- Гоце велеше дека „светот треба да е место за културен натпревар“. Твојот народ е на дното, учителе! А Националната библиотека е гробница!
Дали Македонецот го заслужил дното? Генијалните деца Македон и Мартина во НАСА може да бидат врв на врвот, а целината да биде „Титаник“ - Последни на ПИСА-тестот. Македонија е меѓу последните шест во светот. Ние сме Самуилови војници слепооди. Дали сфаќате? Неписменоста е
богохулење. Незнаењето е сандак на историјата и гроб на македонизмот
Срам. Тектонски срам. Ете, така го почнувам овој текст, доживувајќи повреда за нешто што е свето – образованието. Последни на ПИСА-тестот. Македонија е меѓу последните шест во светот. Тестот покажува „критичко мислење и решавање проблеми“ со читање, математика и наука – т.н. мета-мислење (OECD „Pisa test”). База на животот се кислород, храна и мислење. Затоа, ова е тотален срам – инфостагфлација – срам за системот, срам за политичарите, срам за наставниците и професорите, срам за медиумите, срам за културните работници, срам за граѓаните, срам и за мене, кој сум во оро со 1,8 милион несреќници! Ние сме Самуилови војници слепооди. Дали сфаќате? Да, да, ама никој не реагира! Гајле ви е! Последни – значи, практично, неписмена нација. Цар Давид пред 3.000 години наредил сите да се описменат за да ја читаат Библијата. Знаењето е Бог. Неписменоста е богохулење. Незнаењето е сандак на историјата и гроб на македонизмот. Ах, да-да, телефончиња – сите вртат и тоа го нарекувате писменост. Никогаш не сум имал големо мислење за западното школство, а да си последен значи колективна дислексија!
Еве искуство. Во една западна земја на секретарката на топ установа шеговно ѝ кажав дека се викам Џозеф Сталин. Таа ме најави како „мистер Сталин“ и понатаму ме викаа „мистер Сталин“, без да знаат кој е тој. Другпат ме викаа „мистер Бах“. Ви се верува ли? Е па, ако тие се подобри од нас, значи ние сме дно. Срамно! Нели Гоце велеше дека „светот треба да е место за културен натпревар“? Твојот народ е на дното, учителе! А Националната библиотека е гробница! Дали Македонецот го заслужил дното? Генијалните деца Македон и Мартина во НАСА може да бидат врв на врвот, а целината да биде „Титаник“ и „Вилхелм Густлоф“? Охрид го има првиот универзитет на Климент Охридски во 893 година, пред Болоња во 1088 година. Некои ја сметаат школата на Фатима во Фез-Мароко од 859 година за прв факултет, но тоа била џамија-медреса. А министерката за образование? Ќе ја „каменуваме“? Ама сите сме виновни – каменување како Ирена Папас во филмот „Грк Зорба“ – помните? Нашево е плачи, па сеири. Таа е растрчана, но аутпутот е тој – последни! На дното! Нула! Како бедуините и амазонците – со камили и мајмуни. Да, одговорност бараме – ама виновни сме сите. Сите сме бедуини и паупер-носталгични. Еротски примитивен нихилизам! Ако си нула, и потребите се нула. Нула е комфор. Ако си нула – си „добар дечко“, имаш другари и не ти завидуваат. Ако си амбициозен со постигнувања, немаш другари и те јадат од завист. Така има општества со другарства, такви без другарства и такви со виртуелни другарства. Западот е интерес, а истокот е другарство – со интерес. Влечеме стари навики што се потхранети од политичарите – „шпагети-политика“ – ехо од претходен систем – премин од псевдосоцијализам во псевдокапитализам. Количникот образование версус имиграција се качува експоненцијално – „демографска дистрофија“. Кој има интерес од безмозочна маса? Феудализмот и мафијата.
Феудализмот е историски симбол на експлоатација, а мафијата е капиталистички поим – алтернативен пазар на забранетото. Присутна е сегде – чичка. Учените ѝ пречат на мафијата. Противник на мафијата е друга мафија. Мафијата е дрога-зависност, а системот е зависност од мафијата. Ќе ги пратат во Хаг? Хи-хи… Марија Антоанета вели „ако немате нафта, шиткајте кокаин“! Понатаму: Канада во ЕУ – нов „комонвелт“ – салто на светот. А Македонија? Единствена шанса е знаењето! Когнитивна револуција! Размислете!
