Кога една империја пропаѓа не барајте морал и вредности

  • Можеби некој ќе сака сега да очајуваме и сета вина на овој свет да ја преземеме како нација, но зошто чувство на вина кога е во прашање ЕУ? Нам тоа не ни е потребно, ние сме креатори на својата судбина, а не на својата вина. И не би требало токму сега да се повикуваме на европски вредности, не е времето за тоа. Кога една империја пропаѓа (неолибералната цивилизација) не барајте морал и вредности. Сето тоа е само историја. Гледајте да се спасите и погрижете се вие да ги зачувате вашите вредности, традиција, култура, музика, па и поезија. Читајте туѓа, но особено сопствена, македонска поезија

Рибарам главно по нашиве загадени рекички. Рибарам со мушичарење, изум на Македонците од Александрово време. Ова би требало да биде македонски национален спорт, ама не е. Прашањето веднаш ми се наметнува – првин да го прогласиме за национално заштитено богатство или првин да ги исчистиме реките? Рибарам најчесто под мостот во Влае. Во средата приквечар млатнав еден клен, но сум фаќал и пастрмки. За чудо ги има?! Ловам по принципот фати-пушти. А Вардар смрди од тоа канализациите. Кутри риби. Кутар Вардар, света река.
Си рибарам и си разговарам со себе, па во дијалогот ми дојде и Мевлана Руми. Не случајно, затоа што деновиве актуелен беше турскиот политичар, би рекол расен, Мевлут Чавушоглу. Мевлана е, а што не е – филозоф, мистик, поет… Пишувал на персиски, а поради монголските наезди од денешен Авганистан ќе се пресели во денешна Турција и таму ќе му биде вечниот дом. Го основал дервишкиот ред препознатлив по своето медитациско вртење спротивно на ротацијата на земјата. А зошто да биде сѐ по некој ред, кога може и спротивно. Што има лошо да веслаш спротивно од ветрот, барем понекогаш? Верувал дека љубовта е основната движечка сила на универзумот. Денес тоа е омразата, а омразата создава болести, патења, војни… И лаги, купишта лаги.
Пред повеќе од десет години како новинар известувач од Стразбур бев во домот на европската демократија, каде што, исто така, се произведуваат купишта лаги и двојни стандарди. Но кој да им верува на Македонците? Еден од тие што ја знаат и препознаваат македонската приказна, која се вика Голгота (и во буквална смисла), е токму Мевлут Чавушоглу. Кога сите во Стразбур по тоа ходниците и многу фалениот хемицикл бегаа и вртеа глава од некој што се претставува како Македонец од Македонија (замислете, па тоа морало да се истакне во тоа време ФИРОМ), Чавушоглу како претседавач со Парламентарното собрание на Советот на Европа прифати интервју со мене. Како и сега пред некој ден и тогаш ги бранеше националните позиции на Македонија – имаме своја држава, свој јазик, свој идентитет, македонски… Ако тој како Турчин тоа не го знае, тогаш кој би го знаел. Секоја чест за Мевлут, кој како и тогаш и сега повика, според принципот на Мевлана, дека љубовта е сила што може да ги зближи народите, а не омразата, која Европа отворено ја покажува кон Македонија. Жално. Но тој ја искритикува Европа, онака саглам.
Можеби некој ќе сака сега да очајуваме и сета вина на овој свет да ја преземеме како нација, но зошто чувство на вина кога е во прашање ЕУ? Нам тоа не ни е потребно, ние сме креатори на својата судбина, а не на својата вина. И не би требало токму сега да се повикуваме на европски вредности, не е времето за тоа. Кога една империја пропаѓа (неолибералната цивилизација) не барајте морал и вредности. Сето тоа е само историја. Гледајте да се спасите и погрижете се вие да ги зачувате вашите вредности, традиција, култура, музика, па и поезија. Читајте туѓа, но особено сопствена, македонска поезија. Таму мудроста во стихови е камуфлирана, па затоа потрудете се да ја најдете. Ова секако дека може да биде универзална порака, но особено е значајна за нас. Се движиме кон небиднина, кон немаркиран простор без светилници и адреси на улици. Се движиме во свет на орди. Ова не е пророштво или обид за гледање во кристалната топка, уште помалку во тарот-карти, не, ова е факт. Европа, новата Европа, веќе е факт, ордите се по улиците, но и по кабинетите, а ние можеме да станеме нејзината посакувана жртва. Нихилизмот е опасен вирус, тој може да оди барабар со еболата, на пример.

