Фото: Игор Бансколиев

Следното СП ќе биде прво со три земји-домаќини и прво со учество на 48 селекции (според најавите, Европа ќе добие три дополнителни места, Јужна Америка уште две, по четири места Азија и Африка, а Северна Америка три, покрај домаќините САД, Мексико и Канада)

ФУДБАЛ

На Светското првенство годинава ѕвездите блеснаа, шокантните резултати покажаа дека фудбалот е навистина глобална игра, се појавија некои нови имиња, а Аргентина го освои третиот трофеј. По три и пол години следува Светското првенство во САД, Мексико и во Канада. СП 2026 првпат ќе се игра во три земји (претходно најмногу домаќини беа две земји, во 2002 година, Јужна Кореја и Јапонија) и на еден мундијал првпат ќе настапат 48 репрезентации (од 1998 година досега играа по 32).
Европа ќе добие три дополнителни места, Јужна Америка уште две, дополнителни четири места ќе има за Азија и за Африка. Домаќините САД, Мексико и Канада ќе се квалификуваат автоматски, но сепак ќе има уште три места за Северна Америка, пишува ЕСПН.
– Кој би се борел за трофејот во 2026 година? Одговорот во 70-80 отсто случаи, најдобро би го дала статистиката, и тоа ако погледнеме назад, да речеме на последните пет светски првенства, и да видиме кои репрезентации биле меѓу првите осум. Секако, со тоа што е можно да има и некое позитивно изненадување, како што беше Мароко годинава, но и негативно, како што сега беа Германија, Шпанија, Англија, Португалија. Но треба да се знае дека во фудбалот, сепак, нема ништо случајно. Ако го исклучиме Килијан Мбапе, кој ќе игра и на следното СП, пријатно сум изненаден од неколкуте млади фудбалери на Франција, кои 70 отсто беа на возраст од 20-21 година во финалниот натпревар против Аргентина, па може и меѓу нив да се бара некоја млада ѕвезда и конкурент на Мбапе. А би ги издвоил и фудбалерот на Англија, Белингем, потоа Португалецот Леао, но секако во меѓувреме може и некој друг млад фудбалер да се изнедри во голема ѕвезда на следното СП – вели поранешниот селектор на Македонија, Ѓоре Јовановски.
Македонскиот селектор Благоја Милевски посакува на СП 2026 да има многу повеќе фудбалери што би биле на нивото на Мбапе.
– Тешко е да се каже уште сега кој ќе победи на следното СП во 2026 година, со оглед на тоа што ќе има квалификации, потоа составите со кои ќе настапат репрезентациите и слично. Мбапе е млад и тој може уште да конкурира за играч на следното СП, не би можел да кажам кој би му бил главен конкурент во овој миг, но секако би сакал да има многу повеќе што би биле на негово ниво. Сега видовме дека се појавија и селекции што се во подем, како на пример од африканските и од азиските земји, па нема да биде изненадување ако и од овие редови се јават нови фудбалски ѕвезди – вели фудбалскиот селектор на Македонија, Благоја Милевски.

