Полн музеј – полно срце

Кураторските прошетки, насловени „Најново нормално“, покажуваат една многу важна работа – кога вистински се сака професијата, тоа несомнено дава плод. Тие се спој на љубовта кон Скопје и кон визуелната уметност и желбата за отворена комуникација и срдечно поврзување со луѓето

Музејот на современата уметност викендов сподели фотографии што доловуваат дел од атмосферата од последната мартовска организирана музејска тура низ своите сали. Фотографиите, патем направени од нашата фоторепортерка Маја Јаневска-Илиева, се – вистински мелем за душа. Музејот преполн со разнородна публика, деца, млади, возрасни, пензионери… Заедничка им е љубопитноста за ликовната уметност. Тоа лесно може да се забележи од заинтересираните погледи (фатени од камерата на Маја) вперени во импресивните дела на Петар Лубарда и делата од необичната групна поставка „Пејзаж на вознемиреност“ (тековни изложби што во МСУ ќе бидат отворени уште само до четврток). Глетка каква што ретко се гледа, објава на социјалните медиуми што ќе ви ја наполни душата среде океанот од излишни, мрачни, никому потребни или важни информации…
Под објавата, коментари, речиси сите со изливи на благодарност и одушевување кон кустос-водичката на овие музејски тури Бојана Јанева. А таа скромно одговара – со стикерче срце за публиката, за која вели дека е „како од нејзините најсмели соништа“. И, се разбира, благодарност до целиот тим на МСУ, затоа што е во право кога вели дека ова е заеднички успех, плод на цела група вработени со разностран удел во градењето на изложбите. Некој коментира: „Ова е револуција во музејската дејност!“ Сосема се согласувам. Затоа што музеите не се и не треба да бидат само празен простор, колку и да е чудесна и инспиративна градбата, ниту простор со обесени уметнички дела, кои без никаков дополнителен ангажман чекаат да бидат видени. Такви глетки се имаме изнагледно низ скопските музеи. Полни сали на отворањата, кои само ден потоа зјаат празни.
МСУ покажува дека еден тим напредни кустоси, управа што нуди безрезервна поддршка и малку проширен поглед, иницијатива и свежи идеи се тоа што им треба на овие институции за да живеат полнокрвно, да не станат места што му припаѓаат на минатото, здодевни места што граѓаните со задоволство би ги заобиколувале во своите викенд-прошетки. Против таквиот третман се насочени личната мисија на историчарката на уметност Бојана и заедничкиот влог на тимот на музејот, кои очигледно се успешни – овие културни тури на луѓето им поттикнаа интерес и љубов кон ликовната уметност и им создадоа навика да одат на изложби за викенди, како алтернативен начин на опуштање од работната недела.

МСУ покажува дека еден тим напредни кустоси, управа што нуди безрезервна поддршка и малку проширен поглед, иницијатива и свежи идеи се тоа што им треба на овие институции за да живеат полнокрвно, да не станат градби што му припаѓаат на минатото, здодевни места што граѓаните со задоволство би ги заобиколиле во
своите викенд-прошетки

Кураторските прошетки, насловени „Најново нормално“, покажуваат една многу важна работа – кога вистински се сака професијата, тоа несомнено дава плод. Тие се спој на љубовта кон Скопје, кон визуелната уметност и желбата за отворена комуникација и срдечно поврзување со луѓето. Современа уметничка практика со една и единствена цел – доближување на изложбите до пошироката публика.
За љубителите на современото ликово творештво, МСУ останува да биде најчудесната, најинспиративна музејска институција на современото ликовно творештво, архитектура што има свој концептуален и градежен интегритет. Исклучителен и како форма (градбата е пространа и се шири во сите можни насоки) и како содржина (прикажување на најновите тенденции на домашната и светската ликовна сцена), музејот последниве години сѐ повеќе исполнува и други функции покрај основната – станува активен, флексибилен и инспиративен простор, трибина за локални и меѓународни играчи, место каде што постојано се случува нешто. Наместо да биде празен простор со повремени изложби и збирки по депоата, станува место каде што се цени критичкото мислење, каде што квалитетот на уметничката креација достигнува високи стандарди, иако останува уште многу работа во делот на меѓународната понуда (да не заборавиме дека тука ги видовме некои од великаните на уметноста: Тони Крег во 1996 г., „Флуксус“ во 1997 г., „Урбанитети“ во 2000 г. со низа значајни имиња како Енди Ворхол, Борис Михаилов, Даглас Гордон, Рикрит Тираванија, Франц Вест, Софи Кал, Габриел Ороско… изложбите на Хенри Мур, Салвадор Дали, Хана Хех, Марк Шагал, Виктор Вазарел, Салвадор Дали…).
Како и да е, добро е што музејот полека го редефинира својот начин на работа. Затоа што во отсуството на помасовна туристичка посета, вниманието на и онака малобројната домашна ликовна публика не може да се задржи само со просто ротирање на тековните изложби.