фото: Пиксабеј

За ублажување на катастрофалната хуманитарна ситуација на жителите на Газа предизвикана од последиците од терористичкиот напад на Хамас врз Израел, ЕУ донесе одлука да започне операција за воведување хуманитарен воздушен мост, што ќе се состои од неколку авионски летови до Египет, со кои ќе се достават помош до хуманитарните организации на теренот.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, првите два лета се предвидени за во текот на оваа недела, со кои до активистите на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) ќе бидат доставени шатори, лекови и пакети за одржување на хигиената.

– Оваа операција, што се спроведува преку Европскиот капацитет за хуманитарен одговор, ќе ја олесни испораката на помош до луѓето на кои им е потребна во Газа. Дополнителни средства од залихите за итни случаи на ЕУ се достапни и подготвени да бидат доставени до нашите хуманитарни партнери веднаш штом ќе бидат побарани – се наведува во соопштението на Европската комисија.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен викендов најави дека ЕУ тројно ќе ја зголеми хуманитарната помош за поддршка на цивилите во Газа на над 75 милиони евра. Помошта ќе се дистрибуира преку избрани хуманитарни партнери од ЕУ кои работат на терен, при што ќе се земат предвид нивните капацитети и пристап.

ЕУ обезбедува хуманитарна помош за Палестинците од 2000 година, која се дистрибуира исклучиво преку регистрирани хуманитарни организации, вклучувајќи ги агенциите на ОН, меѓународните невладини организации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Од овие партнерски организации се бара да ги почитуваат највисоките стандарди и строгите правила и се предмет на мониторинг и инспекција од хуманитарни експерти на ЕУ.

Како што посочува ЕК, хуманитарната помош на ЕУ секогаш се обезбедува врз основа на хуманитарните принципи на непристрасност, неутралност, независност и хуманост.