ПО СЕДУМ КОЛА НА ШАХОВСКАТА ОЛИМПИЈАДА

Машката репрезентација на Македонија во 7. коло го доживеа и третиот пораз на 46. Шаховска олимпијада (ШО) во Самарканд (Узбекистан) од Израел (рангиран 22. пред ШО 2026), со 3-1. По ова коло, Македонија (рангирана 56-та пред ШО) е на 59. место со осум бода меѓу 206 репрезентации. Во водство со 14 бода е првата селекција на Узбекистан, пред Холандија, Индија, Германија, Азербејџан и Ерменија со по 12 бода. Во вчерашното осмо коло Македонија играше со ОАЕ (рангирана 95.).
Во женска конкуренција, Македонија ја оствари четвртата победа, овој пат против Јапонија (рангирана 112-та) со 3-1. На четири кола до крајот на ШО 2026, Македонките (рангирани 75-ти пред почетокот) се на 77. место со осум бода меѓу вкупно 190 селекции. Во водство со по 13 бода се Кина и Казахстан, трета е Индија со 12 бода итн. Вчера Македонија за ривал ја имаше БиХ (рангирана 49.). И во двете конкуренции титулите ги брани Индија.
Израел – Македонија 3-1: ВМ Максим Родштеин (2.576) – Емил Ристески (2.426) реми, ВМ Авитал Боручовски (2.529) – ФМ Антон Златков (2.422) реми, ВМ Идо Горштеин (2.560) – ИМ Тони Лазов (2.394) 1-0, ВМ Јахли Соколовски (2.546) – ИМ Филип Панчевски (2.422) 1-0.
Јапонија – Македонија 1-3: Азуми Сакаи (1.862) – ЖФМ Моника Стојковска (2.080) 0-1, Рика Митсујама (1.752) – ФМ Моника Жежовска (1.990) 0-1, Ами Като (1.755) – Сања Трајковска (1.896), Елизабет Иванов (1.739) – Катерина Петровска (1.873) 1-0. Г.И.