Новинарска опсервација: Аферата „Влора Хисени“ како повод
- Како шефицата на албанската разузнавачка служба заврши во куќен притвор и зошто разузнавачко-политичката афера „Влора Хисени“ отвора прашања што ги засегаат Косово, НАТО и Македонија
- Аферата „Влора Хисени“ не е само истрага за висока корупција. Имено, во средиштето на истрагата е носителот на највисоката функција на
една разузнавачка служба, кој станува предмет на истрага за откривање доверливи информации. А особено е чувствително тоа што станува збор за функционерка што претходно била висока фигура во косовската разузнавачка структура и која во 2025 година претседавала со Комитетот за цивилна разузнавачка соработка на НАТО
Пред неколку дена, поточно на 21 септември, во Тирана се случи нешто што поретко се гледа во европскиот безбедносен систем. Имено, актуелната директорка на националната разузнавачка служба беше ставена под мерка куќен притвор и суспензија од должност. Станува збор за Влора Хисени, директорка на ШИШ (SHISH) – Државната разузнавачка служба на Албанија. Одлуката ја донесе Специјалниот суд за корупција и организиран криминал (ГЈККО), по барање на СПАК (SPAK), во рамките на кривична постапка отворена уште во 2025 година. Според јавно објавените податоци, Хисени е под истрага за кривични дела поврзани со помагање на сторител на кривично дело и откривање/издавање тајни информации. Во истата истрага се опфатени и други лица, а случајот води кон пошироката афера околу АКШИ (AKSHI), албанската Национална агенција за информатичко општество, и основано сомнение за наместени јавни тендери. И токму тука приказната станува многу посериозна бидејќи прашањето повеќе не е само дали имало корупција во јавните набавки туку истрагата се отвори и околу прашањето „дали информации од самиот врв на албанската разузнавачка служба стигнувале до лице што било предмет на истрага на СПАК“.
Разузнавачка трага води кон бизнисменот Ергис Агаси
Центар на истрагата, според албанските медиуми, е бизнисменот Ергис Агаси, кој во август беше уапсен во Драч во рамките на истрагата за АКШИ. СПАК го товари за повеќе сериозни кривични дела, меѓу кои незаконска конкуренција со употреба на сила, незаконско лишување од слобода, нарушување на еднаквоста на учесниците во тендери, структурирана криминална група и други дела. Според албанските истражувачки новинари, токму преку истрагата против Агаси биле откриени комуникации што ја довеле Хисени во фокусот. „Ора њуз“ објави дека истражителите анализирале комуникации меѓу Хисени и Агаси и дека постојат сомнежи оти таа му пренесувала информации добиени по службена должност. Медиумот тврди дека меѓу материјалите пронајдени во возилото на Агаси имало и девет големи отпечатени дијаграми со податоци што наводно личеле на материјали произведени од ШИШ. Ова, сепак, се медиумски пренесени наоди од истрагата, а не правосилно утврдени факти. Уште посензитивно е тоа што албанските медиуми известуваат за телефонски комуникации меѓу двајцата. Според „Ора њуз“, во материјалите што ги имаат истражителите се појавуваат и интимни формулации во комуникацијата меѓу Хисени и Агаси. Истото известување тврди дека Хисени во распит признала дека комуницирала со Агаси и дека од него добивала информации поврзани со ШИШ, но негирала физички средби и соработка со него. Тоа е суштинска разлика. Постои комуникација – но што точно значела таа комуникација, какви информации биле разменувани и дали станува збор за кривично дело, треба да утврди судската постапка.
