Сите нијанси на корупцијата

Борбата против корупцијата е сериозен предизвик за Македонија, но исто така и за Европската Унија, каде што неодамна беше обелоденет еден од најголемите коруптивни скандали. Но има и други примери каде што за други видни европски политичари и функционери, како Макрон на пример, се водат одредени истраги и има основи за сомневање за коруптивни дејанија. А токму Макрон со сиот свој авторитет застана зад францускиот предлог, кој предизвикува лавина контроверзии во Македонија. Оттаму се наметнува и дилемата дали треба безрезервно да им веруваме и да прифаќаме сѐ што доаѓа од европски политичари и дали можеби и штетните договори што ѝ беа испорачани на Македонија се производ на некакви коруптивни дејанија и противзаконско тргување со политичко влијание

Старите принципи на владеењето во историската Венецијанска Република, кога за време на мандатот ниту дуждовите (кои во „цивилство“ вообичаено биле трговци) ниту некој од нивното семејство не смееле воопшто да се занимаваат со трговија, која им била основна дејност, претставуваат сериозен предизвик за современите држави, општества, сојузи, заедници…, кои гласно и јавно ги декларираат своите заложби за „нулта корупција“. Треба да се признае дека развиената креативност во зборообразувањето на современите експерти за односи со јавност при создавањето нови термини за базичните вредности за секое цивилизирано општество, како чесноста и почитувањето на правото на другиот еднакво како и своето, успева да создаде привид за некоја нова естетика и стандарди на доброто и лошото владеење во меѓусебните човечки односи. Секако, тие нови „стандарди и естетика“ на моралот се најчесто во функција на „напредните форми“ на општење – политичките и економските интереси. Сепак, и покрај сето нијансирање и менување на моралните стандарди за одредени сопствени интереси, последиците од прекршувањето на основните вредности на сторителите им се враќаат во базична форма, па корупцијата се сведува на одземање нешто незаслужено и што не ти припаѓа, а политиката на двојни стандарди, колку и да звучи прагматично – во суштина е лага што нанесува неправди.
И понатаму останува мистерија на човештвото и психологијата дали корупцијата (како своевиден модалитет на стекнување незаслужени придобивки) е искушение само за оние што немаат, а сакаат повеќе или е исто толку привлечна и за оние што го имаат потребното, а сакаат уште повеќе. Оваа дилема некако логично се поставува во Македонија по зачестеното откривање афери со корупција во самите структури на Европската Унија, која е стратегиска цел на државата да стане дел од тоа европско семејство, за што се покажува дека е подготвена дури и да жртвува сопствени идентификациски вредности, за кои сите други сметаат дека се неприкосновено и суверено право.

Од македонска перспектива, навистина животот во земји-членки на Европската Унија изгледа дека е полесен за живеење, со повеќе можности за себереализација на материјален, па и на интелектуален план. Висок е процентот на увереноста дека таквите можности во земјите на ЕУ се резултат на принципиелната функционалност на демократските вредности на кои е поставена Унијата и на кои претендира да ги стандардизира и земјите-кандидати. Но доволно збунувачки, за земјите-кандидати како Македонија, е кога Унијата, која ја перципира како неприкосновен модел на принципиелноста, прво замижува на сопствените отстапувања од декларираните политички вредности, а потоа тоа отстапување го наметнува како услов да се влезе во нејзиното друштво. Иако препознаени овие двојни стандарди, дел од политичката елити на Македонија смета дека тоа е опортуно за целта што си ја има поставено, што секако создава фрустрација. И покрај таквата фрустрација, започнат е некаков процес на усогласување барем со стандардните критеруми за достигнување на декларираните вредности на ЕУ, што се нарекува скрининг на општествените состојби во Македонија, пред сѐ во врска со владеењето на правото. И во тој процес на воспоставување дијагноза на актуелната општествена состојба на Македонија според стандардните вредности на ЕУ, заклучено е дека е потребно итно и неодложно справување со корупцијата. Дијагнозата е прифатена од сите политички фактори во земјата, секако со меѓусебни обвинувања за тоа кој најмногу влијаел за таквата состојба, кога во врвот на европските институции е откриена корупциска афера, во која е инволвирана една од потпреседателките на Европскиот парламент, за која еврокомесарот за безбедност и надворешна политика вели дека е многу загрижувачка и дека му задава силен удар на имиџот на Европскиот парламент, кој пред сѐ се претставува како лидер во борбата против корупцијата.
Покрај оваа бриселска афера, во Франција со месеци се води истрага во која има сомневања за коруптивна вмешаност и на актуелниот француски претседател Емануел Макрон, во времето пред првиот претседателски мандат, како и за влијанието на тие коруптивни врски во неговите изборни кампањи. Своевидна иронија е што истрагата за Макрон во Франција започнува токму во периодот кога тој на Македонија ѝ го дава тн. француски предлог на преговарачката рамка за одблокирање на почетокот на преговорите со ЕУ, во кој е вградена една уценувачка клаузула за уставни измени и внесување на Бугарите во преамбулата, што, според стандардите на меѓународното право, е мешање во внатрешните работи на суверена држава.

Независно од коруптивните афери во институциите на ЕУ и воопшто во меѓународната заедница, Македонија секако треба да се справи со својата ендемска корупција, која ги блокира економскиот развој, општествениот напредок и можностите за квалитетен животен стандард на сопствените граѓани. Во таков контекст, амбицијата за членство во ЕУ е голема мотивација и оправдана цел. Но таквата мотивација не треба да биде причина за погазување и жртвување на сопствените национални вредности и достоинство. Конечно, колку и да се нијансирани големите (гео)политички интереси, корупцијата е незаконско дејание, а направените отстапки во име на прагматичната цел, на крајот може да излезат голема лага.Затоа, слабост и некарактерност е сопствените вредности да се жртвуваат за туѓи лаги и кражби, кои може да се испостави дека биле производ и на одредени коруптивни дејанија.