Деновиве бугарскиот археолог Николај Овчаров се огласи со евтина провокација „зошто северномакедонците се лутат што ги нарекуваат северномакедонци“, преку авторската колумна со ист таков наслов (објавена на 23 мај 2026 година) во бугарскиот весник „24 часа“.
Имено, Овчаров реагираше за демаршот што го упати Македонија поради тоа што бугарското министерство за надворешни работи употреби термин „северномакедонски партнери“. Во колумната Овчаров го „севернизира“ македонскиот национален идентитет и иронизира со позицијата на македонските власти дека Македонците се Македонци и оти елементарното почитување на идентитетот и достоинството на еден народ не може да биде прашање на политика.
Ќе потсетам кој е Николај Овчаров. На 1 јули 2025 година тој се огласува во бугарските медиуми, како што нагласува самиот, со „сензационални резултати од бугарската научна експедиција во Монголија“, спроведена во потрагата по корените на Бугарите. „Главната цел на експедицијата беше да се бараат докази за присуство на шамански практики и други заеми од античките култури во Централна Азија во паганска Бугарија од 7 до 9 век. Главните теории за потеклото на Античките Бугари се турско-алтајската и иранската. Сепак, неодамна се потврди компромисното гледиште дека нашите бугарски предци имале многу посложена етногенеза, во која учествувале голем број народи и култури“, ќе изјави Овчаров, нагласувајќи дека ова биле „сензационалните резултати“ од минатогодишната потрага по историските корени и потеклото на денешните Бугари.
Овој ист бугарски научник ќе се огласи во статија со бомбастичен наслов „Дракула говорел чист бугарски јазик!“ на 19 мај 2024 година, додавајќи: „Сите знаат за легендарниот ‘вампир’ Дракула овековечен во романот на Брам Стокер. Но тој херој е историска личност што живеела во ерата на отоманската инвазија – принцот од Влашка – Јован Влад Цепеш и зборувал и пишувал на чист бугарски јазик!“
И сега што да кажам за трагикомичните обиди на Овчаров да му ги претставува како „северномакедонски“ идентитетот и потеклото на народот македонски, чие име и името на Македонија во Новиот завет и Библијата се споменуваат 27 пати?! Македонците немаат ниту шамани ниту врачеви, ниту монголски, ниту турско-алтајски и ирански наслојки во своите историски корени, туку ги имаат, покрај другите, и Кирил и Методиј, македонските и сесловенски просветители-основачите на сесловенската писменост и еден од столбовите на севкупната европска цивилизација…
Ќе му ги споменам на Николај Овчаров, но и на бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова и премиерот Румен Радев, вонвременските аргументи и констатации на францускиот книжевник Анри Барбис и францускиот лингвист Андре Вајан. Во 1926 година во статијата „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ Барбис ќе нагласи за Македонците: „Навистина станува збор за една нација. Нација што има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност“. „Словенскиот македонски јазик претставува реалност во таква мера, што во XIX век суштествувал еден македонски литературен јазик, јазик на сосема мала учена литература, но на обилна народна литература“, истакнува Вајан во 1938 година во студијата „Проблемот на македонските Словени“ во врска со постоењето и засебноста на македонскиот јазик, исто така и тој со аргументи побивајќи ги сите бугарски и сечии други тврдења дека македонскиот јазик бил измислен од Тито во 1944/1945 година.
Еден од најжестоките аргументи на овој врвен француски и европски лингвист против негаторските тези на Петрова-Чамова и Радев, но и на самата Бугарска академија на науките и уметностите, е и „Македонскиот речник од 16 век“, кој го издал заедно со Ќиро Ѓанели, професор на Универзитетот во Рим, Италија – речник со повеќе од 300 изворни македонски зборови и фрази, напишан во 16 век од непознат автор, а објавен во 1958 година. Станува збор за еден од најраните ракописи напишани на чисто македонски народен јазик, со содржина собрана од селото Богатско, кое се наоѓа во регионот на Костурскиот округ, во југозападна Македонија, денес во Грција. И што правиме сега?! Македонски зборови во „Македонски речник од 16 век“ – четири века пред да тврди политичка и лажно научна Софија дека „македонските зборови се бугарски зборови“, оти „македонскиот јазик е регионална норма, регионален дијалект на бугарскиот јазик“!
