Спогодбата на Република Македонија со Грција беше постигната со медијација. При тој процес најчест беше зборот компромис. Сосема поинаку се одвива процесот на реализација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија. Во тој процес главен, можеби единствен збор, е зборот ултиматум. Правниците многу добро знаат дека има голема разлика меѓу постигната медијациска спогодба и постигнат договор, разлика што се состои во постапките во текот на преговорите, во поставеноста на државите и во финансиските принадлежности на потписниците и на оние што учествувале лично во преговорите. Историчарите, дипломатите, државниците, војсководците, многу добро знаат што е компромис, а што е ултиматум.
Европската Унија, обидувајќи се да го реши македонско-бугарското прашање наместо да го стави во процес на зреење, се реши да ги употреби алатките за брзо пресекување. Заврзувајќи го современиот Гордиев јазол, самата одлучи реско и грубо да го пресече, на штета на едната страна, на штета на македонскиот народ. Овде треба да се укаже дека уште античките филозофи заклучиле дека пресекувањето на јазолот е само делумно, половично решение што зад себе остава други големи проблеми.
Во македонскиот литературен јазик под зборот компромис (од латинско потекло) се подразбира постигнување спогодба меѓу две или неколку страни со заемни, обострани отстапки. Но толкувањето има поголем опфат. Компромис е вид решение со кое две страни во спорот правејќи одредени отстапки се целосно, половично или делимично задоволни, при што посилната страна сепак има некаква природна предност.
Таков е, на пример, случајот со Спогодбата со Грција, оценета како неправедна, барем според мислењето на голем дел од Македонците дома и во иселеништво. Свежи се сеќавањата на годините кога беше секојдневно бомбардирана од американската и западноевропската тешка артилерија што резултираше со прекрстување на државата со ново име Република Северна Македонија и со губење на голем дел од националниот идентитет.
Спогодбата околу решавање на прашањето за името со Република Грција е решено преку медијација што две и пол децении ја водеше американецот Метју Нимиц. Сето тоа изгледаше како наивна демократска размена на ставови меѓу двете страни во спорот, без видливи знаци на ултимативен притисок за рокови. Поточно, многу нешта беа оставени на испитот на времето, решението сѐ развлекуваше сѐ додека НАТО дефинитивно не се убеди дека Македонија треба биде примена во неговите ровови.
Македонија и Грција беа страни во спорот, Обединетите нации беа покровители на процесот на медијација, но главниот збор сепак го имаше Америка. Кога таа на двете страни им соопшти дека дошло време дипломатските игри да завршат тие завршија. Македонија стана Северна, Грците и покрај големите протести си легнаа на брашното, сите членки на НАТО се согласија дека е исполнет главниот услов и дека нема веќе други примарни услови. Значи, двете страни беа статисти, Америка го имаше главниот збор. Ако се анализира пост фестум, јасно ќе се заклучи дека од неа зависеше конечниот термин, а не од нашето или грчкото противење или прифаќање на дотогашните предлози.
Така беше постигната Спогодбата со Грција. Сосема поинаку се одвива процесот на реализација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.
Договорот со Бугарија, неочекувано и изненадувачки дополнет со два протокола, со таканаречениот француски предлог и со предлози на Советот на Европа, наместо да ги реши, остава отворени голем број политички, историски, образовни и меѓудржавни прашања. Главно на штета на Македонија, поточно на македонскиот народ и на неговото позиционирање во меѓународната заедница на народите. Сите споменати документи не се засноваат на компромиси туку на ултиматуми упатени само на едната страна, на македонската држава. За несреќа, прифатени од бившата македонска власт со последици за сериозно политичко-дипломатско измачување и за внесување на земјата во историска неизвесност.
Терминот ултиматум во меѓународните односи значи барање проследено со закана во случај на неисполнување. Последен и конечен збор, последен услов во преговорите што подразбира дека за понудените услови нема натамошно ценкање. Доколку ултиматумот не се прифати, следуваат нови закани, вета, санкции, финансиски реперкусии, дури и војни. Пораки со ваква внатрешна димензија упатуваат кон Македонија бугарските и дел од европските политичари. Водачи на таа листа сега се Антонио Кошта, претседателот на Советот на Европа, и Марта Кос, комесарка на Европската Унија за секторот проширување на Унијата. Нивниот ултиматум се однесува на исполнување на условот за правење на уставните измени, односно запишувањето на Бугарите во Уставот. Португалецот Кошта го соопшти таквиот ултиматум без дипломатски ракавици при својата последна посета, Словенката Марта Кос, најверојатно ќе го повтори при својата скорешна.
Бугарија заедно со своите сојузници од Европската Унија не направи никакви отстапки во својата политика за признавање на македонската нација и на живиот, реален македонизам. Не признава македонски народ, историја, јазик и писмо. Волкот влакното го менува, Бугарија политиката кон Македонија не ја менува.
Во тој ултиматум се бара да се поништи историјата на Македонија, да не може да бидат зачувани виталните македонски национални и државни интереси. Дури и ако се мисли неволно, но трезвено, ако се прифати фактот дека политиката е вештина на барање на возможното и реалното, останува прашањето до која граница може да се оди во политичката трговија со народот, со неговиот идентитет, јазик и писмо. Се поставува прашањето – каде се границите на ултиматумот од Бугарија кога се знае дека тие бараат Македонците да се откажат од еден дел од своето тело, да се обрежат и национално да се преобратат – од Македонци да станат Бугари, метафорично кажано.
Реализацијата на тој ултиматум подразбира губење на елементарниот политички морал на едно цело општество, отуѓување од сопственото тело, душа и срце, понижување на минатото и навреда на генерациите што дале крв за слободата и самостојноста? Подразбира поништување и негирање на целиот минат труд, на стекнати придобивки, негирање на образовниот систем низ кој поминале илјадници дипломирани научници, професори, инженери, доктори, творци во културниот свет. Подразбира груб напад насочен кон ускратување на националните колективни и индивидуални права на Македонците, на нивните политички и научни слободи на мислење и творење.
Ако тие граници се поминат, што не е исклучено да се случи, тогаш веќе не ќе може да се зборува за политиката како вештина за остварување на реалните државни и национални интереси, туку како за обичен кванташки пазар, за политички бит-пазар на кој се купуваат и продаваат политичките убедувања, историјата, сегашноста и судбината на идните генерации. Големите историски решенија во политиката имаат своја реална вредност ако се засновани на постигнати договори за суштински историски, политички, социјални, економски, културни и други прашања. Тие секогаш пропаѓале кога биле темелени на голи фрази и интереси, ако не се почитувале основните права на една држава или нација.
Бугарско-европскиот ултиматум околу уставните измени е соголен до крајни граници. Наместо решението да се бара во поблиска соработка, во дипломатски, економски, културни, спортски и други области, во создавање линкови меѓу институциите и граѓаните од двете земји, избран е патот на еднострани закани, уцени и притисоци. Во македонско-бугарскиот случај нема ниту грам од пропагираната западноевропска демократија, од европските политички стандарди, од културата во дијалогот, од соседската мирољубива политика, од меѓусебното почитување меѓу народите, од братската блискост. Никогаш не е доцна да се случи тоа. Наместо да виси деноноќно европската секира над главата на Македонија нужно е да се бараат други патишта што ќе понудат обострано (не)задоволство.


