Од Косово до Тирана: Необичната кариера на Влора Хисени
За македонската јавност оваа приказна има уште една димензија. Хисени не е класичен албански разузнавачки кадар. Нејзината кариера започнува во Косово. Таа работела во косовската разузнавачка служба – АКИ и во 2019 година станала заменик-директорка. Во 2021 година претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти ја разрешиле од функцијата заменик-директор. Во официјалното соопштение од кабинетот на косовскиот премиер не се наведува причината за разрешувањето. Но документот е интересен поради друга причина. Имено, документот експлицитно потсетува дека Хисени била обврзана да ги чува сите класифицирани информации до кои дошла во текот на службата. Подоцна, според албанските медиуми, таа ја напуштила АКИ. Тогаш започнува нејзиниот втор живот – во Тирана. Прво станува советничка за безбедност во кабинетот на Еди Рама. Потоа, во март 2023 година, Рама ја предлага за директорка на ШИШ. Рама тогаш ја претставува Хисени како професионалец со големо искуство и меѓународен углед, давајќи ѝ „целосна доверба“ за понатамошната реформа на службата. На 3 април 2023 година претседателот Бајрам Бегај ја именува за директорка. И тука се појавува првата голема иронија на целата приказна. Во Тирана на врвот на разузнавачкиот апарат доаѓа лице чие претходно разрешување од врвот на косовската разузнавачка служба никогаш јавно не доби детално образложение. Тоа само по себе не докажува никаква незаконитост, но денес, по отворањето на истрагата против Хисени во Албанија, старото прашање повторно излегува на површина.
Дали Тирана во 2023 година знаела нешто што јавноста не знаела?
Ова е едно од клучните прашања што ги отвора аферата. Во март 2023 година, кога Рама ја предложил Хисени за шефица на ШИШ, албанскиот опозициски пратеник Газмент Барди барал претседателот да добие целосни информации од косовските институции за причините за нејзиното разрешување. Албанскиот истражувачки портал „Репортер“ денес потсетува дека Рама бил прашан дали преку контактите со Курти и косовските власти ги проверил причините за нејзиното разрешување, но тој не дал директен одговор на тоа прашање. Неколку дена подоцна Бегај ја назначил Хисени. Ова не е доказ дека назначувањето било погрешно, но од денешна перспектива е релевантна институционална трага бидејќи кога една држава поставува човек на чело на својот национален разузнавачки апарат, прашањето за претходната безбедносна проверка станува фундаментално.
Од Вашингтон и Брисел до куќен притвор
Иронијата станува уште поголема кога ќе се погледне меѓународниот профил на Хисени. Како директорка на ШИШ, таа не била маргинален функционер. Во септември 2025 година официјалната страница на НАТО ја регистрира нејзината посета на седиштето на Алијансата во Брисел, каде што се сретнала со генералниот секретар Марк Руте и со тогашната заменик-генерална секретарка Радмила Шекеринска. Според албанскиот истражувачки портал „Репортер“, во 2025 година Хисени претседавала и со Комитетот на НАТО за цивилна разузнавачка соработка (Civilian Intelligence Committee – CIC). Истиот извор наведува дека имала контакти со американски и НАТО-разузнавачки структури и дека била дел од високи меѓународни делегации. Тоа ја менува тежината на аферата имајќи го предвид фактот дека ШИШ не е само албанска институција туку е дел и од разузнавачкиот екосистем на НАТО. А кога шеф на национална служба е обвинет дека можел да открива доверливи информации, природното прашање не е само „што знаел Агаси“ туку и „кои информации можеле да минат низ системот на ШИШ и каде можеле да завршат“. Во моментов нема јавен доказ дека биле компромитирани информации од НАТО или од странски партнерски служби. Тоа е токму границата што треба да се почитува. Но безбедносната логика на случајот го прави тоа едно од прашањата што неизбежно ќе ги интересираат партнерските служби.
Рама: Одговорноста е индивидуална
Само неколку часа по објавувањето на мерките против Хисени, албанскиот премиер Еди Рама од САД соопшти дека ја разрешил од функцијата. Според „Репортер“, Рама инсистирал одговорноста пред правосудството да биде индивидуална и да не се префрла автоматски врз владата.
Тоа е важен политички момент затоа што аферата отвора две паралелни линии: кривичноправна: што точно направила Хисени; и политичко-институционална: како лице со толку чувствителна позиција можело да се најде во ситуација да биде предмет на ваква истрага. Овие две прашања не треба да се мешаат. Евентуалната лична одговорност на Хисени не значи автоматски институционална или политичка одговорност на Рама. Но исто така институционалната одговорност не може да биде целосно игнорирана само затоа што кривичната одговорност е индивидуална.