За моралот и вредностите објаснети преку една историска паралела. Ова е прашање, а не историска фикција, и за него многу малку се зборува. А треба. Особено од македонска уста на македонски јазик. Едно хипотетичко прашање – како ќе реагираше светот доколку Турција (Османлиската Империја) на времето прогласеше самостојна, автономна, независна Македонија? За тоа имало размислување, а впрочем Македонци седеле на функции на Портата.
Како денес една Бугарија, од двајца родители создадено бебе од епрувета, едниот од руската царска лоза, а другиот од сакскобурготската лоза, Австро-унгарска Империја, би реагирала на такво нешто? Ќе ја признаеше ли денес таа Македонија? Истото важи и за баварска Грција на Отон Првиот, кралот и создателот на модерна Грција (19 век), еден од најфемизираните владетели, љубител на антички баханалии со голи тела. Слична судбина ги снашла и една Албанија и таа со крал, па и Србија, а подоцна СХС, и таму наметнат крал. Ако се прашувате зошто Македонија не добила наметнат крал, навистина можеби имам одговор, но, еве, оставам некој да се произјасни на таа тема. Сепак е важна, но и провокативна.
Ова е воведот за клучното прашање – дали сите овие наши наведени соседи, кои се де факто и де јуре создадени како вазалски држави, ќе реагираат на истиот начин како што и денес, замислете и денес, реагираат на едно ираде (указ или закон) од Османлиите во 18 век кога ја санкционираат Охридската архиепископија (патријаршија). Тоа е во време на владеењето на султанот Мурат Трети. Ќе подвлечам – тоа е закон донесен од нехристијански владетел, иако Османлиската Империја до одреден степен овозможувала верска слобода во рамките на своите империјални граници, особено кога е во прашање Македонија, а тоа име е всушност денешниот Балкански Полуостров, географска одредница создадена од османлиска Турција. Дека станува збор за македонска црква на македонски полуостров доказ е и нејзината јурисдикција, која се протега токму во нејзините географски граници (не етнички). Јурисдикцијата и на територијата на денешна Грција е од причини што во 8 век, кога се удрени темелите на Охридската архиепископија, подоцна патријаршија, Атињаните биле во фаза на рано христијанство, затоа што биле насилно христијанизирани (покрстени) стотина години претходно во времето на Јустинијан од Таор. Како е можно, сите овие земји и нивните (државни) цркви и денес да се повикуваат на указ што е издаден од исламски владетел и сериозно да санкционира седиште на црква веќе етаблирано илјада години.

Уште еднаш – и со бројки 1.000 години. Копајте по другите истории, на други држави и барајте дали и каде има такви примери. И ова не е проблем на Македонија и на Македонците, ова е веќе цивилизациски проблем, затоа што во него се вкрстени и темпларите и крстоносците и масоните и розенкројцери… и не знам кој, заклучно со Фанар (главното зло) и Ватикан (ништо поарно). Кога ќе се рече Македонска црква – реакцијата е – тоа е шизматичка црква. Машала, машала. Но ако ние како Македонци ова не го кажеме, сега кога една империја паѓа и ќе се создаде ново чудо, а знаеме дека работат и епрувети и лаборатории, тогаш, е дури тогаш, ќе имаме причина да си го наметнеме плаштот на сопствената вина зашто не сме го победиле лицемерството.
Кога една империја пропаѓа не барајте морал и вредности. Гледајте да ги зачувате своите, борете се за нив, нема ништо повредно од своето, од тоа што ти го оставил татко ти, нему татко му, дедото, прадедото и песните, приказните и волнените чорапи и поткошули што ги плетела баба ти. Ова треба да го разбереме во новото време, во матрицата што сега ја живееме. И да, не продавајте ја македонската земја, а натаму оди работава!