуална средина и од коалициските партнери во Владата за однесувањето на првиот вицепремиер, кој својата канцеларија сѐ позачестено и сѐ „погрубо“ ја користи како трибина за лична, партиска и етничка промоција.
Во наредниот предизборен период се очекуваат уште вакви потези, кои дополнително ќе ги засилуваат меѓуетничките тензии. Поради тоа е потребно поразумно однесување на сите носители на јавни функции, кои би требало да поработат на градење на меѓусебната доверба и заедништво.

Оттука, целосно е неприфатливо однесувањето на првиот вицепремиер, кој заборава дека не е повеќе водач на навивачка група. Неизбежен е впечатокот дека отсуствуваа осуда и критика од албанската интелектуална средина и од коалициските партнери во Владата за однесувањето на првиот вицепремиер, кој својата канцеларија сѐ позачестено и сѐ „погрубо“ ја користи како трибина за лична, партиска и етничка промоција

Доколку се искрени во своите намери за градење заедничка држава, имаат најразлични начини да го покажат тоа со свои лични примери и залагања. Таквата можност секако ја дава и спортот или ако сакате поконкретно и македонската фудбалска репрезентација, во која забележително место имаат и фудбалерите Адеми, Муслиу и Барди, на пример. Имаме многу поводи за славење и одбележување на наши домашни победи, како што беше и историската победа на македонската репрезентација над Италија, која беше исфрлена од учество на минатото Светско првенство. Со заедничката слика по овој натпревар, на која би биле вицепремиерот Груби и фудбалерот Александар Трајковски, облечени во црвено-жолти дресови и со македонското сонце, ќе се испратеше поинаква порака. Порака што ќе значи соживот и пријателство меѓу сите граѓани во Македонија. Исто така и силна порака за единството во македонската репрезентација и играчите, кои би биле помотивирани за постигнување нови победи. И токму единството на фудбалерите се покажа многупати досега и тоа може да послужи и како добар пример за тоа како да се однесуваат политичарите.
Време е политиката да се отстрани од спортот. Пренагласеното славење спортски победи или објавувањето слики со „орлиња“ направени од прстите на рацете, кои сме навикнати да ги гледаме на социјалните мрежи, се само начин за промовирање на национализмот и нетрпението кон другите. Таквата политика неминовно нѐ води кон етничка гетоизација во земјата, процес што се покажа како трагичен за земјите од регионот и во светот. Тоа не била никогаш формула на Македонците и Македонија.