ВАР

Светското првенство во 2026 година би можело да ја донесе вештачката интелигенција, која го прави ВАР беспрекорен концепт, што ќе ја искорени секоја дебата за судиските одлуки, пишува ЕСПН. ВАР се разви брзо откако првпат беше воведен на турнирите на ФИФА за време на Купот на конфедерации во Русија во 2017 година.
– Јас сум голем приврзаник на ВАР-технологијата. Едноставно тука влогот е голем, парите се огромни и не може сѐ да се сведе само на грешка на еден човек и со тоа да се казни една репрезентација, а да се изгубат милиони долари. Сметам дека и во УЕФА и во ФИФА има многу паметни луѓе што сакаат тие грешки на теренот да се сведат на минимум. Тие секогаш имаат пилот-програми со кои прават анализи и затоа сметам дека оваа технологија околу прецизното донесуваните одлуки ќе продолжи и понатаму, ако треба милиметар по милиметар ќе се оди, за да бидат одлуките што поисправни и тука нема што повеќе да се дискутира. Многу се дискутираше за тие пенали што беа (не)досудени кога топката ќе го удри играчот во рака, за што лично сметам дека секое удирање на топката во рака кога таа е одвоена од телото е пенал и тука нема што повеќе да се зборува. Според мене, во глобала гледано, судиите добро си ја завршија својата работа. Кому му пречеше, на пример, во прво полувреме да гледаме 7-8 минути повеќе фудбал, кога веќе имало многу прекини. Па, на крајот од краиштата, и од финансиски аспект не е ист кога се гледа фудбал 120 или 150 минути – вели Јовановски.
Во Катар се користеше полуавтоматизиран систем за офсајд, кој функционираше успешно, и неизбежно е да се појави повеќе нова технологија отсега до 2026 година, која ќе ги однесе ВАР и одлуките надвор од теренот на ново ниво, пишува ЕСПН.
– ВАР-технологијата, според мене, успешно си ја заврши својата работа, без разлика дали стануваше збор за ситни или големи сомнителни детали, иако има некои скептици околу неговата исправност. Гледавме подолги први и втори полувремиња, но сметам со право, оти имаше чести прекини и тоа мораше да се дополни, што е во ред. Можеби треба во иднина, како во кошарката или во ракометот, по 45-те минути игра да се стопира времето при секој следен прекршок, пенал или некој поголем прекин заради ефективното време минато на теренот – вели Милевски.

СП 2026 – ТРИ ЗЕМЈИ, 16 ГРАДА, 48 РЕПРЕЗЕНТАЦИИ…

СП 2026 ќе се игра во 11 града во САД, три во Мексико и два во Канада. Поголемиот дел стадиони се со голем капацитет што ги користат тимовите на НФЛ во САД, некои од стадионите ќе бидат надградени пред 2026 година, а за некои ќе биде потребно поставување тревна површина, бидејќи вештачката трева не е дозволена од ФИФА, пишува „Би-би-си“.
Според сегашната ситуација, форматот ќе значи 80 натпревари, иако тоа, сепак, може да се промени. САД би биле домаќини на 60 натпревари, вклучувајќи го и секој натпревар од четврт-финалето до финалето, а Канада и Мексико би биле домаќини на по 10 натпревари. И САД и Мексико претходно биле домаќини на СП, но повеќето стадиони за 2026 година ќе бидат различни. САД не користат ниту еден од стадионите од 1994 година, а Мексико има само еден, од 1970 и 1986 година, иконскиот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити.
Градови-домаќини на СП 2026 се Њујорк/Њу Џерси, Лос Анџелес, Далас, Сан Франциско, Мајами, Атланта, Сиетл, Хјустон, Филаделфија, Канзас Сити, Бостон, Торонто, Ванкувер, Гвадалахара, Мексико Сити и Монтереј. Уште не е објавено географското групирање на групите, но веројатно е дека репрезентациите ќе ги играат своите натпревари во групната фаза во регионализирани зони, пишува „Би-би-си“.
За тоа како ќе биде структурирано СП 2026 конечната одлука ќе ја донесе Советот на ФИФА во 2023 година. Првичната фаворизирана опција беше да има 16 групи со по три репрезентации. Секој тим би одиграл два меча, наместо три, при што првите две селекции ќе напредуваат во нокаут-фазата. Со оглед на успехот на форматот на групите со по четири репрезентации, структурата за 2026 година ќе биде повторно разгледана, според претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
– Морам да кажам по ова Светско првенство и успехот на групите од четири репрезентации, мораме повторно да го разгледаме или предискутираме форматот дали ќе одиме со 16 групи по три или со 12 групи по четири – вели Инфантино, пренесе „Би-би-си“. Г.И.; Г.М.