Во овој контекст ѝ придавам исклучително значење на промената на геополитичката парадигма на Соединетите Американски Држави, со оглед дека во извештај до Конгресот, Стејт департментот најави нов пристап кон Западен Балкан. „Соединетите Американски Држави ја напуштаат политиката на градење држави и интервенционизам во Западен Балкан. Ерата на градење нации, предводена од САД, помина. Американската администрација е насочена кон зајакнување на локалните актери сами да ги решаваат сопствените предизвици“, се наведува во извештајот на Стејт департментот до Конгресот за односите со Западен Балкан.
Штом светската велесила САД предупредува дека поминала „ерата на градење нации“ и на „политиката на градење држави“, сеедно од кого спроведувано, зарем останува простор да ѝ се дозволува на политичка Софија да гради „северномакедонска нација“, во пакет со другите „добри соседи“, да ја спроведува својата политика на градење и „на втората бугарска држава“ врз темелите на македонската држава?! Американците умно и нам ни препорачуваат „локалните актери сами да ги решаваат сопствените предизвици“. Тоа е за мене моќен геополитички сигнал од највисоко светско рамниште да започнеме и ние самите офанзивно да ја ставаме на преден план во меѓународни рамки својата македонска парадигма. Најпрвин наспрема Европската Унија. Ако сакаат да нѐ примат во своите редови, нека го сторат тоа со нас само како Македонци, не како „северномакедонци“ или како „благонадежни Б’лгари“.
Не смееме да дозволиме македонската евроинтеграција, или проширувањето на ЕУ, за нас да се претвори во „европско растегнување бугарски ластик“! Кога би ги вметнале, условно, „државотворните Бугари“ во Уставот и откако ќе започнат преговорите, тогаш „ќе се растегне бугарскиот ластик“, арно ама ако не го прифатиме второто следно барање и откако ќе го одбиеме, на пример дека јазикот ни е „расипан западнобугарски дијалект“, оп, веднаш „бугарскиот евроинтеграциски ластик“ ќе се стегне пак и ние сме пак на почеток. За вакво „ластик-проширување“ на ЕУ со нас, за мајтапења со нас како народ и држава – не, благодариме!
Во својата научна статија за политичките случувања во Бугарија по победата на Румен Радев, објавена на 17 мај 2026 година, д-р Мартин Маринос, американскиот професор по медиумски студии од Пенсилванискиот универзитет и политички експерт за Источна Европа, ќе ги означи од свои причини Бугарите како една од „периферните нации“. „Секако, како и многу други периферни нации, Бугарите се остро свесни за својата позиција во рамките на меѓународниот поредок“, ќе напише Маринос.
Јас не ги сметам Бугарите како „периферна нација“. Но, ако некој во светски интелектуални и експертски кругови вака вели за нашите источни соседи, што пак тогаш би испаднале ние ако би дозволиле по уставните измени да нѐ измесат од „бугарското тесто“ во копија на „периферна нација?! Не „периферна“, не „северномакедонска“, туку би се престориле и конечно, во согласност со многуте нечии посакувања, во „магла-нација“, непостојна! Затоа повикувам на јакнење и форсирано меѓународно позиционирање на македонската национална парадигма.
Познатиот американски новинар, политички сатиричар и писател П. Џ. О’Рурк во неговата книга од 1994 година „Дајте ѝ шанса на војната“ сатирично ја опишува пропаста на комунизмот и Студената војна, нагласувајќи дека Источниот блок не бил поразен примарно со воена сила (нуклеарни ракети), туку поради економскиот колапс и неможноста на социјалистичкиот систем да произведе квалитетни и посакувани стоки за широка потрошувачка. „Огромен тоталитарен систем падна на колена, затоа што никој не сака да носи бугарски чевли!“, наведе американскиот сатиричар. Ќе кажам и јас, сликовито, дека и ние, Македонците, не сакаме да носиме „бугарски чевли“, кои наместо кон Македонија на 21 век би нѐ однеле во „Санстефанска Бугарија“ од 1878 година!
Свето Тоевски

