Интересен податок слушнав од генералот академик Михајло Апостолски, пријател на родителите. Веднаш по војната во 1945 година направиле анкета и утврдиле дека 95 отсто од населението е неписмено. Практично, „најучени“ индивидуи беа воени лица и свештеници. Итно организираа т.н. вечерни школи за описменување и основно образование. Народот се бунеше велејќи „што има да учиме, треба да работиме“! Подоцна измислија „виши школи“ и произведуваа т.н. погонски инженери и учители. Во 1949 година по налог на „централната власт“ во Белград – со Милован Ѓилас и Моша Пијаде, преку академик Харалампие Поленаковиќ, создаден е Универзитетот „Кирил и Методиј“. Медицинскиот факултет постоел и пред тоа, во 1947 година, со најеминентни професори од Југославија и Германија (по казна). Беше еден од најсилните на Балканот. Брзо се создаде маса од учени луѓе, а не беа свесни дека таа маса ќе го сруши комунизмот. За пад на комунизмот фактори се хипередукација и хиперкорупција. За да не дава многу пари за плати, државата „дозволуваше“ корупција и шверц. Едукацијата и корупцијата се во фид-бек и фид-форвард зависност. Сега имаме мафи-факултети, инфлација на дипломи, етнобилмези – коруптивен трансвестицизам. Маса на псевдоинтелектуалци и буљ-фаци. Ете го тест-резултатот. Неколку вистини. Знаење само на факти без креација е заробена светлина. Без интерес – нема ни факти. А без мотивација нема интерес. Мотивацијата е мотор на кинеското и јапонското чудо. Ако му веруваме на принципот Парето, 20 отсто од учениците се мотивирани, а 80 отсто немотивирани. Мотивацијата е сила (vis viva на Њутн и Лајбниц). Ако системот форсира многу едукација, таа иницира револуција. Затоа се појавува парадоксот во развиените земји едукацијата да не е на нивото на развојот. Најразвиениот капитализам има едукација на ниво на феудализам. Зошто? Па, да спречи револуција. Ако си многу умен, те нарекуваат „идиот“ и леташ на улица. Познавам учени уличари. Има два вида на улици. Едната те прави бездомник, а другата те прави генијалец (те едуцира). Улицата во капитализмот е кралица на школите. Паметен си ако се наместиш. Сепак, има елитни школи што се столбови на напредокот. Компетицијата е дарвинизам во едукацијата. Двата вида на компетиција се „интерна“ (внатре во држава или град или школа) и „екстерна“ (меѓу држави, системи или сојузи). Компетицијата го дига умот, а го кине срцето. Еден пример во време на моето детство е Јуриј Гагарин, првиот космонаут што ја заобиколи Земјата со сателит. Во САД вознемиреноста беше огромна, бидејќи „заостануваа“ во космичката наука зад СССР, па претседателот Кенеди нареди да се истражи која е причината. Најдоа дека тоа е стагнација на едукацијата, особено математиката и физиката, па се воведе ригорозност во учењето на овие предмети.
Некогаш учењето било на приватна база (како на пример учењето на Александар кај Аристотел), сега едукацијата е институција. Значи, образованието е институција – почитување правила и строгост, при што се јавуваат девијации. Тие девијации може да бидат индивидуални и колективни. Актери се наставниците и учениците. На пример кај нас во педесеттите години од минатиот век помнам дека имаше колективна одбивност кон учењето. Ако беше одличен ученик, те нарекуваа „бубалица“ некаков лигавец, „тепих“ на системот. Улицата учи дека системот „тоа го прави за себе, а не за тебе“. Или пак бубалката е „буржоазија“, а нам како „аграрна класа“ не ни треба учење. При еден увид во стручни школи (ЕМУЦ, ГУЦ) во 1970-тите години видов дека сите оценки беа единици, ниедна двојка. Ги прашав наставниците за тоа и ми рекоа „па, такви се децата, не учат“. Психоаналитичарите велат дека постои „бојно поле“ меѓу свесната социјализација и потсвесните нагони. Потсвесното е отпор кон родителите, општеството и „присилата“ од институциите. И „одличниот ученик“ е војна на високото себе со силен систем и напаѓа со перфекционизам како херојство. Трите основни „репресии“ кај Фројд се: 1) репресија на потсвеста (ерос, танатос, его) – репресија е „кастрација“ и губење на „саканото“ (да си топ-султан); 2) трансфер од родители кон учителот – проекција од саканост кон строгост; 3) трансфер на системот: социјализам, капитализам, религија. Лакан зборува за „симболичка лингвистичка“ тортура како алиенација, „мастер дискурс“ (наставникот како апсолутен диктатор)… судир на реалното со интимното. Јунг ја критикува „прематурната рационализација “ – потсвесноста е сума на архетипови, која се судира со прематурната