По најавата на студентските организации дека ќе побараат зголемување на субвенцијата за студентски оброк, министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека најпрво треба да се утврди дали буџетот дозволува повисок износ. Субвенцијата сега изнесува 140 денари дневно.
– Со внимание ќе ги разгледаме иницијативите на студентите, како и сите досега, и по тоа внимателно разгледување, ќе одговориме во рамките на нашите можности. Ќе треба да се направи анализата и потоа ќе им одговориме и на студентите и јавно – рече Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Машинскиот факултет по повод Европската ноќ на истражувачите.
Студентите најавија и иницијатива за субвенционирање на меѓуградскиот превоз за оние што секојдневно патуваат на настава, поради зголемените цени на билетите. Јаневска рече дека и ова барање ќе биде разгледано кога ќе пристигне во Министерството, а одговорот ќе зависи од буџетските можности и надлежностите на институцијата.
Министерката информира и дека дополнителниот оглас за образовни асистенти е завршен, а изборот е речиси при крај. Според неа, останува да се обезбедат асистенти за уште мал број ученици.
– За жал, некои од асистентите се откажуваат од работата, но јас многупати сум кажала и ќе повторам – сите деца треба да бидат згрижени во училиштата. Таму има инклузивни тимови, стручни служби и други образовни асистенти, кои може да им помогнат на повеќе деца. Образовниот асистент не е личен асистент. И сите што треба да добијат образовен асистент, ќе го добијат – изјави Јаневска.
Прашана зошто дел од асистентите се откажуваат, таа рече дека причините се индивидуални и претпоставува дека некои не се чувствуваат доволно компетентни за таа работа.
































