Во Скопје свечено одбележана 77-годишнината од основањето на Народна Република Кинa
Кинеската амбасада во Македонија свечено ја одбележа 77-годишнината од основањето на Народна Република Кина, на прием одржан синоќа во Националната опера и балет во Скопје, во присуство на голем број гости од општествениот и јавниот живот, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава. Настанот беше збогатен со изведба на џез-музика во живо од квинтетот „Сју“ (Xu Quintet), бенд составен од талентирани млади музичари, кои активно настапуваат низ Европа, како и со изложени ракотворби од македонска изработка.
Во продолжение го пренесуваме интегрално говорот на амбасадорката на НР Кина во земјава, Џијанг Сјаојан, чие обраќање присутните го проследија со големо внимание.
Пред седумдесет и седум години, свечено беше прогласено основањето на Народна Република Кина – историски момент кога кинескиот народ навистина стана господар на својата земја, на своето општество и на сопствената судбина. Во текот на изминатите 77 години, под водство на Комунистичката партија на Кина, нашата земја постигна извонреден двоен успех: брз економски развој и долгорочна општествена стабилност, прераснувајќи во самоуверен и активен член на меѓународната заедница.
Тргнувајќи со самодоверба на ново патување, Кина ја унапредува националната ревитализација преку кинескиот модел на модернизација. Остануваме посветени на отвореноста, заедничките придобивки и соработката од типот „победа за сите“ (win-win); се залагаме за висококвалитетна соработка во рамките на иницијативата „Појас и пат“ и ги поддржуваме четирите глобални иницијативи. Се стремиме да промовираме просперитет преку развој, да одржуваме стабилност преку безбедност, да ја зајакнуваме меѓусебната доверба преку меѓуцивилизациски дијалог и да ја унапредуваме правичноста преку подобрено глобално управување – обединувајќи ги нашите напори за изградба на заедница со заедничка иднина за човештвото. Во овој момент, претседателот Си Џинпинг е во државна посета на САД и води разговори со претседателот Трамп. Светот се развива и времињата се менуваат, но историската логика на мирољубива коегзистенција меѓу Кина и САД не е променета, добрата волја на нашите два народа за пријателска размена не е променета, а заедничките очекувања на меѓународната заедница од двете земји остануваат непроменети. Кога Кина и САД дејствуваат врз основа на заемна почит, мирен соживот и соработка од која сите имаат корист, и кога заеднички работат на претворање на конструктивната стратешка стабилност во реални резултати, можеме да поставиме нов модел за односите меѓу големите сили и да отвориме посветла иднина за светот.
Оваа година ја означува почетната година на 15-от петгодишен план на Кина. Во текот на изминатата година, економскиот развој на Кина продолжи да добива нов замав. Кина се најде меѓу првите десет земји во светот според Глобалниот индекс на иновации (ГИИ), додека нејзината дигитална економија сега сочинува над 10,5 отсто од БДП и поттикнува повеќе од 40 отсто од економскиот раст.
Животот на нашиот народ добива нов динамичен лик. Нашата влада останува цврсто посветена на пристапот кон развојот во чиј центар е човекот. Досега, извлековме речиси 800 милиони луѓе од сиромаштија, што претставува околу 75 отсто од глобалното намалување на сиромаштијата во истиот период. Воведовме сеопфатен пакет политики што опфаќаат вработување, образование, здравствена заштита, грижа за старите лица и грижа за децата, градејќи го најголемиот систем за социјална сигурност во светот. Сите овие напори се обединети од една цел: да се задоволат растечките стремежи на нашиот народ за подобар живот и да се обезбеди плодовите од модернизацијата да се делат пошироко и поправедно.
Отвореноста и соработката создаваат нови можности. Веќе 16 години по ред, Кина е втор најголем увозен пазар во светот и останува горд домаќин на единствениот меѓународен саем во светот тематски посветен на увозот. Во првите три квартали од годинава, увозот на стоки во Кина порасна за 22 отсто, при што растот на увозот го надмина извозот пет месеци едноподруго. Цврсто сме посветени на градење отворена економија со повисоки стандарди. Како што кинескиот пазар продолжува да напредува, тој ќе обезбеди нови можности за другите економии и ќе внесе нов замав во глобалниот раст.
Дами и господа, Европа е витален партнер во кинеската модернизација. Кина и Европа се поврзани со длабоки заеднички интереси, а она што нè обединува е многу позначајно од она што нè разделува.
Кина воведе еднострана политика за безвизен режим за европските земји, пречекувајќи повеќе од два милиони европски пријатели од минатата година наваму. Железничката линија „Кина-Европа Експрес“ реализираше повеќе од 130.000 патувања, отворајќи ново динамично поглавје во трансконтиненталното поврзување. Само во текот на оваа година, повеќе европски лидери отпатуваа во Кина, а претседателот Си Џинпинг постигна низа важни договори со нив, придвижувајќи ги односите меѓу Кина и Европа со нова динамика.
