Вашингтон со нов прагматичен курс кон Балканот
- Пораката од САД е повеќе од јасна, времето на меѓународно „спасување“ и градење институции и нации е минато, а одговорноста за реформите паѓа врз домашните политички актери. Сепак, американскиот ангажман останува силен, со оглед на тоа што безбедноста на овој регион се смета за витален дел од геополитичките и економските интереси на САД
Предмет на голем број анализи и барање на потконтексти деновиве е документот што се најде во американскиот Конгрес, подготвен од страна на Стејт департментот, во кој се утврдува новата американска доктрина кон земјите до Западен Балкан.
Имено, во документот составен на седум страници јасно се посочува дека идниот фокус на американската политика кон Балканот ќе биде градење прагматични „реципрочни партнерства“ и регионална стабилност. Пораката од САД е повеќе од јасна, времето на меѓународно „спасување“ и градење институции и нации е минато, а одговорноста за реформите паѓа врз домашните политички актери. Сепак, американскиот ангажман останува силен, со оглед на тоа што безбедноста на овој регион се смета за витален дел од геополитичките и економските интереси на САД.
Заврши американската „ера на градење нации“ на Балканот
Во тој контекст, во разговор со повеќе експерти, дипломати, познавачи на геополитичките превирања, беа посочени неколку аспекти за тоа како да се постави Македонија во една ваква нова констелација на односите. Имено, САД се стратешки партнер на земјава, така што и Македонија ќе мора потезите во иднина да ги влече во согласност со националните интереси и можностите што ги нуди стратешкото партнерство.
Според нашите соговорници, во документот јасно е истакнато дека САД повеќе нема да трошат ресурси на долгорочно и отворено градење институции (што често дејствуваше како бездна без крај), туку преминуваат кон трансакциски односи, односно проекти што носат заемна корист.
– Ако ерата на американско „градење нации“ (nation-building) на Балканот е официјално завршена како што се истакнува во документот на Стејт департментот, тогаш дилемата што се наметнува сега е дали тоа значи дека САД ѝ го препуштаат политичкиот менаџмент на кризите на Европската Унија или, пак, Вашингтон едноставно ги менува алатките што ги користеше досега – од дипломатски притисок кон економски прагматизам? Ние во овие повеќе од три децении независност се навикнавме некој друг од страна да ни ги решава проблемите, дури и оние најбаналните, а најчесто такви „олеснувачи“ беа Американците. Она што сега е повеќе од јасно, тоа е дека американската амбасада повеќе нема да биде дежурниот судија и местото каде што одредени политички лидери ќе одат на отчет или ќе се жалат, туку домашните политичари конечно ќе мора да почнат сами да продуцираат решенија. Тоа е потребно за да покажеме зрелост како држава да изградиме сопствени институции – велат нашите соговорници.
Според нив, не е добро ваков нов „менторски“ однос да се очекува ниту од Европската Унија.
– Од ЕУ не треба да бараме таква помош или некакви олеснувања и помош во решавањето на внатрешните проблеми. Ние треба да испорачуваме резултати кон ЕУ доколку сакаме да го забрзаме евроинтегративниот пат, а ако знаеме да решаваме проблеми, тогаш некои активни пречки што сега ги имаме во евроинтеграциите лесно ќе бидат отстранети токму од европските челници – посочуваат соговорниците.
Енергетската инфраструктура е македонскиот безбедносен чадор
Исклучиво важни за САД се сегментите во извештајот на Стејт департментот за енергетската инфраструктура, диверзификацијата (течен гас од САД, обновливи извори) и „намалувањето на руското влијание преку енергентите“.
– Во каква позиција е сега Македонија? Со вклучувањето во т.н. „Вертикален гасен коридор“ заедно со Грција, Бугарија и Србија, државата ги напушта децениската инфраструктурна изолација и зависноста од само една влезна точка на бугарската граница. Кога инвестициите во енергетиката се синоним за американската национална безбедност, тогаш гасоводот не е само обичен цевковод туку тој е и безбедносен чадор. Со изградбата на интерконекторот со Грција (кој веќе е во фаза на реализација) и распишувањето на тендерот за интерконекција со Србија, Македонија се трансформира од пасивен потрошувач во неизоставен транзитен коридор за течен гас (ЛНГ) од терминалите во Ревитуса и Александропулис кон Централна Европа. Вашингтон сака да ја види оваа рута функционална за целосно да го истисне рускиот гас од Србија и Унгарија, што на Скопје му дава политичка предност – велат енергетските експерти.
Според соговорниците „сѐ си има своја цена, па и повисоката на американскиот ЛНГ, но доколку со таа одлука се решат низа горливи прашања, и тоа треба да се земе предвид. Но идентитетските да влезат во комбинација, тоа – никако“!
Тие додаваат дека тука не смее да се повторат грешките од минатото, кога поради тромата администрација, многу проекти беа откажани или замрзнати.