Опозицискиот одговор беше жесток. Беа побарани итно свикување на Националниот совет за безбедност и парламентарна расправа за последиците од случајот. Но овде треба да се направи важна новинарска разлика. Тврдењата на опозицијата дека ШИШ бил „контролиран“ од Агаси или дека информациите системски оделе преку политички структури се политички обвинувања, а не утврдени факти. Тие се релевантни затоа што покажуваат како аферата се претвора во политичка криза. Но доказите за нив треба да ги обезбеди истрагата.
Има ли аферата безбедносна тангента што ја допира Македонија?
Ова прашање станува особено интересно за македонската јавност. Македонија, Албанија и Косово се дел од еден поширок регион. Тие земји се соседни и одредени политичко-безбедносни состојби се прелеваат:
◦ две држави се членки на НАТО, а Косово функционира како дел од Алијансата;
◦ имаат директни безбедносни интереси на Западен Балкан;
◦ нивните служби разменуваат информации преку билатерални и мултилатерални механизми;
◦ Албанија и Косово имаат исклучително густа политичко-безбедносна интеракција;
◦ Македонија е непосредно изложена на последиците од безбедносните случувања во Косово и во Албанија.
Затоа падот на шефица на ШИШ не е само „туѓа афера“. Засега нема индикатори дека во случајот „Хисени“ се компромитирани македонски државни тајни, информации од Агенцијата за разузнавање или информации споделени со Македонија. Но постои еден друг предизвик, имено колку е безбедна регионалната размена на разузнавачки информации ако еден од јазлите во мрежата се најде под истрага за можно откривање доверливи информации, со оглед на фактот што таа имала и блиски контакти со високи функционери на политички функции во земјава од албанскиот кампус, кои биле и носители на државни функции. Тоа е прашање што македонските институции можат легитимно да си го постават без да се мешаат во албанската истрага. Р.С.
Косовската трага е можеби најчувствителниот дел
Хисени е фигура што ги поврзува Тирана и Приштина. Таа работела во АКИ. Била заменик-директорка. Била разрешена во 2021 година. Потоа преминала во тимот на Рама. Во 2023 година станала директорка на ШИШ. И за само две години стигнала до едно од најчувствителните места во европскиот разузнавачки систем. Денес е во куќен притвор. Тоа создава еден необичен безбедносен круг: Приштина – Тирана – НАТО – повторно Приштина. И тука лежи можеби најголемата регионална димензија на случајот. Не затоа што постои доказ за некаква „операција“. Таков доказ во јавноста нема. Туку затоа што истиот човек поминал низ два национални разузнавачки система и стигнал до позиција на високо ниво во НАТО-разузнавачката координација.
А еден детаљ од аферата е особено интересен. Имено, на денот кога албанскиот суд ја определил мерката, Хисени не била во Тирана. Таа била во Баку, на меѓународен состанок со раководители на разузнавачки служби. Тоа е потврдено од повеќе регионални медиуми. Според албанските медиуми, потоа преку Косово се вратила во регионот и им се предала на властите. „Репортер“ извести дека Хисени им се предала на косовските власти на преминот Врмица и потоа им била предадена на албанските власти за спроведување на мерката. Сцената речиси изгледа како шпионски трилер: шефицата на националната разузнавачка служба, која во странство учествува на меѓународен состанок, во истиот момент е лице под судска мерка во сопствената земја. Р.С.
Што сè уште не знае јавноста?
Од јавно достапните информации сè уште не е можно со сигурност да се одговори:
◦ кои точно класифицирани информации се предмет на истрагата;
◦ колкав бил нивниот обем;
◦ дали информациите биле само за тековната полициска истрага или имале поширок разузнавачки карактер;
◦ дали биле компромитирани информации добиени од странски партнери;
◦ дали некој друг од политичкиот или безбедносниот врв знаел за комуникацијата;
◦ дали случајот е индивидуално однесување на Хисени или открива поширок институционален проблем;
◦ дали материјалите што биле пронајдени кај Агаси навистина потекнувале од ШИШ – нешто што треба да биде докажано, а не само медиумски претпоставено.
И токму овие непознати точки ја прават аферата исклучително интересна за пошироката регионална јавност. Р.С.
