рационализација, антииндивидуалност, формулирано мислење, наметнат мит, епистемна аутопсија, „реквием“, хорор од ентропии, спиритуалност, идеологија, дадена култура… културата е формула, „тиранија на перформансот“, а не изворност. Аутпутот е компулзивна параноја кон институцијата, едукацијата е агресија, тестот е „кастрација“, а реакција е бегање кон евакуација, фуга (Дебора Брицман, Питер Таубман, Тамара Биби и Џефри Мирер). Втора компонента е наставникот. За мене учителката од основно (Љубица Левкова) беше „втор родител“, ангел-спасител од вечната вина (еврејски комплекс) со спас во модерен македонизам, гоцевизам, кој беше за мене „излез од Аушвиц“ – во правец на македонски јазик, математика и воопшто епистемна пропедевтика. После, како родител научив дека сега не е така. Кај нас сега учителот се поставува како демон, фараон, ајатолах на духот, Левијатан кој е небесна иманентност – ангел на бескрајниот страшен авторитет. Наставникот првата недела им става на сите („несимпатичните“) единици, ги стаписува, „хороризам“, тој станува оној митски „Голем“, „Минотаур“, „Букавец“, „Ал-Гул“ или Аполион – страв. Страв е небесниот демон покриен со маска на „знаење“. Мисли дека учениците се „пирани“ што го јадат неговиот комфор – проекција на неговите фрустрации и потсвесен „еротски пораз“. Целиот систем е демонологија на „учење како страв“. Тестови, единици, закани, бркања, секвестрации, комплексирања – инквизициски инструменти на модерното школство. Родителите избезумено бараат врски и образованието е врскаџиски карневал. Булингот е антиоргазам кон институциите, другарите („предавници“, „змии“) и дома. А вулнерабилните групи? Жени, деца без родители, хендикепирани, во социјални потсостојби…. До пред 100 години за жената било ужас ако се школува. Нобеловката Рита Леви Монталчини кажува дека фамилијата се срамела од неа оти била лекар. Симон де Бовоар вели „доста со доместификација“ на жената и доста „еднаквост“ туку компетитивност, или Чамберс против алтерирање на структурата на телото, или Јудит Батлер против „фашизмот“ на бинарноста на полот, или Франсоаз Верж – со остаток од колонијализмот, капитализмот и империјализмот, жената е предмет во замокот, или архетип на „другоста“ (Левинас). Љубовта е неплатена работа, вели Силвиа Федеричи. А децата без родители? Уф, го знам проблемот.
Ги викаат „домци“ и ги презираат. Знам, не ми кажувајте гачки. Мирот е војна каде што буниште се овие деца. Мирно си спиете, а децава се исфрлок на вашите блудосркања. Вие сте тоа, а не само системот! И кој е епилогот? Злоупотреба, дрога, проституција, бездомници, органи… ах, да, да, тоа го нема на тестовите. Што да се прави со незнаењето? Предлагам 4 точки: 1) воведување „вонредна состојба“ за образованието; 2) вовед на аксесорен предмет за секојдневно вежбање на тестовите (ПИСА); 3) секое предавање во последните 15 минути да има ПИСА-тип на проверка; 4) СМУП – синергија на мислења на ученици и професори.
И сексуалното подучување е споменато. Зар улицата и Холивуд не се доволни? Во мое време се срамевме на филм да гледаме бакнување. А сегашните филмови… ајдееее! Црквата сака да забрани „сексуализирање“ на школството, ама во тоа успева само џихадизмот. Ако нема правила, нема ни последици! Е па, вака: кој не сексира млад, ќе го прави тоа на старост – карикатурно. А кој хиперсексира, излегува од одговорноста. Море сексај денес, утре ќе сексаш дигитално со АИ и ќе се размножуваат машини (Lauren Bialystok)! Кај животните сексира најсилниот. Другите фрчат, се групираат и го убиваат најсилниот. Тоа Фројд го нарече „анимална револуција“ или „анимален марксизам“. Значи – сексот е политика, па насилство, болест и социопатија… Едукацијата не е за да учиш како се секса, туку како да се спасиш! Совет: прашај мајки и пателци! Секс ќе научиш од телефончиња, а спасот – од искуства или пропаст. Спаси се предвреме, а не навреме! Децата се „дијаболо“. Што ако синот еден ден ти каже дека е хомосексуалец? Што ако го променил полот? Што ако има парафилија? Што ако малолетна ќерка ти каже дека е трудна? Што ако има сида? Што ако девојката на синот е проститутка? Што ако е криминалец? Може да се случи? Случено е! Императив е – мисли однапред. Се согласувам со свештениците што се плашат дека „сексуалната едукација“ е стимулатор – вовед во епштајнизам, бласфемија или духовна ектопија. Колку гревови има во еден грев? Ако светец згреши – дали е светец. Дали е тоа во тестовите?
Проф. д-р Самуел Садикарио Колономос
































