Кога е повеќе од јасно дека интеграцијата ќе оди во етапи, односно како што вели австрискиот амбасадор дека нема смисла да се чека на секој параграф,
тогаш во вакви услови нема ниту смисла да се прават уставни измени во момент кога мнозинството македонски граѓани се противат на такво нешто. Дополнително, одложувањето на ова прашање за некој подоцнежен период низ пристапните етапи само ќе овозможи во земјава да се изгради општествен консензус околу уставните измени и да се донесе решение што ќе биде прифатливо и одржливо на долг рок. Истовремено, носењето такво решение, кое ќе биде плод на домашна дебата, ќе го ослободи македонското општество од товарот дека мора да исполнува услови наметнати од други страни

Многубројните нонпејпери што кружеа изминатите години стануваат европски официјални документи

По малку срамежливо, но домашните политичари почнуваат сè почесто да говорат за некакви поинакви врски со Европската Унија наместо полноправно членство, откако на сите почна да им станува јасно дека членството со полн капацитет во блиска иднина ќе биде невозможно да се реализира.
Главниот промотор на таквата „делумна интеграција“ е францускиот претседател Емануел Макрон, кој ставајќи го првото вето за отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, испрати јасен сигнал дека со полноправното членство на краток рок веќе е завршено и дека на Европа ѝ е потребна втора лига во која ќе членуваат земјите од Западен Балкан, дополнети со Украина, Молдавија и Грузија. Тоа значи дека Брисел ќе ја постигне целта, ќе биде отстранета опасноста од ширење други влијанија на овие простори, истовремено Унијата ќе го задржи приматот во регионот и ќе ги смири внатрешните отпори околу проширувањето со нови членки.
Нонпејпери и разни документи за „Европа во две брзини“ циркулираат извесно време на Балканот и иако не се откриваше кој стои зад тие документи, повеќе од јасно беше дека тие се изработени во европските центри на моќ и имаат цел да го напипаат пулсот на земјите кандидатки за поинакво „второлигашко“ членство во европското друштво.
Неодамна австрискиот амбасадор во земјава Мартин Памер обелодени дека доставил таков документ до вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, во кој станува збор за забрзана интеграција на Македонија и земјите од регионот во ЕУ, но со помали ингеренции.

– Нема смисла да се чека на секој параграф, аспект или која било друга обврска да биде исполнета за да кажеме сега можете да станете членка на ЕУ. Многу е подобро да ги вклучиме нашите партнери таму каде што веќе ефикасно придонесуваат и учествуваат и на тој начин да ги уживаат погодностите на ЕУ. Значи станува збор за постепена интеграција. Можеби 2030 година за некои земји е прерано, а за некои може да е и предоцна. Но, важно е да имаме предвид каде одиме, да продолжиме и да забрзаме – порача Памер.
Тој појасни дека тоа значи да ѝ се овозможи на Македонија, како и на преостанатите земји, да учествува со поголемо вклучување и во повеќе програми и форуми на ЕУ, таму каде што може да партиципира и каде што има смисла. Тоа практично значи да се подобри процесот на евроинтеграција.
Неодамна сличен став изнесе и поранешниот македонски претседател и премиер Бранко Црвенковски, во рамките на регионалната конференција ,,Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ – предизвици и перспективи“, која изминатиот викенд се одржа во Скопје, кој појасни дека додека се чека полноправно членство, не е лошо да се биде дел и од придружниот тим.
– Сите земји од Западен Балкан, без исклучок, заедно да побараме од ЕУ пристап до заедничкиот европски пазар и до структурните фондови на Унијата. Не како алтернатива на полноправното членство туку како меѓучекор што дополнително ќе нè подготви за целосно интегрирање – рече Црвенковски.
Кога е повеќе од јасно дека интеграцијата ќе оди во етапи, односно како што вели австрискиот амбасадор дека нема смисла да се чека на секој параграф, тогаш во вакви услови нема ниту смисла да се прават уставни измени во момент кога мнозинството македонски граѓани се противат на такво нешто. Дополнително, одложувањето на ова прашање за некој подоцнежен период низ пристапните етапи само ќе овозможи во земјава да се изгради општествен консензус околу уставните измени и да се донесе решение што ќе биде прифатливо и одржливо на долг рок. Истовремено, носењето такво решение, кое ќе биде плод на домашна дебата, ќе го ослободи македонското општество од товарот дека мора да исполнува услови наметнати од други страни.
– Македонија плати превисока цена за својата европска интеграција. Срамота е сето она што се случува со нас од објавувањето на мислењето на Бадинтеровата комисија, па до денешниот ден – вели поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски.
Според него, уставните измени во овој момент се проблематични и затоа мнозинството граѓани не ги прифаќаат.

– Во однос на уставните измени, пак, останува горчливиот вкус дека власта влегла во налудничава авантура и дека сега целиот притисок е врз Македонија, особено поради сложениот геополитички момент. Уставните измени се проблематични, наметнати се и граѓаните со право го одбиваат тоа решение – потенцира Боцевски.
За него идејата во австрискиот нонпејпер за постепено приближување кон ЕУ не е лоша, но целиот процес на крајот мора да резултира со полноправно членство.
– Прашањето за меѓучекор до целосна интеграција на земјата е интересен предлог и би било добро да се реализира – смета Боцевски.
Познавачите на европските состојби во земјава сметаат дека австрискиот нонпејпер е само потврда на проектот на Макрон, за Европа во повеќе брзини.
– Македонија не треба да се залажува за скоро полноправно членство во ЕУ, оти тоа нема да се случи. Затоа и не треба да избрзува со одлуките, туку да ѝ се посвети на домашната задача, поточно да остане посветена на европската агенда, но во согласност со Копенхашките критериуми. Тоа значи дома да воспостави вистинско владеење на правото, да почне борба со корупцијата, институциите да станат функционални, да се изгради добар здравствен и образовен систем, а најавите за пристап до единствениот европски пазар се од голема полза за македонската економија. Со други зборови, да се грижиме за нашите национални интереси, а каква било асоцијација со ЕУ секако ни е во прилог – истакнуваат соговорниците.