Фото: Маја Јаневска-Илиева

По две победи во двете кола забележаа Македонија, олимпискиот првак Франција, Романија, Хрватска, Холандија, Чешка, Словенија, Шпанија, Црна Гора, Шведска, Исланд и Данска. Првите две селекции од осумте квалификациски групи и најдобрите четири меѓу третопласираните ќе настапат на ЕП 2024. Следниот меч за Македонија е во февруари, дома, со Шпанија

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024 ЗА ЖЕНИ

Македонската женска репрезентација сигурно чекори на патот кон пласман на Европското првенство (ЕП) во Унгарија, Австрија и во Швајцарија во 2024 година, откако во вториот натпревар во квалификациите во групата пет ја забележа и втората победа, овој пат на гости во Литванија, со 31-28.
Десното крило Сара Ристовска беше најефикасна со девет гола од 12 шута, левиот бек Андреа Седлоска постигна осум од исто толку удари, а левото крило Јована Саздовска шест од седум обида. На голот Јована Мицевска имаше осум одбрани, а Драгана Петковска две. Кај Литванија левиот бек Аусра Арцисевскаја постигна девет гола од 14 шута.
– Не успеавме да реализираме некои од нашите планови. Игравме подобро во одбраната и успеавме да победиме. Тоа беше одличен натпревар, но верувам дека во иднина можеме да одиграме многу подобро – изјави за Европската ракометна федерација (ЕХФ) Едуарда Талеска Аморим, која е дел од стручниот штаб на селекторот Кристијан Грчевски.
Селекторот на Литванија, пак, потенцира дека и покрај поразот, неговата репрезентација ќе продолжи да се бори за да обезбеди пласман на ЕП.

– Натпреварот беше многу тежок. Се боревме до крајот, но противникот беше посилен. Многу ни помогнаа нашите навивачи и одличната атмосфера во салата. За жал, ни недостигаа неколку гола за добар резултат, но не се откажуваме и ќе продолжиме да се бориме за билет за ЕП 2024 – рече селекторот Каролис Каладинскас, пренесе ЕХФ.
Следниот натпревар Македонија ќе го игра на 28 или на 29 февруари 2024 година дома со Шпанија, а во тој термин ќе играат и Азербејџан – Литванија.
Колото го обележи убедливата победа на олимпискиот првак Франција против Летонија на гости, со 55-8. Французинките досега се најефикасни од сите групи, со 105 гола, и имаат најдобра гол-разлика (плус 81). По две победи во двете кола забележаа Македонија, Романија, Хрватска, Холандија, Чешка, Франција, Словенија, Шпанија, Црна Гора, Шведска, Исланд и Данска. Првите две селекции од осумте квалификациски групи и најдобрите четири меѓу третопласираните ќе обезбедат пласман на ЕП 2024. Директно се пласираа европскиот првак Норвешка и селекциите на трите земји-домаќини. Г.И.


ГРУПА 5

Литванија – Македонија 28-31
Азербејџан – Шпанија 18-38

ТАБЕЛА
Шпанија 2 2 0 0 85-32 4
Македонија 2 2 0 0 71-45 4
Азербејџан 2 0 0 2 42-78 0
Литванија 2 0 0 2 35-78 0
Идно коло (28/29.2 2024):
Македонија – Шпанија,
Азербејџан – Литванија.