Македонски светилник на вистината

Со раѓањето на весникот практично се удрија и темелите на слободното новинарство во земјата, нешто што и денес претставува важен предуслов за демократизација и наше интегрирање во европското семејство. Со самото тоа весникот си обезбедува почесно место во историјата и оттаму улогата и значењето на „Нова Македонија“ не може да се споредуваат со кој било друг медиум во државата. Но мисијата и значењето на весникот продолжува и денес. Би рекле уште поенергично од претходно поради актуелните премрежиња и предизвици пред кои се исправени народот и државата

Во тешкото македонско секојдневие, обременето со мноштво неизвесности, останаа уште празниците, родендените и јубилеите да нѐ разведрат, развеселат и да нѐ охрабрат за да продолжиме понатаму. Да ни дадат сила да издржиме и уште порешително да им пркосиме на сите предизвици.
Tокму еден таков празник, најсветол ден за нас, е денешниот роденден на нашата и ваша „Нова Македонија“, првиот македонски дневен весник. На 29 октомври 1944 година, во селото Горно Врановци, Велешко, во екот на Народноослободителната борба, речиси истовремено со конституирањето на првата слободна држава на македонскиот народ, е отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“. Со раѓањето на весникот практично се удрија и темелите на слободното новинарство во земјата, нешто што и денес претставува важен предуслов за демократизација и наше интегрирање во европското семејство. Со самото тоа весникот си обезбедува почесно место во историјата и оттаму улогата и значењето на „Нова Македонија“ не може да се споредуваат со кој било друг медиум во државата.
Да се опстои 78 години низ сите бури, премрежиња, искушенија, сцили и харибди низ кои минале и сѐ уште минуваат македонскиот народ и држава, а притоа секогаш да се биде на вистинската страна, на страната на фактите, историјата, традицијата, идентитетските обележја, јавниот интерес – со еден збор на страната на граѓаните, е исклучително голема и одговорна задача. Или, би рекол, мисија. Мисија во која се вградени многу генерации.

Затоа емоциите кај сите нас на овој ден се посебни, длабоки и силни како вулкан, бидејќи знаете и чувствувате како минатото, сегашноста и иднината да се среќаваат тука, на едно место и во исто време. На страниците на весникот.
Во таа насока, по повод 78-годишнината на весникот, вреди да се потсетиме и да се осврнеме на одредени клучни одредници од неговата богата историја, кои во овие бурни времиња не смеат да бидат заборавени. Зашто годишнините, меѓу другото, служат и да погледнеме наназад, да им се поклониме и да им оддадеме признание на сите оние што со својот труд и залагање се вградиле себеси низ страниците на весникот и дури потоа да ги продолжиме нивниот пат и нивните идеали.
Јубилејот и значењето на весникот добиваат уште повеќе на тежина во светлината на последните случувања и обиди од некои од соседни држави да се оспорат или да се негираат македонската историја, култура, јазик и идентитет. На Македонија и на македонскиот народ никогаш не им било лесно. Не им е лесно ниту денес. Дури напротив. Се чини како денес да е најтешко, во која било смисла на зборот. Низ сиве овие години се насобраа многу бигор, многу неспокој, неправди, направени отстапки и залудни надежи. Се чувствуваме притиснати од сите страни.
Но македонскиот народ секогаш, и во минатото и сега, имал и има своја потпора, свој силен корен, стамен столб и истовремено сигурна закрила и поддршка секогаш кога било потребно. Ја има покрај себе „Нова Македонија“.
Уште во својот прв уводник, со наслов „Првиот наш слободен лист“, пишуван во 1944 година, се одредуваат и стратегиските начела по кои ќе се води весникот, кои се актуелни и денес.
И денес, 78 години потоа, важат речиси истите начела. Напорите и заложбите за зацврстување на демократските процеси се актуелни и сега, градењето на заедничкиот соживот меѓу македонскиот народ и другите националности што живеат во земјата, зацврстувањето и одбраната на идентитетските обележја, растот на економијата итн.

За значењето и улогата на „Нова Македонија“ многу е кажано и пишувано низ годините. Сепак, по повод денешниот роденден, вреди повторно да се споменат барем неколку факти.
Во „Нова Македонија“ во 1945 година се објавува решението за македонската азбука, при што како нови букви во азбуката се воведуваат: ѓ, ќ, ѕ, љ, њ, џ. Со тоа весникот станува буквар во македонските училишта од кој младите генерации учат да читаат и да пишуваат. Со самото тоа весникот не само што е ризница на македонската историја туку претставува и најголема архива на македонската култура и најревносен борец за македонската национална иднина. Историјата на државата без моќта и силината на пишаниот македонски збор, што се роди во „Нова Македонија“ и се пренесуваше од човек на човек, ќе личеше на пустина. Весникот отсекогаш важел за школа кога се работи за чистотата на јазикот. Тој бил и останува учебник по писменост, јазик, култура… Сѐ што е обележје на идентитетот на еден народ. „Нова Македонија“ единствена го чува и плакатот за референдумот за независност од 8 септември 1991 година, објавен на насловната страница на весникот. Со тоа весникот станува и нишка што спојува два Илиндена. И денес весникот е цврст бедем за одбрана на македонскиот јазик, идентитет, вистински народен глас и сигурен патоказ за иднината. Нашата клучна одредница отсекогаш била потрагата по вистината, заштита на интересот на граѓаните и почитување на професионалните новинарски стандарди.
Весникот и понатаму ќе продолжи да ги негува асномските принципи на вистински народен лист. На вистината и објективноста нѐ обврзуваат и Горно Врановци и славното историско минато како прв македонски дневен весник. Ако во Врановци во 1944-та се создавала историјата, ние денес имаме света должност да ја зачуваме таа историја. Весникот овозможил Македонците да станат свесни за своите корени и таква „Нова Македонија“ треба да им оставиме и на нашите внуци, правнуци и идните поколенија.

Весникот и денес ги продолжува идеалите, на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифовски-Питу, идеалите на АСНОМ. Се залага за македонска нација, јазик, име, култура, идентитет. Тие вредности и по 78 години се загрозени, некој сака да ги оспори, да ни ги одземе. Во таа насока страниците што сега ги испишуваме ќе им дадат претстава и на идните поколенија и идните хроничари какви сме биле, како сме го бранеле својот идентитет, колку сме ја сакале државата. Зашто „Нова Македонија“ е Македонија. Со еден збор, „Нова Македонија“ сме сите ние.
Нека ни е среќен роденденот, да се множат годините и да се вековити „Нова Македонија“ и нашата Македонија.

[email protected]