– Американскиот капитал бара брзина, чиста сопственост врз земјиштето каде што се гради и нула корупција при јавните набавки. Домашната административна тромост, комплицираните процедури за експропријација и историјата на коруптивни скандали во инфраструктурните проекти се нашата најголема кочница. Ако дозволиме „нашите“ партиски препукувања или бирократски лавиринти да ги пролонгираат роковите (кои за врската со Србија се поставени до крајот на 2027 година), партнерите едноставно ќе нѐ заобиколат. Не треба да заборавиме дека Бугарија веќе има развиена мрежа и алтернативни рути. За да победи, Македонија мора енергетските проекти со САД и ЕУ да ги стави под т.н. „брза стратешка лента“, со специјални тимови што ќе ги чистат административните пречки во реално време. САД нудат безбедност и капитал, но домашното пренасочување на институциите од коруптивни дувла во брзи сервиси ќе одлучи дали ќе бидеме енергетски јазол или обична геополитичка „слепа улица“ – истакнуваат енергетските експерти.
Суверенизмот наспроти туѓите интереси и битки
Понатаму, документот нотира дека има земји што го експлоатираат балканскиот вакуум (корупција, слаби институции, евтини кредити за инфраструктура). Новата тактика на САД нема да биде само реторичка критика туку и „понуда на подобри алтернативи“ (американски инвестиции, инфраструктурни фондови).
– Новиот стратешки пристап на Вашингтон јасно покажува дека Балканот веќе нема да биде терен каде што геополитичките ривали ќе се натпреваруваат само со политичка реторика туку и со конкретни економски алтернативи. Во вакви околности, Македонија не смее да дозволи домашните системски слабости и корупцијата да создадат безбедносен вакуум што би го пополниле трети страни преку примамливи, но долгорочно ризични финансиски аранжмани. Нашата стратешка инфраструктура, без разлика дали станува збор за патишта, железници или критичната 5Г-мрежа, мора да се развива исклучиво низ призмата на сопствениот национален интерес. За да ја заштитиме земјата од туѓи геополитички пресметки на домашен терен, мора јасно да покажеме дека градиме независна и безбедна инфраструктура, компатибилна со нашите стратешки партнери. Клучот е во паметното балансирање: да ги заштитиме нашите витални сојузништва, а истовремено да го задржиме суверенитетот над сопствениот развој, без да станеме монета за поткусурување меѓу големите центри на моќ – истакнуваат нашите соговорници.
Жестока пресметка со криминалот и корупцијата
САД во документот нагласуваат дека криминалните картели од Западен Балкан се директна закана за американската национална безбедност (перење пари, трговија со дрога), така што пораката што Американците ја упатуваат до овие групи е дека нивната употребна вредност поминала, но и дека борбата со корупцијата повеќе нема алтернатива.
– Ако Вашингтон премине од реторика кон тврда условеност, најсилниот удар нема да го претрпи администрацијата, туку политичко-деловниот естаблишмент, кој со децении паразитира на пасивниот правосуден систем. Кога Стејт департментот го дефинира криминалот од овој регион како закана за сопствената национална безбедност, тоа значи дека американскиот фокус веќе не е насочен кон корупцијата на ниско ниво, туку кон капиталните текови каде што се слеваат нелегалните профити. Најранлив во Македонија ќе биде секторот на недвижности и градежништво, кој со години служи како примарен филтер за легализација на сомнителен капитал, како и јавните набавки во енергетиката и инфраструктурата. Новиот прагматичен пристап на САД подразбира хируршки прецизно сечење на логистичките и финансиските линии на добро етаблираните мрежи што со генерации ги монополизираат најпрофитабилните илегални пазари во регионот, од транзитот на дрога и шверцот со оружје, па до организираните групи за трговија со луѓе – нагласуваат експертите во делот на финансиски криминал.
Од друга страна, за познавачите на состојбите во делот на безбедноста и борбата со организираниот криминал, во извештајот на Стејт департментот јасно пишува дека на криминалното подземје во регионот му се одбројани деновите и дека политиката не смее да биде негов заложник.
– Она што е клучно и што претставува најголем страв за домашните елити е распукувањето на децениската симбиоза меѓу подземјето и политиката. Тврдиот американски став ќе ги принуди институциите да целат токму на оние структури што во одредени историски и политички констелации на Балканот не беа само обични криминални банди туку и дискретни извршители на терен или „подизведувачи“ на пошироки, стратешки и големодржавни амбиции на одредени центри. Кога таквите актери, заштитени со политички чадор или историски наративи, ќе станат преголем товар за безбедносната архитектура на НАТО, нивното отстранување станува примарен услов за каква било економска соработка. За Македонија, ова веќе не е прашање на извештаи со кои ќе се задоволи Брисел, туку избор помеѓу изолација и радикално чистење на теренот. Без целосно затворање на овие сиви зони и безбедносни вакууми, сериозниот американски капитал едноставно ќе нѐ заобиколи, оставајќи ја земјата заробена во сопствените внатрешни деструктивни матрици – заклучуваат нашите соговорници анализирајќи ги точките во новиот извештај на американскиот Стејт департмент во врска со идниот американски пристап кон Балканот.

































