Патувај Европо, не чекај нѐ нас

Нашиве политичари имаат полна уста со Европа, со желби, настојувања, напори да дојдеме до таа Европа, на која уште Горан Стефановски на времето, во „Диво месо“, многу убаво кажа колку ѝ е дојдено до нас. „Ѝ се прди на Европа за вас!“, воскликна незаборавниот Димитрија во претставата за која многумина велат дека се одигрува и денес пред наши очи. Но очигледно дека политичариве ниту читаат нешто ниту пак на театар оделе и одат, освен кога треба да се сликаат на некои парадни настани. Да читале и да гледале, ќе се подзамислеле малку во своето бескрајно повторување на мантрата „Европа, Европа“

Своевремено Ѓорѓе Балашевиќ имаше напишано една пророчка песна „Патувај, Европо“, за состојбата во неговата земја и надежите за приклучување во Европа. Иако најмалку ни е до пеење, зборовите од таа песна и денес се актуелни во оваа наша напатена Македонија. Пред сѐ поради политичарите, кои имаат полна уста со Европа, со желби, настојувања, напори да дојдеме до таа Европа, на која уште Горан Стефановски на времето, во „Диво месо“, многу убаво кажа колку ѝ е дојдено до нас. „Ѝ се прди на Европа за вас!“, воскликна незаборавниот Димитрија во претставата за која многумина велат дека се одигрува и денес пред наши очи.
Но очигледно дека нашите политичари ниту читаат нешто ниту пак на театар оделе и одат, освен кога треба да се сликаат на некои парадни настани. Да читале и да гледале, ќе се подзамислеле малку во своето бескрајно повторување на мантрата „Европа, Европа“.
Која црна Европа ќе нѐ прими вакви никакви. Ете, колку за еден ден две убави илустрации за тоа колку сме и какви за таа пуста Европа. Се плашам дека додека го пишувам текстов однекаде ќе рокне уште некоја поголема „медиумска бомба“ и ќе го направи неактуелен, но овие два примера се вистинска слика и прилика на тоа кои сме и какви сме.
За почеток, веста што дојде од таа лична Европа е дека Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) го ставила под лупа трошењето на парите на ЕУ во земјава. Во последниве пет години, од 36 истраги во земјите од Западен Балкан, половината од нив, односно 18 се во Македонија, се наведува во веста. Натаму се додава дека се очекува истражители на ОЛАФ за кратко време да дојдат овде и да утврдат кој и колку се однесувал домаќински со европските пари. Имено, канцеларијата што е одговорна за ревизија на фондовите за земјите-членки на Европската Унија и другите земји корисници на овие фондови, во изминатите пет години, утврдила дека ние сме шампиони односно земја со најголем број истраги започнати во Западен Балкан.

Е, сега, останува да се види каква ќе биде натаму разврската на овој не толку мал проблем. Имено, европските истражители кога ќе дојдат, а ќе дојдат сигурно, затоа што станува збор за измами со парите на европските даночни обврзници, тешко дека ќе постапат како нивните тукашни колеги. Тие не би требало да имаат многу обѕири за тоа кој е чиј партиски другар, роднина или соселанец, односно прв другар на жена му и така натаму. Освен, се разбира, ако и тие не потклекнат на итроштините на домашните итарпејовци и настрадиноџи, кои и досега добро пливаа низ матните правосудни води, па сега добро извежбани не им продадат и на странциве малку мариовска магла наместо волна.
Но, за тоа нека му ја мислат европските истражители, кои веројатно ќе добијат добри инструкции од нивната тукашна логистика, па нема да потклекнат толку лесно на предизвиците што ги очекуваат.
Ние треба да си ги гледаме нашите проблеми, нашите слики. Втората слика што многу убаво нѐ прикажува во вистинско светло кои сме и какви сме доаѓа од Слупчане. Село во кое дојде комунизмот. А, ако уште не е официјално, кај и да е ќе дојде. Таму, како во комунизмот, сѐ е сечие и ничие. Ете, на пример струјата. Таа е сечија, значи секој може да ја користи колку сака и не мора да плаќа ништо, затоа што е ничија. Според официјалните бројки на ЕВН, на годишно ниво, 80 отсто од потрошената струја се краде, а само третина од 20 отсто од фактурираната електрична енергија се наплаќа. Милина една. Чист комунизам.

Е, ама ни тоа не било како што треба. Сега жителите на Слупчане повторно не ги пуштаат екипите на ЕВН да интервенираат во селото и да го отстранат дефектот, за тоа имаат редица барања. Европски, се разбира. На пример, се бара бришење на сите досегашни долгови, во иднина сметките да не можат да бидат повисоки од 3.000 денари без разлика на потрошената струја, новите приклучувања на системот да бидат бесплатни, се бара ослободување на џамиите од плаќање и уште неколку во тој стил.
Нормално, за да покажат колку се сериозни, жителите на Слупчане предизвикаа дефект со кој неколку села и граничниот премин Табановце ги оставија без струја. Екипите на „Електродистрибуција“ работеа цела ноќ на санација на дефектите и го нормализираа снабдувањето со електрична енергија на селата Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце. Малку подоцна беше предизвикан нов дефект, исто така од месното население на Слупчане, кој ги остави без струја Матејче, Виштица и Никуштак. И овој дефект е саниран и снабдувањето е нормализирано и во овие села, како што е саниран и дефектот на граничниот премин Табановце.
Но горчливиот вкус останува. Што е ова? Не само што ЕВН не може да пристапи до спорните локации за да го отстрани дефектот во селото туку тоа не успеа ниту со асистенција на полицијата. Треба ли посебно да се објаснува што значи кога полиција не може да пристапи и да дејствува на дел од територија на една земја? Им значи ли на надлежните нешто зборот суверенитет? Или, пак, територијален интегритет?
Или, пак, можеби и ние многу претеруваме. Гледаме само Црнила, наместо да се подотераме, да се облечеме во ново и така подготвени да ја пречекаме Европа да дојде и да нѐ покани во своето високо друштво. А ова, ситнициве нели, злоупотреби на европски фондови, немање контрола на дел од територијата на државата, па, нормално, ќе го поттурнеме под тепих. И тоа побрзо и што побесшумно. Затоа, брзо на плоштад. Еве ја Европа, кај и да е, ќе дојде.