Во текот на првите осум месеци од оваа година, билатералната трговија со стоки меѓу Кина и Европа достигна вредност од околу 630 милијарди американски долари, што претставува зголемување од 8,1 отсто на годишно ниво. Минатата година, увозот на високотехнолошки производи од Европа во Кина порасна за 11,1 отсто, а Европа оствари суфицит во трговијата со услуги со Кина во износ поголем од 48 милијарди американски долари. Покрај трговијата, кинеските компании во Европа отворија повеќе од 260 илјади работни места на локално ниво, што ја истакнува длабоката интеграција на нашите економии.
Како дел од европското семејство и важен партнер во соработката меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦEEЦ), Северна Македонија негува вредни односи со Кина. Во текот на изминатата година, билатералните контакти на различни нивоа станаа сè поблиски. Претседателот Си Џинпинг и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одржуваат редовна комуникација преку преписка. Неодамна, премиерот Ли Чијанг упати честитки до премиерот Христијан Мицкоски по повод 35-годишнината од независноста на Северна Македонија. Оваа година, Кина ја посетија тогашниот заменик-претседател на Владата Иван Стоиљковиќ (сега министер за локална самоуправа), гувернерот на Централната банка, министерот задолжен за интеграција и спроведување на Стратегијата за вклучување на Ромите, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, заменик-министерот за финансии и заменик-министерот за животна средина, како и македонски новинари. Повеќе од 160 претставници од Владата, бизнис-секторот, академската заедница и други сектори учествуваа на семинари и програми за обука во Кина. Во Кина успешно се одржа првата работилница за Македонија на тема за урбано управување и управување со отпад, со што се придонесе кон градењето капацитети во земјата.
Врските меѓу луѓето и културните врски стануваат сè подинамични. Операта од Сечуан и Симфонискиот оркестар од Нингбо настапија на сцените во Северна Македонија, додека кинески уметници, дизајнери, писатели и поети го претставија својот талент на фестивалот „Охридско лето“, Меѓународниот фестивал „Илинденски денови“, „Струшките вечери на поезијата“, Модната недела во Скопје и меѓународниот фестивал за танц „Креденс“.
Оваа година, во Кина беше објавена посебно избрана збирка поезија од македонски автори, на кинески, македонски и англиски јазик. Покрај настапите на сцена, кинеската опера најде свое место во македонските училишта, а македонски ученици патуваа во Кина на летни кампови и во рамките на програмата „Кинески мост“. Размената меѓу универзитетите, експертите и научниците сега е почеста од кога било. За неколку дена, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) ќе пречека делегација од Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг (кампусот во Гуангџоу) за да разговараат за продлабочување на соработката.
Претходно оваа година, во Кина за првпат успешно се одржа Фестивалот на македонски филм, а следната недела во Скопје ќе започне првиот Фестивал на кинески филм, по што ќе следуваат проекции во Битола, Велес, Куманово и во Кочани.
Спортот, исто така, се покажа како жив мост на пријателството. Кинески тимови во таеквондо и ракомет се натпреваруваа во Скопје, додека претставници на Македонскиот олимписки комитет и млади играчи на пингпонг патуваа во Кина на подготовки. Во меѓувреме, кошаркарски тренери и фудбалери најдоа нови можности за професионален развој во Кина.
Пред само две недели, олимписките и светски шампиони Јан Сен и Џанг Јининг ги предводеа младите кинески пингпонгари при нивната посета на Скопје за првиот заеднички камп за обука во пингпонг за млади од Кина и Северна Македонија. Таму, повеќе од 30 млади играчи од двете земји тренираа и се натпреваруваа рамо до рамо, отелотворувајќи го самиот дух на спортската дипломатија. Практичната соработка исто така добива силен замав. Откако ја презедов должноста, имам посетено речиси 30 општини низ земјата. Пред само неколку дена, градовите Јиву и Кавадарци потпишаа меморандум за разбирање за пријателски односи и размена. Исто така, успешно беше инаугурирана Кинеско-македонската стопанска комора. Советот за унапредување на меѓународната трговија на Нингбо, како и неколку кинески деловни делегации, ја посетија Северна Македонија. Минатата година, трговската размена меѓу Нингбо и Северна Македонија забележа годишен раст од 21,4 отсто, при што увозот на електромеханички производи од Северна Македонија во Нингбо надмина три милиони американски долари. На терен, компанијата „Нингбо џојсон електроникс“ (Ningbo Joyson Electronics) воспостави силно присуство во Кичево, отворајќи повеќе од 1.400 работни места за локалното население. Потесната соработка меѓу општините, претпријатијата и другите сектори ќе донесе уште повидливи придобивки за народите на двете земји.
Дами и господа, со оглед на тоа што нашите економии се висококомплементарни, а нашето пријателство длабоко вкоренето, не недостасуваат примери за успешна соработка од која сите имаат корист, а допрва нè очекуваат уште многу такви примери.
Сакам да упатам искрена благодарност до сите вас, како и до пријателите од сите сектори, за вашата постојана грижа и поддршка. Длабоко сум убедена дека сè додека се водиме од принципите на меѓусебно почитување и рамноправност, ја продлабочуваме меѓусебната доверба преку објективност и разум и продолжуваме да го поддржуваме успехот на другиот, односите меѓу Кина и Северна Македонија ќе чекорат кон уште посветла иднина. Н.М.


































